Македонија
Одбележан денот на првата механизирана пешадиска бригада
Припадниците на 1. механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) од Армијата на Република Македонија на достоинствен начин со прикладна воена свеченост во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец го одбележаа денот на бригадата.
Денот на единицата, определен со одлука на Претседателот на Република Македонија е потсетување на денот кога 1.мпбр со достигнувањето на оперативната готовност ги презеде задачите и одговорностите на двете поранешни бригади согласно новата организациско-формациска структура на АРМ, со седиште на командата во Петровец.
Долгиот и цврст маршевски чекор на ешалоните од сите единици од состав на бригадата го отслика значајот на оваа најголема борбена единица на АРМ препознатлива по добиените високи резултати од оценувањата, вежбовните активности, мировните мисии во Авганистан и Ирак, но и по пружената помош на граѓаните на Република Македонија, секогаш кога за тоа се укажала потреба.
Командантот на 1.мпбр, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски во своето обраќање нагласи дека патриотизмот кој е движечка сила во сите нас, вложениот труд и посветеност во извршување на задачите претставуваат гарант за независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија.
Пофалните зборови за успешниот ангажман на единицата не изостанаа и во говорот на командантот на здружено оперативната команда, бригаден генерал Зоран Милески, при што беше нагласена потребата од постојана посветеност во изградба на воен колектив подготвен решително да се избори со сите безбедносни предизвици.
Согласно програмата на воената свеченост за најдобра единица во бригадата е прогласена 4 минофрлачка батерија од 4 механизиран пешадиски баталјон, а се доделија стимулативни мерки и унапредувања. На крајот од свеченоста присутните го проследија тактичко техничкиот збор на орудија, оружје и опремата со кои располага бригадата збогатен со настап на на културно уметничкото друштво „Илинден“.
Во духот на одбележување на 25 години од постоењето на АРМ, поранешните команданти на првата и втората механизирана пешадиска бригада, генерали во пензија по завршување на свеченоста пред присутните потсетија на значајните моменти поврзани со историјата на бригадата.
На свеченоста покрај началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски присуствуваа, генералите од АРМ, претставници од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, МО и ГШ на АРМ, командантите на потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ, поранешни команданти на бригадата, пензионирани генерали, претставници од локалната самоуправа и други високи гости./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

