Македонија
ЗНМ: Благодарност до САД за објективниот извештај за медиумите
Здружението на новинарите на Македонија и се заблагодарува на американската администрација за објективниот извештај со слободата на говорот во Македонија, во кој се констатира дека овие слободи се загрозени поради постојаниот притисок на владата врз медиумите.
Вашингтон ги препознава изворите на кризата во македонските медиуми како што е појавата на неказнивост на насилството врз новинарите и злоупотребата на јавни пари од владата за контрола на медиумите, велат од ЗНМ.
Во извештајот Американците зборуваат за зачестените инциденти – од физички напади до смртни закани против новинарите, во кои се вклучени и носители на јавни функции. Загрижува фактот што ниту еден од овие напади не е расветлен досега од институциите, додаваат од Здружението.
Посебно внимание во Извештајот се посветува на злоупотребата на јавните пари од владата со цел да се замолчат и инструментализираат медиумите. И покрај мораториумот на владините кампањи во 2015 година, во Извештајот се наведува дека таа мерка не ги опфатила сите јавни и приватни институции поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, велат од ЗНМ.
За Македонска радио телевизија, се потенцира дека се злоупотребува за промоција на владејачката партија, како дел од координираната уредувачка политика со уште три најгледани приватни телевизии, порачуваат од ЗНМ.
Важно место во Извештајот има и системската хајка против новинари од власта, преку тужби за клевета и лустрација. Овој вид на притисок се илустрира со случајот со лустрирањето на главниот уредник на Фокус, Јадранка Костова и тужбата за клевета од ДУИ против главниот уредник на весникот Лајм, Исен Салиу, додаваат од ЗНМ.
Овој извештај е потврда и за релевантноста на ставовите на ЗНМ што постојано ги застапува во јавноста. Тие се широко користени како аргументи во описот на лошата состојба во медиумите, велат од Здружението./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АВМУ со реакција за заканите кон новинарот Александар Видиновски
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува сериозна загриженост за нападите, омаловажувањата и смртните закани упатени кон новинарот на Канал 5 Телевизија, Александар Видиновски, по неговата објава на социјалните мрежи во врска со непрописно паркирани возила на тротоарот пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
„Овие постапки претставуваат директен напад врз безбедноста на новинарите и сериозно загрозување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана. Новинарите имаат право и обврска да известуваат за прашања од јавен интерес, без да бидат изложени на притисоци, закани или насилство.
Особено загрижуваат смртните закани, кои претставуваат кривично дело и бараат итно и ефикасно постапување од надлежните институции. Очекуваме институциите со должно внимание да ги разгледаат овие случаи и да обезбедат соодветна заштита, со што ќе придонесат кон јасна и доследна практика дека заканите, говорот на омраза и онлајн насилството кон новинарите се недозволиви“, соопшти АВМУ.
Македонија
650 прекршоци регистрирани вчера преку „Безбеден град“, од нив 590 за пребрзо возење
Во текот на вчерашниот ден преку системот „Безбеден град“ констатирани се вкупно 650 прекршоци, извести МВР.
Од нив, за минување на црвено светло констатирани се вкупно 36 прекршоци, за возење со брзина поголема од дозволената констатирани се вкупно 590 прекршоци, а за нерегистрирани возила 24 прекршоци. При тоа изречени се вкупно 61 забрани за управување на моторно возило, информираше Министерството за внатрешни работи.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите да придонесеме за безбеден сообраќај на територијата на целата држава“, соопшти МВР.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Дубаи се обрати на Глобалниот форум за владини регулативи и правда
Регулативата не е само за контрола, туку станува збор за создавање предвидлив простор каде што општествената доверба може да расте, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Глобалниот форум за владини регулативи и правда, во рамки на Светскиот самит на владите во Дубаи.
Во обраќањето на тема „Законодавството како овозможувач на владеењето на правото“ таа посочи дека наместо да се потпираме на институционален илузионизам и да веруваме дека совршен закон на хартија е крајот на патот, треба да се фокусираме на напорна работа во годините пред нас – да изградиме институции што дишат, што се адаптираат и што им припаѓаат на луѓето.

Го претстави македонскиот случај и посочи дека државата веќе 25 години по потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, формално и правно се усогласува со Европската Унија, со нејзините институции, правила и регулативи, но и покрај тоа сме меѓу најдолгогодишните кандидати за полноправно членство во Европската Унија.
Но, усогласувањето, според претседателката, не го правиме само заради Брисел, туку и поради фактот што процедурите се гаранција за еднаквост. Кога ги усогласуваме нашите закони со европските стандарди, градиме систем во којшто правилата ја надживуваат власта, рече претседателката, истакнувајќи дека ова е разликата меѓу владеењето на човекот и владеењето на правото.

Посочи дека македонските институции остануваат инклузивни и посочи дека Националната стратегија за развој 2024 ‒ 2044 помага да ги калибрираме политиките и законите.

