Надворешна политика
Јолевски: Односите меѓу Македонија и Турција треба да бидат пример за соработка во регионот
Република Турција ѝ дава силна поддршка на Република Македонија од прогласувањето на независноста, Турција нè поддржува и на нашиот пат на трансформација во контрибутор кон глобалниот мир и безбедност и прераснување во рамноправен партнер на НАТО, истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски во Битола на свеченоста по повод годишнината од завршувањето на средното воено образование на Мустафа Ќемал Ататурк, каде воедно беше промовирана и публикацијата „Турско-македонските односи низ историјата“.
Јолевски посочи дека заедничката историја дава бројни светли примери за соработка и пријателство, кои се и основа врз која се гради стратегиското партнерство помеѓу двете земји. „Република Турција е земја која прва упати воено аташе во Република Македонија, прва потпиша Спогодба за соработка, прва прими офицери од Република Македонија на школување и прва помогна за опремување на Армијата на Република Македонија. Република Турција е меѓу најголемите донатори на опрема за АРМ“, потсети министерот Јолевски. Денес соработката со Турција е најинтензивна во областа на воената обука и едукација, се разгледуваат можностите за соработка во наменската индустрија, а двете земји имаат заеднички активности и во меѓународната мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
Публикацијата која беше промовирана денеска претставува заеднички проект на двете министерства за одбрана започнат во 2010 година. На повеќе од 600 страници, во два тома и три јазика – Македонски, Турски и Англиски, публикацијата содржи научни трудови на 14 професори од двете земји. Публикацијата опфаќа трудови за Турците во Македонија, развојот на македонскиот идентитет, соработката помеѓу христијаните и муслиманите, османлиските реформски планови во Македонија, културното наследство во Македонија од османлискиот период и многу други. Делото опфаќа и трудови кои се фокусираат на соработката во доменот на одбраната од 1991 година.
На свеченоста присуствуваше заменик амбасадорот на Република Турција во Македонија, Зејнеп Ѓундуз, турскиот бригаден генерал Сулејман Ертизман, заменикот на Началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај и други високи гости./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.