Македонија
СДСМ: Реформска Влада ќе ја врати дневната евтина струја

СДСМ повторно вети дека ќе ја врати евтината тарифа на струјата. Но, процесот бил спречен од страна на ВМРО-ДПМНЕ
„Да не беа блокирани демократските процеси за формирање нова реформска Влада од Ѓорге Иванов и Никола Груевски, овој викенд граѓаните ќе имаа цел ден евтина викенд тарифа на струјата, и во сабота, и денеска, во недела.
Дневна евтина тарифа на струјата ќе имаше и секој работен ден, по два часа.
Граѓаните ќе можеа да ја контролираат потрошувачката на струја во рамки на евтината тарифа и на тој начин ќе заштедеа на сметките што ги плаќаат за струја.
Интерес на граѓаните е да имаат намалени трошоци за живот и од тие причини неопходно е итно и брзо да се овозможи формирање и работа на новата реформска Влада.
Новата Влада ќе ги насочи парите од Буџетот на Р.Македонија кон граѓаните и кон фирмите со цел да се раздвижи економијата, да се зголемат платите и бројот на новите работни места и тоа ќе значи зголемување и на квалитетот на живот на граѓаните.
Уште една од мерките за повеќе пари во семејствата е враќање на 15% од данокот на додадена вредност што граѓаните го плаќаат во потрошувачките сметки. Секој граѓанин ќе добие своја картичка на којашто ќе може да го евидентира повратот на 15% од ДДВ при секое ново пазарење во продавница.
Државата ќе им помогне прво на најзагрзоените. Семејствата со најнизок доход ќе бидат ослободени од плаќање на јавните услуги, а еднородителските семејства со пониска плата од просечната нема да плаќаат такса, јавен превоз, општински комунални давачки, надомест во градинка и основно училиште.
Ова се само дел од мерките коишто ќе придонесат кон достоинствен начин на живот на сите граѓани во Македонија.
На граѓаните им е итно потребна нова реформска Влада којашто ќе ги им го олесни животот.
Очекуваме во најбрзо време претседателот Заев да го добие мандатот и новата реформска Влада да почне со работа во интерес на граѓаните“, се вели во соопштението на СДСМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Првите четири банки од земјава впишани во регистарот на Европскиот совет за плаќања – започнува членувањето во СЕПА

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги впиша првите четири банки од нашата земја – станува збор за три големи и една средна банка – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој важен чекор е резултат на успешно поднесени барања од страна на овие банки, а со тоа официјално започнува и членувањето на нашата земја во СЕПА.
Овие банки ќе започнат со вршење на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година.
Се очекува и останатите осум деловни банки, кои најавија дека ќе поднесат барања во периодот од јуни до август оваа година, ќе бидат впишани во регистарот на ЕПС и ќе започнат со вршење на плаќањата во рамките на СЕПА до 6 октомври.
Да потсетиме, на 6 март 2025 година ЕПС го прифати барањето за членство коешто го достави Народната банка за нашата земја, со што станавме членка на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Со ова се овозможи приклучување на домашните банки во европските платежни шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 41 земја членка.
Интеграцијата на банките од земјава во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и за компаниите – пред сѐ побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност.
Народната банка, како институција којшто ги координираше активностите за членство во СЕПА, останува целосно посветена на процесот на интеграција на банките и ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за постигнатиот напредок.
Економија
Владата: Исплатени се субвенции на 70.000 земјоделци во вредност од повеќе од 9 милијарди денари

Исплатени над девет милијарди денари субвенции на над 70.000 земјоделци.
Владата соопшти дека се врши редовна исплата на субвенциите и со тоа им се дава директна поддршка на земјоделците да продолжат со своето производство.
„За една година, Владата и МЗШВ успеа да ги исплатат заостанатите субвенции на земјоделците за сите категории од 2021, 2022, 2023 година, а се исплаќаат и тековните субвенции. Покрај ова, како Влада успеавме да ги подобриме земјоделските политики и наместо земјоделските производи да се фрлаат, истите сега се откупуваат по пристојни цени од страна на откупувачите. Промените се очигледни. Тие се случуваат. Времето на промените е тука, работиме и ја вреднуваме маката на земјоделците“, велат од владината прес-служба.
Се додава дека оваа Влада е земјоделска и земјоделците после седум години конечно имаат партнер.
Економија
Од полноќ поскап дизел

Од полноќ максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 76,00 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 78,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 72,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 70,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,928 (денари/килограм)
Малопродажнaта цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.