Скопје
Близу 300 барања во Скопје за субвенционирање на купување печки на пелети

На јавниот повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на град Скопје за купување печки на пелети кој заврши на 13-ти март поднесени се вкупно 290 барања од граѓаните, соопштуваат од град Скопје.
Комисијата за спроведување на постапката за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети е на терен и врши увид во документацијата и локациите каде што ќе бидат заменети старите печки на дрва, јаглен, нафта и мазут и ќе бидат поставени новите печки на пелети.
Овој проект е дел од мерките кои Градот Скопје ги презема заради подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух преку заеднички активности на локалната самоуправа и граѓаните.
На минатиот Јавен повик, кој беше објавен во 2016 година, беа доделени 196 субвенции на граѓаните, за што беа издвоени 5.896.000 денари од Буџетот на Град Скопје. Поради големиот интерес кој го покажаа граѓаните за овој тип субвенции, во 2017 година во Буџетот на Град Скопје се предвидени 10 милиони денари./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Скопје ќе оживее со 100 мурали, Шукова најавува урбана револуција во градот

Кандидатката на СДСМ за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, денеска го претстави амбициозниот проект „Скопје – град на мурали“, кој предвидува создавање на 100 нови мурали низ градот во првата година од нејзиниот мандат. Проектот има за цел да ја трансформира урбаната средина и да го врати животот во запуштените јавни простори, соопштија од Центарот за комуникации на СДСМ.
„Скопје е дом за сите нас и сакаме да го гледаме чист, убав и инспиративен“, истакна Шукова.
Таа додаде дека многу јавни површини денес изгледаат занемарено, со хаотични графити кои ја нарушуваат естетската слика на градот.
Проектот ќе овозможи современа уметност да ја разубави урбаната средина, но и да пренесе пораки за култура, надеж, заедништво и љубов кон градот.
„Овие мурали нема да бидат само боја на ѕидовите, туку симбол на нашите вредности и заеднички дух“, изјави Шукова.
Во изработката ќе бидат вклучени локални уметници и млади креативци, со што се поддржува домашната уметничка сцена и се стимулира активно граѓанско учество. Кандидатката нагласи дека уметноста може да биде моќен инструмент за обединување и создавање на пријателска, одржлива и инспиративна урбана средина.
„Со заеднички напори, ќе го направиме Скопје поубаво и место на кое секој ќе се гордее“, заклучи Шукова.
Скопје
Таксистите добиваат 200 електрични возила, Меџити го претстави проектот кој ќе го чисти воздухот

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес на работен состанок со Унијата за здруженија на таксисти го претстави проектот за субвенционирање на првите 200 електрични возила за таксисти, како дел од напорите на министерството за почист, потивок и поефикасен урбан транспорт за граѓаните на Скопје и целата држава.
„Овој проект претставува конкретен и значаен чекор кон трансформација на урбаниот транспорт и е дел од стратегијата за борба против загадувањето на воздухот и подобрување на квалитетот на урбаниот живот“, истакна Меџити.
„Возилото што денес го претставуваме е електрично, со високи еколошки стандарди, без штетни емисии, без бучава и со висока енергетска ефикасност“, додаде тој, нагласувајќи дека овие возила во неколку фази ќе ги заменат постојните кои користат дизел, бензин или гас – носејќи значителни придобивки за граѓаните, таксистите и животната средина.
Меџити информираше дека просечната цена на едно електрично возило е 28.000 евра, а Министерството ќе субвенционира 15% од сумата, односно околу 840.000 евра за првите 200 возила.
„Според еколошките експерти, замената на овие возила ќе резултира со намалување од над 2.700 тони CO₂ годишно, што е еквивалентно на садење на повеќе од 120.000 садници. Дополнително, ќе има значително намалување на урбаната бучава, особено во густо населени зони“, нагласи Меџити.
Тој додаде дека Министерството веќе ја иницирало програмата „Car Sharing“ со првите 100 електрични возила за јавна употреба, како и воведување на електрични тротинети и велосипеди во неколку градови.
„Во соработка со Европската Унија преку програмата ‘EU for Clean Air’, реализирана е донација од 6 електрични автобуси за Град Скопје, се зголемени капацитетите за мониторинг на квалитетот на воздухот и се засадени десетици илјади садници низ целата земја“, заклучи Меџити.
Скопје
(Фото) Левица: Учениците во „Ѓорѓија Пулевски“ учат во подруми со влага и смрдеа

Учениците од шесто одделение во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром наставата ја следат во подрумски простории со влага, непријатна миризба и без природна светлина, реагираат од партијата Левица.
Од таму посочуваат дека ваквите услови се недостоинствени за било кое училиште, а не за основци кои треба да учат во здрава средина.
„Овие услови се недостоинствени дури ни за затворски ќелии, а камо ли за деца кои треба да растат во здраво и безбедно училишно опкружување. Загрижени родители алармираат дека на некои ученици им се слошило и повраќале поради неподносливата миризба на мувла и влага“, соопштија од Левица – Аеродром.
Според нив, локалната власт ја сноси целата одговорност за понижувањето на најмладите и изложувањето на здравствен ризик.
„Дополнителен скандал е фактот што ДПМНЕ пред четири години ветија целосна реконструкција на училиштата во општината, но во изминатиот мандат не направија ништо. Наместо елементарни услови, децата се приморани да учат во простории со влага и смрдеа“, додаваат од партијата.
Левица бара итно преместување на учениците во други училници и обезбедување нормални услови за образование.