Свет
Трамп повторува дека го цени Путин, Пенс порача дека „аргументите од минатото“ нема да влијаат врз соработката со Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп повтори во неделата дека го почитува својот русkи колега Владимир Путин, повикувајќи ги оние кои го нарекуваат „убиец“ да размислата за своите оцени, додека неговиот потпретседател Мајкл Пенс порачува дека Трамп нема намера „аргументите од минатото“ да го попречат во соработката со Русија.
Новата ескалација на насилствата на истокот на Украина меѓу силите лојални на прозападните власти во Киев и рускојазичните бунтовници оваа седмица, некои американски политичари и членови на новата администрација ја искористија за критики на сметка на Москва со закани дека ќе ги задржи санкциите против Русија.
Меѓутоа, во неделата во интервјуто кое во целост ќе го емитува телевизиската мрежа Fox News пред финалето на Супер Боул, американскиот претседател Доналд Трамп уште еднаш ја истана и бранеше својата намера да ги затопли односите со рускиот колега по должност Владмир Путин.
„Јас го почитувам (Путин), но тоа не значи дека со него ќе се согласувам“, рече Трамп.
„Траба да се согласуваме со Русија, подобро отколку да е обратно. А доколку Русија ни помогне во борбата против Исламската држава…., и против исламскиот тероризам ширум светот, тоа е добра работа“, додаде американскиот челник.
На тврдењето на водителот дека Путин е „убиец“, Трамп неочекувани ја повика Америка да размисли за себе, „Многу убијци, многу убијци. Зарем вие мислите дека нашата земја е невина?“, возврати со прашање Трамп.
Американскиот потпретседател Мајкл Пенс истовремено во интервју за телевизијата NBC News истана дека Трамп нема намера да дозволи „аргументите“ на досегашната администрација да ја попречи можната соработка со Русија и со нејзиниот челник Путин.
Притоа Пенс истакна дека сегашната администрација ќе се води единствено од интересите на американскиот народ и ќе го следи начелото „Америка пред сé“.
Пенс потсети дека Трамп во текот на изборната кампања „ја истана потребата од преиспитување дали може да се започнат нови односи со Русија, а исто така, дека доколку можеме да соработуваме со нив, тоа ќе биде добро за целиот свет“. Особено во овој поглед американскиот потпретседател ја издвојува борбата против Исламската држава.
„Претседателот Трамп не е тип на човек кој ќе се обѕира наназад“, рече Пенс.
Во врска со украинската тема, американскиот потпретседател истакна дека Трамп „неодамна одржа конструктивен телефонски разговор со Путин, а во саботата зборуваше за неопходноста од примирје со украинскиот претседател Петро Потошенко“. Пенс уверува дека Теамп „ќе го продолжи дијалогот со овие челници“.
Путин претходно изјави дека за време на предизборната кампања во САД украинската власт зазема еднострана позиција за поддршка на едниот од кандидатите (демократската кандидатка Хилари Клинтон), и сега ѝ е неопходно да воспостави односи со новата администрација за што може да го користи конфликтот во Донбас, кој ескалираше токму последната седмица и по посетата на републиканскиот сенатор Џон Меккејн и пред разговорот меѓу Трамп и Порошенко./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел се подготвува за целосна окупација на Појасот Газа

Израелскиот безбедносен кабинет го одобри планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху за преземање воена контрола над Газа, што претставува нова голема ескалација во војната. Одлуката беше донесена по состанок кој траеше длабоко во ноќта, а со неа се потврдува дека за завршување на конфликтот е потребно „целосно безбедносно преземање на Појасот Газа“, пишува „Скај њуз“.
Пред состанокот, Нетанјаху во интервју за „Фокс њуз“ го потврди намерите на Израел. На прашањето дали Израел „ќе ја преземе контролата над целата Газа“, одговори: „Имаме намера, за да ја обезбедиме нашата безбедност, да го отстраниме Хамас таму и да го ослободиме населението на Газа.“ Додаде дека Израел не сака да ја задржи територијалната контрола, туку да воспостави безбедносен појас и власта да ја предаде на арапски сили кои ќе управуваат правилно.
