Регион
Објавена спогодбата на обвинетиот црногорски функционер Светозар Маровиќ, која ја призна вината

Специјалното црногорско обвинителство ја објави во петокот Спогодбата за признавање на кривичното дело на поранешниот функционер на владејачката партија ДПС, Светозар Маровиќ.
Обвинетиот Маровиќ ја призна вината дека ја злоупотребил службената положба и ја оштетил будванската општина за милонска сума на пари.
Како што се наведува во Спогодбата, Маровиќ признава дека во текот на 2006 година организирал криминална група за извршување на кривични дела, за кои може да се одреди казна затвор до 4 години и повеќе.
Поради кривичните дела кои ги извршил, Маровиќ ќе одлежи казна затвор во траење од 2 години, а исто така треба да уплати 50.000 евра на име на буџетот на Црна Гора.
Тој го призна делото дека бил на чело на криминалната организација, која го направила делото при изградбата на булеварот во Будва и на патот до селото Крапина. Со спогодбата тој ќе мора да одлежи 10 месеци затвор и да плати 50.000 евра на име казна, а истовремено треба да врати и сума од 1.096.000 евра на државата./крај/мф/кс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Полицијата на Истра уапси Германец: снимал голи деца со рачен часовник

Истарската полиција приведе германски државјанин (31), кој е обвинет за експлоатација на деца за порнографија откога е откриено дека снима голи деца на плажа со рачен часовник со интегрирана камера.
Граѓаните ја известиле полицијата во вторникот околу 18 часот кога забележале дека мажот снима деца со рачен часовник. Полицијата ги претресла неговите простории, автомобилот и друга техничка опрема и пронашла инкриминирачки снимки. Еден ден подоцна тој бил предаден на притворската единица на Полициската управа на Истра со кривична пријава.
„Полицијата апелира до родителите да ги следат своите деца и да гледаат каде се и што прават на плажа. Облечете ги вашите деца во костими за капење, а доколку забележите сомнително лице што снима деца, веднаш известете ја полицијата на 192“, велат од полицијата додавајќи дека ваквите акции покажуваат дека јавноста е сè повеќе свесна за проблемот со снимањето деца и дека препознавањето на сомнителното однесување овозможува навремен одговор и апсење на сторителот“.
Фото: принтскрин
Регион
Словенците воведуваат скратена работна недела за оние што се блиску до пензија

Од 1 јануари 2026 година во Словенија делумно ќе стапи во сила закон кој претставува вистинска револуција на пазарот на трудот. Освен зголемување на надоместоците за невработеност и јавни работи, како и олеснување на пристапот до пазарот на трудот за младите, студентите, но и пензионерите, законот ќе им овозможи на лицата што се блиску до пензија да ја намалат работната обврска.
Конкретно, работниците постари од 58 години, како и оние со најмалку 35 години работен стаж, практично ќе може да изберат помеѓу слободен петок или скратен работен ден во траење од шест часа, потврдија од Министерството за труд, семејни и социјални прашања и еднакви можности за словенечките медиуми.
Според моделот наречен 80-90-100, што значи 80 отсто работно време, 90 % плата и 100 % уплатени придонеси – Словенија делумно ќе ги преземе искуствата на земји како Исланд, Ирска и Германија. Во овие земји ваквите закони довеле до позитивни ефекти, како зголемена продуктивност, помалку отсуства од работа и поголема ефикасност. Словенците веќе имаат неколку пилот-проекти, претежно во технолошки компании, кои покажале слични резултати.
Од Министерството за труд најавија дека, доколку измените се покажат успешни, ќе се оди во насока на дополнителна либерализација на прописите. До крајот на 2028 година се очекуваат и промени, како додаток за работа во сабота, задолжителен божиќен бонус за сите вработени, па дури и воведување 38-часовна работна недела.
Во оваа прва рунда на измени донесени се и други мерки. Така, од 2026 година невработените Словенци ќе имаат повисоки надоместоци за невработеност. Максималниот износ што ќе го примаат во првите три месеци по отказ или раскин на договорот за работа ќе изнесува 130 проценти од просечната минимална бруто-плата во државата, што моментно е нешто повеќе од 1.660 евра. Ако ни по три месеци, не најдат нова работа, ќе имаат право на 110, па 100 отсто, па сè до 70 проценти од просечната минимална бруто-плата.
Значајни промени и зголемени надоместоци ги очекуваат и учениците, студентите и учесниците во јавни работи, кои покрај повисоки минимални часовни тарифи, ќе имаат и подобрени работни услови. Планирани се и стимулации за вработување невработени лица постари од 59 години во износ од 40 проценти од месечниот нето-надоместок, а оваа категорија ќе има право на зголемен број дозволени часови за привремена или повремена работа. Месечното ограничување за работа на пензионерите се зголемува од 60 на 85 часа месечно, соодветно со зголемување на максималниот годишен приход.
Законот на крајот беше усвоен по итна постапка бидејќи неговото донесување беше услов за повлекување 140 милиони евра европски средства за оваа цел.
Регион
„Многу е подобар“ – Вучиќ зборуваше за здравствената состојба на министерот кој доби удар во емисија во живо

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска за ТВ Прва изјави дека министерот Дарко Глишиќ е подобро.
„Многу е подобро отколку пред ден и пол. Тој зборува, иако сè уште не е тоа целосно нормално, но е прекрасно што зборува и ги движи десната рака и нога, што се големи промени. Добро е што можеше да каже од кога се чувствувал лошо и како дошло до тоа. На скенер се виде дека дошло до кинење на вратната артерија, која предизвикала хематом во мозокот, додека не се згрутчи и не доведе до мозочен удар. За среќа, ударот се случи во студио, блиску до болницата“, рече Вучиќ.
Тој нагласи дека е во постојан контакт со семејството на Глишиќ, особено со неговиот син Лука, и додаде дека семејството било многу исплашено.
Говорејќи за реакциите на опозицијата на здравствената состојба на министерот, Вучиќ рече дека тие немаат елементарно воспитување, а сепак сакаат да ја водат државата.
„Некои се радуваа кога беше убиен Зоран Ѓинѓиќ, но јас тоа не го правев. Доколку тоа ми се случеше мене, ни тоа немаше да им биде доволно – би сакале да умрам во уште пострашни маки. Кога умре Милошевиќ, лудаците славеа. Но, се гледа дека ништо не се сменило. Тоа е нешто полошо од тоа некој да не е добар човек – проблемот е што тие луѓе немаат елементарна пристојност. Не мора секого да жалите, но е ред барем да молчите и да изразите сочувство кога некој ќе умре, или да посакате побрзо закрепнување кога некој е болен“, изјави претседателот.
Вучиќ додаде дека е навикнат на такви коментари, но дека на семејството на Глишиќ не му било лесно да ги слуша и чита тие зборови.