Европа
Турскиот министер за правда Боздаг го критикуваше германскиот колега Мас
Турскиот министер за правда Бекир Боздаг напишал писмо до германскиот колега Хаико Мас, како одговор на претходно добиеното писмо во кое се бара ослободување на германскиот новинар Дениз Јуџел, кој се наоѓа во турски затвор, пишува во четвртокот Hurriyet.
“Наместо да пишувам писма полни со неоправедни и неосновни обвиненија против Турција и кои не се компатибилни со принципите на дипломатската учтивост, би ве критикувал за регулациите кои не се во духот на владеењето на правото, а се против странците кои живеат во Германија, вклучувајќи ја и турската заедница “, пишува во писмото на Боздаг.
Тој додава дека правниот систем во земјата гарантира независни судови во корист на турската нација. Тоа значи дека кој и да е власт не може да им заповеда или да им дава инструкции на судиите.
“Дениз Јуџел, кој беше споменуван во писмото, е уапсен под обвинение за пропаганда во корист на терористички организации, а не заради новинарска дејност, како што вие тврдите “, посочува турскиот министер. Новинарот кој е со двојно турско-германско државјанство, беше уапсен на 27 февруари.крај/мф/кс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсен третиот осомничен за грабежот во Лувр, јавува француска телевизија
Трет осомничен е уапсен во врска со грабежот во музејот Лувр во Париз, објави утрово француската телевизиска станица БФМ.
Полицијата го уапси во среда вечерта во парискиот регион, а според БФМ, осомничен е дека бил на местото на злосторството кога се случил грабежот.
Четири маскирани крадци украдоа скапоцен накит од галеријата „Аполон“ во Лувр, во која се сместени кралските скапоцености на Франција, за време на работното време наутро на 19 октомври, откривајќи ги слабостите во безбедносниот систем на најпосетуваниот музеј во светот.
Двајца мажи уапсени минатиот викенд под сомнение дека влегле во музејот низ прозорец на горниот кат и ги украле скапоцените предмети „делумно признаа“ за нивната вмешаност во грабежот, соопшти канцеларијата на парискиот обвинител.
Накитот сè уште не е пронајден.
фото: принтскрин
Европа
Франција го менува законот за силување по случајот со Жизел Пелико
Сенаторите вчера ги одобрија измените во францускиот закон за силување што би вклучувале експлицитна согласност, со што законодавството на земјата ќе се усогласи со повеќе од десетина други европски земји, во потег што доби нов импулс од судењето за масовно силување на Жизел Пелико.
Францускиот кривичен закон претходно го дефинираше силувањето како чин на пенетрација или орален секс извршен со употреба на „сила, принуда, закана или изненадување“. Законот не ја споменуваше експлицитно потребата од согласност, а обвинителите мораа да докажат намера за извршување силување за да обезбедат осуда.
Во декември минатата година, сопругот на Жизел Пелико призна пред суд во јужна Франција дека постојано ја дрогирал сопругата и регрутирал десетици мажи преку интернет за да ја силуваат додека таа била во несвест.
Најмалку 35 од обвинетите на Доминик Пелико ги негираа обвиненијата за силување, тврдејќи пред судот дека учествувале во сексуална игра или дека Жизел Пелико се преправала дека спие.
Сите беа прогласени за виновни, но нивните обиди да избегнат казна фрлија светлина врз сивата зона во законот.
Новиот закон, кој треба да го потпише претседателот Емануел Макрон пред да стапи во сила, наведува дека согласноста мора да биде „слободно дадена и информирана… и може да се повлече“. Согласноста мора да се процени „во светлината на околностите“ и „не може да се претпостави само врз основа на молчењето на жртвата или недостатокот на отпор“, се наведува во законот.
Правните експерти истакнуваат дека оваа промена ќе го олесни добивањето пресуди за силување, бидејќи повеќе нема да биде потребно да се докажува употребата на сила или намера, туку само дека жртвата не дала слободна и информирана согласност.
Ревидираната дефиниција треба да помогне во обезбедувањето пресуди, изјави за Ројтерс правен експерт и застапник за новиот закон, Катрин Ле Магерес.
„(Претходно) ако можеше да се покаже дека во случајот нема согласност, но напаѓачот не употребил насилство, принуда, закана или изненадување, тоа лице не можеше да биде прогласено за виновно“, рече таа.
Дефиницијата заснована на согласност би можела да помогне и во едукацијата на младите мажи и жени за „заемната желба“.
Франција им се придружува на Шведска, Германија, Шпанија, Велика Британија и голем број други европски земји кои веќе имаат закони за силување засновани на согласност. Подемот на феминистичкото движење #MeToo предизвика законски реформи во некои земји од 2017 година.
фото: принтскрин
Европа
Словачка сепак нема да воведе ограничувања на брзината за пешаците
Словачки пратеник разјасни дека пешаците нема да бидат предмет на ограничувања на брзината на тротоарите, откако политичката дебата во вторник попладне резултираше со конфузија и исмејување.
Парламентот во Братислава требаше да усвои измени на законот за сообраќај во вторник со кои ќе се ограничи максималната брзина на пешаците на тротоарите во урбаните средини во Словачка на 6 километри на час со цел да се спречат несреќи.
Пратеникот Љубомир Важни, кој го состави амандманот, синоќа за јавната телевизија STVR изјави дека критиката се базира на недоразбирање, додавајќи дека ограничувањето на брзината не се однесува на пешаците што одат по тротоарите, туку на другите учесници во сообраќајот.
Тој објасни дека целта на амандманот е да се заштитат пешаците со тоа што ќе се обезбеди дека ролерите, велосипедистите и електричните тротинети не се движат значително побрзо по тротоарите од пешаците.
Амандманот, усвоен од парламентарното мнозинство во вторник, за прв пат дефинира „брзина на одење“ од 6 километри на час и ја поставува како ограничување на брзината за сите оние на кои им е дозволено да користат тротоари под одредени услови.
фото: принтскрин