По состанокот, од кабинетот на израелскиот премиер беше соопштено дека Израелските одбранбени сили (ИДФ) ќе се подготвуваат за преземање на контролата над градот Газа, додека истовремено ќе се дистрибуира хуманитарна помош до цивилите надвор од зоните на борба. Безбедносниот кабинет усвои пет принципи за завршување на војната: разоружување на Хамас, враќање на сите заложници, демилитаризација на Газа, израелска безбедносна контрола над Појасот и воспоставување алтернативна цивилна власт која не е ниту Хамас ниту Палестинската самоуправа.
Овој план наиде на остри критики, вклучително и од семејствата на заложниците кои ги држи Хамас. Аинав Зангаукер, мајка на заложникот Матан Зангаукер, изјави дека Нетанјаху ѝ ветил работа на договор за ослободување. „Некој што зборува за сеопфатен договор не оди да ја освојува Газа и да ги загрозува заложниците и војниците“, напиша на социјалната мрежа X, додавајќи: „Нетанјаху и неговите партнери се подготвуваат да го осудат на смрт.“
Според извештаите од израелските медиуми, началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, исто така предупредил против окупација на Газа, наведувајќи дека тоа би ги загрозило заложниците и дополнително би ја оптоварило армијата. Од меѓународната страна, јордански официјален претставник порача дека Арапите „ќе го поддржат само она што Палестинците ќе го договорат и одлучат“ и дека „нема да се согласат со политиката на Нетанјаху ниту ќе ги чистат неговите нереди“.
Џина Аберкромби-Винстенли, поранешна претседателка на Советот за политика за Блискиот исток, изјави за Sky News дека „многу малку луѓе“ веруваат дека планот за окупација е добра идеја. „Тешко е да се придонесе за траума и очајот на Палестинците во Појасот Газа, но ова сигурно ќе го направи тоа“, рече таа, истакнувајќи дека новото присилно преселување само ќе ги влоши страдањата на населението.
Овие одлуки доаѓаат откако вчера, според податоците на локалните болници, најмалку 42 Палестинци биле убиени во израелските воздушни напади и пукање низ јужна Газа.
Најновиот конфликт започна со напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1.200 лица, а 251 беа киднапирани. Се проценува дека Хамас сè уште држи околу 50 заложници. Според Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас, во израелската одмаздничка офанзива убиени се повеќе од 61.000 Палестинци.
Свет
САД нудат 50 милиони долари за апсење на претседателот на Венецуела

Соединетите Американски Држави ја удвоија наградата за информации што би довеле до апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро на 50 милиони долари, обвинувајќи го дека е еден од најголемите трговци со дрога во светот, пишува „Би-би-си њуз“.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, е долгогодишен критичар на Мадуро, кој повторно ја презеде функцијата во јануари по изборите обележани со обвинувања за фалсификување на гласови, чии резултати во голема мера беа отфрлени од меѓународната заедница. Генералниот обвинител, Пам Бонди потврди дека САД ќе ја удвојат претходно објавената награда од 25 милиони долари, тврдејќи дека Мадуро е директно поврзан со операции за трговија со дрога.
Венецуелскиот министер за надворешни работи Иван Гил ја нарече новата награда „патетична“ и ја нарече „политичка пропаганда“. „Не сме изненадени, со оглед на тоа од каде доаѓа“, рече Гил, обвинувајќи ja Бонди за „очајно одвлекување на вниманието“ од негативните наслови околу справувањето со случајот со педофилот Џефри Епштајн.
