Политика
Груби: Доколку СДСМ ја прифати платформата, нема никакви пречки за коалиција
Доколку СДСМ ја прифати заедничката платформа на партиите на Албанците, во која е вклучено и официјализирањето на албанскиот јазик , ќе нема друга пречка за формирање коалиција, изјави во вторникот шефот на кабинетот на челникот на ДУИ Али Ахмети, Артан Груби во емисијата 200 на ТВ АлсатМ .
Во вторникот продолжија меѓупартиските разговори, или преговорите, меѓу претставниците на СДСМ, кој на предвремените парламентарни избори од 11-ти декември освои 49 мандати во 120-членото Собрание, па десетте пратеници на ДУИ се од исклучителна важност за обезбедување солидно парламентарно мнозинство, вклучително и со другите албански партии застапени во парламентот, кое би го поддржало челникот на социјалдемократите Зоран Заев за следен мандатар за составување влада и веројатен премиер.
Претходно поранешниот премиер и лидер на ВМРДО-ДПМНЕ, Никола Груевски која обезбеди 51 пратеник не успеа да постигне договор со својот долгогодишен коалициски партнер Али Ахмети за формирање натполовично, или просто мнозинство, во Собранието за поддршка на кабинетот министри предложен од него. Конкретните точки по кои не дојде до договор, официјално не ги соопштија и двете партии.
„Не гледам причина зошто да не прифатат (СДСМ –з.р). Верувам дека тоа ќе го сторат и не гледам причина зошто ниту еден Македонец да не ја прифаќа оваа платформа која помага за социјална кохезија, за граѓанска еднаквост и е добра за Република Македонија. Преговорите ќе завршат брзо,доколку се прифати овој конструктивен дух и ако постои подготвеност да се рефлектираат овие потреби“, изјави Артан Груби
Работните групи на СДСМ и на ДУИ, по средбата во понеделникот, продолжија со внатрепартиски консултации за конкретизирање на преговарачките позиции, но на сите повици од новинарите не дадоа одговор кога би се одржала следната средба
СДСМ и натаму јавно не го соопштува својот став за платформата што ја потпишаа партиите на Албанците во Македонија. Портпаролот на социјалдемократите, Петре Шилегов, одговарајќи на новинарски прашања во вторникот рече дека очекува посетата на еврокомесарот Јоханес Хан која е најавена за четврток, „да ја потврди изборната волја за промени“.
Од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението објавено по средбата меѓу Никола Груевски и амбасадорката на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје, Нина Соумалаинен, предупредија дека партиите кои ќе формираат влада без оваа партија како „победничка“ на изборите, ќе „мора да ја преземат одговорноста за проблемите кои ќе произлезат“.
„Секоја партија која носи одлука за формирање коалиција без партијата која добила најмногу гласови и најголема поддршка од народот на изборите, треба да знае дека во исто време носи одлука да се соочува со проблеми во иднина својствени на ситуации кога се игнорира волјата на мнозинството граѓани“, порачаа од ВМРО ДПМНЕ
Во соопштение се наведува дека принципот кој беше воспсотавен под притисок на ДУИ и меѓуанродниот фактор – „победник со победник“ – „не може да се примени според потребата.
Притоа од ВМРО-ДПМНЕ сугерира, за да се избегнат трошоците, новите избори да се одржат заедно со локалните, односно пролетва./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мојсоска: Усеини уништува антифашистичко наследство додека СДС и ДПМНЕ молчат
Од локацијата кај познатата Бела куќа на ул. ,,Димитар Влахов” бр. 9 во Охрид, од каде бескруполозно беше тргната плочата од НОБ, Носителот на ИЕ5 и Генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска истакна:
,,Овој културен објект беше уништен од страна на локалниот шериф, Нефи Усеини. Плочата на АСНОМ каде пишува за осудените антифашисти од страна на бугарскиот окупатор, беше тргната пред месец дена. Од градоначалникот Пецаков нема никаква реакција додека се уништува антифашистичкото наследство од страна на поранешниот функционер на ДУИ”.
Мојсоска се наврати кон 2019 година кога беа силни обвинувањата на ВМРО – ДПМНЕ кон Усеини. Според Мојсоска, наспроти тоа, се испоставува дека коалицијата ДПМНЕ – ДУИ сега е уште посилна, благодарение на заедничките бизнис – интереси.
,,Ќе потсетам дека во 2019 година, токму ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека Усеини го тероризира Охрид. За жал, Охрид го губи својот автентичен изглед, иако за овој објект има Решение за уривање. Институциите молчат, молчи и Министерството за култура кое е раководено од социјал-демократите”, додава Мојсоска за криминалот на поединците и молкот на институциите.
Јована Мојсоска како Носителот на ИЕ5 и Генерален секретар на Левица, порачува:
,,Затоа на 8 мај, да заокружиме број 5, за да ставиме ред во безредието и закон во беззаконието!”
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: ДУИ се обидува да поткупува гласачи дури и во верски објекти, залудни сценарија, секако ќе одат во опозиција
ДУИ се обидува да поткупува гласачи дури и во верски објекти, залудни сценарија, секако ќе одат во опозиција, велат ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
– Функционери на ДУИ се забележани дури и во места како Виница, Кочани, Берово, Делчево каде во верски објекти со полицајци се обидуваат да поткупуваат гласачи. Со ова се обидуваат да освојат голем резултат, мислејќи дека така ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да седне со нив, но се лажат. ДУИ оди во опозиција и со тоа треба да се помират. Залудно е и полнењето кутии. Примерите кои се нотирани во Липково, не им помогнаа во првиот круг, нема ниту сега во вториот. Времето кога го купуваа гласот на народот завршува. Време е Македонија да ја вратиме на народот. Македонија повторно твоја, – додаваат од партијата.
Македонија
СДСМ: Глас ЗА СДСМ на 8 мај е глас за слобода, демократија и европска држава
Гласот ЗА СДСМ на 8 мај е глас за слобода, демократија и европска држава, за чување на темелите на државноста, демократските вредности, внатрешната кохезија, стабилни етнички односи, безбедна и европска иднина на Македонија, велат од СДСМ преку соопштение.
– СДСМ ја врати слободата, ја врати државата на вистинскиот пат. Директна потврда дека со СДСМ се почитуваат демократските и европските вредности е последниот извештај на „Репортери без граници“, според кој Македонија е на 36-тото место и најдобро позиционирана во регионот, по слободата на медиумите. Во 2016 година бевме на дното, рангирани на 118-то место. Тогаш слободно кажаниот збор се казнуваше, медиумите беа цензурирани, граѓаните беа манипулирани. Враќање на режимот на ДПМНЕ во најава, би значела сигурна блокада на Македонија и внатрешни етнички тензии, што би и нанело огромна штета на иднината на државата. Преголема моќ за десничарска партија како ДПМНЕ која воопшто не е променета, ќе претставува сериозна закана од враќање на заробена држава, поделби, уцени и закани. Затоа е важно граѓаните да излезат на 8 ми мај масовно и да гласаат, заедно со СДСМ да не дозволат враќање назад, – додаваат од партијата.