Македонија
Нема договор меѓу партиите за формирање влада, се чека Хан
Пред утрешната посета на еврокомесарот Јоханес Хан, кој треба да се сретне со претставниците на парламентарните политички партии, во среда се очекува засилување барем на внатрепартиските консултации за евентуално формирање влада.
Реториката од партијата чиј лидер Никола Груевски го доби мандатот за формирање влада и во тоа не успеа во законски предвидениот рок, откако доскорешниот коалициски партнер од албанскиот блок партии ДУИ, не се договори за продолжување на соработката, деновиве се заостри.
По средбата на највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ со амбасадорката на ОБСЕ, Нина Соумалаинен, на чело со лидерот Никола Груевски, во соопштението имаше заканувачки пораки во случај владата да биде формирана од партии кои не победиле на изборите, односно без ВМРО-ДПМНЕ.
„Секоја партија која носи одлука за формирање коалиција без партијата која добила најмногу гласови и најголема поддршка од народот на изборите, треба да знае дека во исто време носи одлука да се соочува со проблеми во иднина својствени на ситуации кога се игнорира волјата на мнозинството граѓани“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се наведува и дека принципот за коалицирање победник со победник не смее да биде прекршен. Груевски упати и порака до довчерашниот коалициски партнер, Али Ахмети.
„Доколку сега се отстапи од тој принцип, и свесно се прекрши, секој еден кој во иднина кога ќе се сменат околностите, ќе помисли да дојде и повторно да се обиде да не убедува да го воспоставуваме тој принцип, треба да знае дека без дискусија ќе биде избркан од штабот на партијата, а партијата ќе коалицира со кого ќе оцени дека е најдобро за самата партија и земјата, како што е и во другите држави“, велат од ВМРО- ДПМНЕ.
Претседателите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети во партиските седишта на Бихаќчка и во Мала Речица имаат внатрепариски консултации по состанокот на двете партиски делегации, пред два дена, на која немало конкретни дискусии по специфични политички прашања и за евентуална поделба на ресори.
Иако, протекоа информации дека од СДСМ имало конкретен предлог, прво да се договори парламентарно мнозинство и да се соберат 61 потпис за да се добие мандатот од претседателот Ѓорѓе Иванов, а потоа да се премине на разговори за идната Влада.
Потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи по средбата со претставниците на СДСМ рече дека на маса ги доставиле нивните барања. Не сакаше да каже ништо повеќе во врска со средбата единствено кажа дека имале конструктивни разговори и дека сепак последниот збор го има претседателството.
Шефот на кабинетот на Али Ахмети, Артан Груби, пак, изјави дека ако СДСМ ја прифаќа заедничката платформа на албанските партии, во која е и официјализирање на албанскиот јазик, ќе нема друга пречка за формирање коалиција.
„Не гледам причина зошто да не прифатат (СДСМ –з.р). Верувам дека тоа ќе го сторат и не гледам причина зошто ниту еден Македонец да не ја прифаќа оваа платформа која помага за социјална кохезија, за граѓанска еднаквост и е добра за Република Македонија. Преговорите ќе завршат брзо, доколку се прифати овој конструктивен дух и ако постои подготвеност да се рефлектираат овие потреби“, изјави Артан Груби
Секако, со доаѓањето на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во Скопје, лидерите ќе мора да разговараат за политичката состојба.
Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, рече дека очекува посетата на еврокомесарот Хан, да ја потврди изборната волја за промени.
„Од посетата на Хан очекуваме да се потврди дека Македонија, по изборите на 11-ти декември, треба да добие политичка влада која ќе ги спроведе неопходните реформи“, вели Шилегов.
Европската унија очекува Влада со широка поддршка во парламентот за да остане земјата на евроатлантскиот пат, порака од Брисел што ја повтори и евроамбасадорот Самуел Жбогар.
„Тоа зависи од партиите во парламентот да решат каква коалиција ќе формираат, ние немаме став за тоа. Она што е во интерес е силна коалиција во поширока смисла, што значи и владата и опозицијата да ја поддржат европската агенда. Во тој контекст гледаме една силна Влада која ќе притиска и ќе работи на ЕУ агендата и ќе направи напредок. Таква агенда ќе и треба широка поддршка, не само од партиите во владината коалиција, туку и од опозицијата“, изјави Жбогар.
Само ВМРО- ДПМНЕ останува на ставот за нови парламентарни избори, што би значело нови трошоци, а за да се избегне двоен трошок , тие би можеле да се организираат заедно со локалните избори што треба да се случат пролетва./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трето судење за „Пулс“: Нов обид за воведни зборови на одбраната
Судењето за дискотеката „Пулс“ во која загинаа 63 лица и околу 200 беа повредени продолжува денеска со трето рочиште. Се очекуваат воведните зборови од одбраната, кои требаше да почнат минатата недела, но бранителите на обвинетите побараа интегрираниот обвинителен акт покрај тоа што судот им го испратил нив како бранители официјално да им го испрати и на обвинетите, оти како што рече Петре Шилегов, адвокат на еден од обвиннетите, не е работа на бранителите да бидат судски доставувачи.
Судијката Диана Груевска Илиевска ги одложи воведните зборови за следно судење и остави рок од шест дена за судска достава на интегрираните обвиненија и до обвинетите.
Откако не почна со воведни зборови, на рочиштето од минатата недела судијката Груевска Илиевска побара оштетените да се изјаснат за оштетни побарувања. Но и оваа постапка не можеше до крај да биде завршена бидејќи немаше адреси од сите оштетени, па уште на рочиштето од минатата недела побара нова листа со мејлови од сите оштетени и најави дека во истиот рок од шест дена во кој треба да се достават интегрираните обвиненија и на обвинетите, ќе се доставуваат и известувања до сите оштетени дека треба да се појават на судење за да се изјаснат за оштетни побарувања.
Иако судијката Груевска Илиевска најави динамика од две судења неделно, поради недостатокот од адреси од оштетените и поради неиспратените интегрирани обвиненија до обвинетите, мораше едното судење да го одложи и затоа судењето продолжува денеска.
За трагедијата во „Пулс“ обвинети се 35 физички и три правни лица. Судењето почна на 19 ноември со воведни зборови од одбраната.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 11:00 до 15:00 часот, корисниците на ул. Хелсинки од бр. 22 до бр. 36, општина Карпош.
Македонија
Следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 15 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија од влажни воздушни бранови од денеска во вечерните часови следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните и јужните делови. На некои од повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Минималните температури ќе бидат насекаде позивитивни.