За време на првиот мандат на Трамп, американската влада ги обвини Мадуро и други високи венецуелски функционери за низа кривични дела, вклучувајќи наркотероризам, корупција и трговија со дрога. Во тоа време, Министерството за правда на САД тврдеше дека Мадуро соработувал со колумбиската бунтовничка група ФАРК за „да користи кокаин како оружје за „совладување“ на САД“.
Во видео објавено во четврток, Бонди го обвини Мадуро за координација со групи како што се Трен де Арагва – венецуелска банда означена како терористичка организација од администрацијата на Трамп – и картелот Синалоа, моќна мексиканска криминална мрежа. Се тврдеше дека Агенцијата за борба против дрога на САД (ДЕА) „запленила 30 тони кокаин поврзан со Мадуро и неговите соработници, со речиси седум тони поврзани со самиот Мадуро“. Мадуро претходно ги отфрли тврдењата на САД за директна вмешаност во трговијата со дрога.
Мадуро, лидерот на Обединетата социјалистичка партија, кој го наследи Уго Чавез во 2013 година, се соочи со повеќекратни обвинувања за потиснување на опозициските групи и задушување на несогласувањето во Венецуела, вклучително и употреба на насилство. Тој ги преживеа протестите по спорните избори минатата година и ја задржа власта.
Сепак, во јуни Уго Карвахал, поранешниот шеф на воената разузнавачка служба на Венецуела, беше осуден по неколку обвиненија за трговија со дрога откако беше уапсен во Мадрид и екстрадиран во САД. Карвахал, познат по прекарот Ел Поло, беше моќен шпион кој избега од Венецуела откако ја повика војската да поддржи кандидат на опозицијата и да го собори Мадуро.
Иако првично ги негираше обвиненијата, подоцна се изјасни за виновен, поттикнувајќи шпекулации дека склучил договор со американските власти во замена за помала казна и инкриминирачки информации за Мадуро. Обединетото Кралство и ЕУ, исто така, објавија санкции против владата на Мадуро по неговото враќање на функцијата претходно оваа година.
Свет
Либанската влада го поддржа американскиот план, луѓето на Хезболах ја напуштија седницата

Министерот за информации на Либан објави дека владата ги одобрила целите на американскиот предлог за разоружување на Хезболах до крајот на годината и прекин на израелските воени операции во земјата. Тој додаде дека владата не ги разгледала сите детали од предлогот.
Соединетите Американски Држави му презентираа на Либан предлог за разоружување на Хезболах до крајот на годината, со прекин на израелските воени операции во земјата и повлекување на израелските војници од пет позиции во јужен Либан.
Тој план, предложен од претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп во регионот, Том Барак, ги утврдува најдеталните чекори досега за разоружување на Хезболах, група поддржана од Иран. Таа организација досега ги отфрлаше сè погласните повици за разоружување откако влезе во разорна војна со Израел минатата година.
Планот беше дискутиран на седница на либанската влада. Хезболах сè уште не го коментираше предлогот, но три извори за Ројтерс изјавија дека министрите од групата поддржана од Иран и нивните шиитски муслимански сојузници ја напуштиле седницата во знак на протест поради дискусиите за предлогот.
Целите на американскиот предлог вклучуваат постепено укинување на вооруженото присуство на недржавни актери, вклучувајќи го и Хезболах, потоа распоредување на либански сили во клучните гранични и внатрешни области, повлекување на Израел од петте позиции што ги држи, решавање на прашањето со затворениците преку индиректни преговори и трајно обележување на границите на Либан со Израел и Сирија.
Вчера, Хезболах ја обвини либанската влада дека направила голем грев со тоа што планирала да го прифати американскиот предлог, велејќи дека потегот е резултат на американски диктати и дека ќе се третира како да не постои.
„Владата на премиерот Наваф Салам направи голем грев со тоа што одлучи да одземе оружје од Либан за да се спротивстави на израелскиот непријател. Одлуката целосно им служи на интересите на Израел“, се вели во соопштението.