Економија
Кучи: Мерките за енергетски заштеди со цел да го подобрат квалитетот на животот

Министерот за економија Дритон Кучи ги промовираше мерките за енергетски заштеди во домаќинствата кои се во рамки на годинешнава Програма за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата и за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата.
„Подобрување на квалитетот на живот на граѓаните е еден од нашите приоритети, кој се применува и во енергетскиот сектор, преку политики кои овозможуваат промоција на обновливите извори на енергија, како и унапредување на енергетската ефикасност. Со тоа придонесуваме и кон остварување на глобалната заложба за заштита на човековата околина, како и одговор на потребата за поголема сигурност во снабдувањето со енергија. Затоа годинава воведовме нова стимулативна мерка, која се однесува на надоместување на 50% од трошоците за купени и вградени ПВЦ и алуминиумски прозорци. За оваа намена обезбедивме 20 милиони денари буџетски средства“, истакна министерот Кучи.
Доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен’’, а максималниот износ на субвенцијата по домаќинство може да достигне до 500 евра.
Министерот за економија се осврна и на веќе познатата, но сѐ уште актуелна стимулативна мерка во врска со надоместување на трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата, која години наназад, започнувајќи од 2007 година, па до денес успешно се реализира.
„За оваа намена во Буџетот на Министерството за економија за 2017 година, согласно интересот, обезбедени се повеќе средства, односно дури 16 милиони денари. Со оваа стимулативна мерка се надоместуваат дел од трошоците во износ од 30% од вкупната инвестиција, но не повеќе од 300 евра по домаќинство. Остварувањето на правото на надомест за оваа мерка е по пат на јавно извлекување кое ќе се одржи на 22 септември 2017 година“, објасни Кучи.
Со реализација на овие стимулативни мерки, за кои пред една недела беа објавени и јавни огласи со условите кои треба да бидат исполнети од страна на апликантите, се промовира поголемо учество на обновливите извори на енергија, унапредување на енергетската ефикасност и заштита на животната средина, земајќи ги предвид сите обврски кои ги има преземено Република Македонија како земја која претендира да стане дел од Европската Унија.
Но, како што потенцираше Кучи, овие мерки истовремено имаат за цел да го подобрат и квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија и подигање на јавната свест за придобивките од искористувањето на обновливите извори на енергија и примената на мерките за заштеда на енергија во домот. Граѓаните веќе покажуваат голем интерес за овие две мерки, а во Министерството за економија почнаа да пристигнуваат и првите апликации./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Се зголемува цената на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,93 % во однос на одлуката од 2.06.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,833%, кај дизелот за 3,057%, кај екстра лесното масло за 3,388% и кај мазутот зголемувањето е за 3,088%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,5243%.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,624 ден/кг и сега ќе изнесува 38,486 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 10.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
Објавени повици за самовработување, за млади до 29 години грант до 10.000 евра, а за невработени над 29 години грант до 7.000 евра

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, Селајдин Белули, денеска официјално го објавија отворањето на јавниот повик за Мерка 1.1 и Мерката 1.2 во рамки на Оперативниот план за вработување за 2025 година, кои имаат за цел поддршка на самовработувањето на невработените граѓани регистрирани во Агенцијата за вработување.
Мерката 1.1 е наменета за лица над 29 години и обезбедува финансиска поддршка од 430.500 денари односно 7.000 евра за основање на нов бизнис, а Мерката 1.2 се однесува за млади до 29 години, кои имаат можност да добијат поддршка до 615.000 денари или 10.000 евра за основање сопствен бизнис.
Двете мерки, исто така, вклучуваат обука за претприемништво, подготовка на бизнис план и менторство за 6-месечен период за целните групи, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, припадниците на ромската заедница и жените од руралните средини.
„Овие мерки не се само финансиска помош, туку се директна инвестиција во потенцијалот на граѓаните и во развојот на локалната економија“, истакна министерот Дурмиши на прес-конференцијата.
Економија
(Видео) Мицкоски: Порано растеа само платите на функционерите, а денес растат платите на работниците

Од последни во Европа по странски инвестиции, минатата година која што беше половина наша година, од наша влада, ја завршивме со рекордно ниво на директни странски инвестиции, од милијарда 255 милиони евра што ја прави државата прва во Европа, по странски инвестиции по глава на жител. Тоа значи прва во регионот, од последни- први за само шест месеци, истакна премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Конференцијата на Унијата на млади сили на партијата што денеска се одржува во Велес.
„Сетете се само на двоцифрените бројки на инфлација. 18-20-22-23 проценти инфлација. За да денес, во март објавиме ниво на инфлација од 2,7% едно од најниските во Европа. Порано растеа само платите на функционерите, а денес растат платите на работниците 9 – 10 проценти на годишно ниво. индустриското производство кое што беше длабоко во минус, денес во март изнесува 5.2 проценти и е најголемо индустриско производство, раст на индустриско производство, не само во регионот туку и во Европа. Од автопат Кичево Охрид кој стагнираше, и беше најважно подизведувачите да се ако кажат оние од Кичевски Зајас или струмичко до автопат кој се гради и кој за една година ќе биде готов. Затоа што нема повеќе тендери во 4 очи, денес има работа, пот , одговорност и посветеност. Тоа е оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ. Од руинирани и запустени студентски домови, до студентски домови кои се реновираат, кои се градат. И најавувам изградба на еден таков, нов студентски дом во Штип, по склопот на новата зграда на медицинскиот факултет, по склопот на новиот клинички центар, кој што е го почнеме како резултат на Договорот а стратешко партнерство со Велика Британија, 200 нови најмодерни најсовремени легла за нашите млади, за нашите студенти, за идните доктори. Од срамни и штетни, предавнички договори до договори за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Од одземена и обезличена држава до држава која е повторно ваша, и кажува што сака и за што се бори.“, кажа премиерот.