Економија
Инспекторатот за земјоделство издаде формулари за сертификати со поголема заштита од фалсификување

Откако во 2016 година биле забележани бројни фалсификувања на сертификатите за потекло на извезена стока од Македонија, Државниот инспекторат за земјоделство со цел да се заштити домашното производство во петок ги претстави новите фитосанитарни сертификати и фитосанитарни сертификати за реекспорт.
Со ова се овозможува максимална заштита на растителните стоки од домашно производство. Државниот инспекторат за земјоделство ги издава здравствените сертификати со кои се потврдува квалитетот и потеклото на производите при извоз и реекспорт.
Она по што новите сертификати се разликуваат од претходните е специфичната изработка која шансите за можна злоупотреба ги сведува на нула. Сертификатите покрај основните информации прикажани на македонски и дополнително на пет други јазици обезбедуваат заштита со стакато техника, воден жиг и дополнително холограм од грбот на Државниот инспекторат за земјоделство, испечатени на 90 грамска хартија.
Овие сертификати ќе започнат да се издаваат од 01.06.2017 година.
Во текот на изминатата година од страна на Државниот инспекторат за земјоделство се издадени вкупно 24.000 сертификати, од кои 20.000 за извоз и 4.000 за реекспорт. Подетално овие сертификати во производи значат: 27.712 извезени пратки со вкупна тежина од околу 360.000 тони, 4.000.000 садници и дрвен материјал со вкупна површина од 6.616 м3. Истовремено во текот на 2016 година од Република Македонија се реекспортирани 5000 видови производи со вкупна тежина 60.000 тони.
Инаку во 2016 година во Русија имаше 64 и во Белорусија 117 случаи на злоупотреба на сертификатите, односно фалсификување на истите и претставување на производи од трети земји како македонски./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Царината: За 14,5 милиони евра зголемена наплатата на приходи во август

За 14,5 милиони евра е зголемена наплатата на приходи во август во царината во споредба со истиот месец минатата година, што претставува рекорден раст на приходите од 8,9 проценти остварени на месечно ниво годинава, соопшти Царинската управа.
Притоа, најголем раст од 19,5 проценти е остварен во наплатата на акциза, при што по овој основ во август се собрани приходи од 3,78 милијарди денари.
Наплатата на приходи од царина пак, бележи пораст од 7,9 проценти, додека приходите од данокот на моторни возила бележат раст од 7,3 проценти.
„Претходниот месец наплатата на приходите беше зголемена за 10,5 милиони евра, овој месец за 14,5 милиони евра. Ова е новиот систем на вредности во Царинската управа. Систем што генерира повисоки приходи во Буџетот на државата, систем што овозможува повеќе пари за болници, училишта, патишта. Одржлив систем што го разобличува криминалот и ја издигнува економијата на државата”, вели директорот Бобан Николовски.
Кумулативно од почетокот на годината Царинската управа наплати приходи од 86 милијарди денари или 1,4 милијарди евра, што е за 65,5 милиони евра повеќе од лани истиот период.
Економија
Судот ги прогласи царините за незаконски, но Трамп тврди дека остануваат во сила

Американски апелациски суд во Вашингтон пресуди дека поголемиот дел од царините што претседателот Доналд Трамп ги воведе во текот на својот втор мандат се незаконски.
Судот се занимаваше со законитоста на т.н. „реципрочни“ царини кои Трамп ги воведе во февруари против Кина, Канада и Мексико, а во април и кон повеќето други земји ширум светот. Одлуката не се однесува на царините воведени врз основа на други законски овластувања, како што се царините за увоз на челик и алуминиум.
Трамп воведувањето на царините го оправда со Законот за меѓународни вонредни економски овластувања (ИЕЕПА), кој му дава овластувања за справување со „необични и вонредни“ закани за време на национални вонредни состојби. Во април, тој прогласи национална вонредна состојба поради долгогодишниот трговски дефицит, тврдејќи дека увозот надвишува извозот и дека тоа ја поткопува американската индустрија и воената подготвеност.
Апелацискиот суд пресуди во два случаи – еден што го покренаа пет мали американски компании и другиот што го поднесоа 12 американски сојузни држави предводени од демократите. Тие тврдат дека ИЕЕПА не овозможува воведување царини и дека спорното овластување му припаѓа на Конгресот, а не на претседателот.
Други судови, вклучувајќи го и Американскиот суд за меѓународна трговија во Њујорк, веќе пресудија дека Трамп ги надминал своите овластувања со воведувањето на царините. Најмалку осум тужби ја оспоруваат царинската политика на Трамп, вклучувајќи и една од Калифорнија.
По пресудата, Трамп преку социјалните мрежи порача дека царините остануваат во сила, и оцени дека Апелацискиот суд бил „високо пристрасен“ и неточен.
„Сите царини остануваат во сила! Денеска еден високо пристрасен Апелациски суд неточно рече дека нашите царини треба да бидат укинати, но тие знаат дека Соединетите Американски Држави на крајот ќе победат“, напиша Трамп.
Економија
Македонија ќе биде транзитен мост на Балканот и дел од европските коридори, велат од Вреди

Вреди соопшти дека изградбата на Железничкиот Коридор 8 претставува историски чекор, не само за инфраструктурниот развој, туку и за регионалната интеграција и зајакнувањето на позицијата на Албанците во регионот.
„Коридорот 8 не е само железничка линија, тоа е големата артерија што ги обединува Албанците и отвора нови хоризонти за развој на целата земја“, порачуваат од партијата.
Владата во која партиципира и Вреди ја донесе одлуката за спроведување на договорот за грант во износ од 3,7 милиони евра, обезбедени од Европската инвестициска банка. Средствата ќе се искористат за подготовка на нова проектна документација и постапки за тендерирање. Паралелно, Јавното претпријатие за железничка инфраструктура започнува избор на надзор за изградбата, со што се гарантира ефикасност и транспарентност во процесот.
Заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири, нагласи дека железничките проекти се двигател на економскиот развој и интеграцијата во Европа.
„Нашето целосно залагање е насочено кон тоа железницата да стане мотор на поврзувањето – економски, регионално и национално. Со Коридорот 8 ја градиме иднината на сите граѓани“, изјави таа.
Од Вреди порачуваат дека со оваа динамика, железницата повеќе не е само план, туку реалност што ќе ги поврзе Скопје со Тирана и Драч, правејќи ја Македонија суштински дел од европските транспортни коридори и мост на соработка меѓу Албанците, каде и да живеат.
„Ова е визијата на Вреди, силна држава, економски конкурентна, модерна и неразделно поврзана со Албанија и Европа. Железничките коридори не се само линии на мапа, тие се артерии на развој кои ќе ја хранат иднината на Албанците и на сите граѓани со децении“, стои во соопштението.