Европа
Убиството на Немцов: Путин изрази жалење, Обама бара истрага
Познатиот руски политичар Борис Немцов поранешен прв вицепремиер во владата на Руската Федерација во раните 1990-те е сегашен опозиционер застрелан е во петокот навечер во центарот на Москва, а неговото убиство предизвика политички реакции во земјата и во странство, откако негови соработници соопштија дека наводно подготвувал извештај за наводното „руско присуство во Украина“.
Борис Немцов е застрелан во петокот околу 23,40 часот на Големиот мост на Москва во центарот на руската престолнина, по кој одел опозицискиот политичар со неговата девојка. Кон нив тргнал автомобил од кој непознати напаѓачи истрелале најмалку седум куршуми, од кои четири го погодиле Немцов во грбот задавајќи му смртоносни повреди. Полицаец кој бил во близина на местото на злосторството недалеку од Кремљ изјавил дека било пукано од бел автомобил кој со голема брзина се оддалечил од местото.
Борис Немцов беше потпретседател на руската влада во времето на претседателот Борис Елцин, кого западот го препознава како либерален реформатор, но во Русија тој период го препознаваат како време на сомнителни приватизации и брзо создавање на руските олигарси и мултимилијардери.
Руското министерство за внатрешни работи се’ уште не открива детали за инцидентот, и соопшти дека се испрашуваат сите сведоци, вклучително и партнерката на 55-годишниот Немцов, која се наоѓала веднаш до него во времето на убиството.
Како што соопшти Истражниот комитет, инспекторите ги зеле предвид сите верзии во врска со убиството на Немцов, вклучувајќи ја и можноста за политички атентат. Портпаролката на министерството за внатрешни работи Елена Алексеева изјави дека во Москва е воведен планот „Следење“ кој инаку како ниво на закани стапува на сила во врска со терористички напади, како и дека е формиран посебен оперативен штаб во врска со истрагата на убиството на опозицискиот политичар.
На убиството на опозиционерот Борис Немцов веднаш реагираа не само рускиот државен врв, туку и странските политичари. Рускиот претседател Владимир Путин изрази жалење поради убиството и лично го презема надзорот врз истрагата во којашто се вклучени и шефовите на сите истражни и разузнавачки служби.
Според соопштението од неговиот кабинет, би можело да станува збор за нарачано убиство и провокација пред одржувањето на најавениот митинг на опозицијата против кризните мерки што ги воведе руската влада во врска со западните санкции поради наводната руска улога во украинската криза и соодветниот руски одговор со забрана на увоз на западни стоки во недела во Москва, што требаше да го води Немцов. „Путин истакна дека станува збор брутално убиство коешто ги има сите знаци на нарачано и оти е исклучиво со провокациска природа“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Неверојатно е дека опозициски челник може да биде убие крај ѕидовите на Кремљ. Можна е само една верзија: убиен е затоа што ја зборуваше вистината“, изјави Михаил Касјанов, опозициски политичар. Касјанов кој во времето на Путин беше премиер, го нарече Немцов „борец за вистината“. Според него, на митингот во недела Немцов имал намера да зборува и против војната во Украина.
Повеќето политичари во Русија, и од владејачката партија и од опозицијата, во реакциите од саботата сметаат дека убиството на Немцов е насочено да зададе удар на рускиот политички и државен врв, особено на претседателот Путин.
Адвокатот на Немцов, Вадим Прохоров, изјави дека мотивите за убиството се политичките активности на неговиот клиент. „Тоа дефинитивно не е деловна пресметка, тој не се занимаваше со бизниси. Такви проблеми немаше. Сметам дека мотив е неговата политичка дејност“, рече адвокатот.
По повод убиството на Немцов се огласи и украинскиот претседател Петро Порошенко кој на својата официјална Facebook страница напиша дека „убијците подоцна или порано ќе бидат казнет“, како и дека „Тој беше мост меѓу Украина и Русија. Со истрелите на убиецот тој мост е урнат. Сметам, дека тоа не е случајно. Не се сомневам убијците ќе бидат казнети“.
И американскиот претседател Барак Обама, како и Путин, убиството на Борис Немцов го нарече „брутално“, изразувајќи жалење поради злосторството, објави на Twitter Советот за национална безбедност на Белата куќа.
„САД жалат поради бруталното убиство на Борис Немцов и ја повикуваат руската влада да спроведе итна, непристрасна и транспарентна истрага за околностите на ова убиство и да осигури одговорните за злосторството да бидат приведени пред правдата“, се наведува во изјавата на американскиот претседател.
Обама се сретна со Немцов во 2009 година за време на неговата посета на Москва, кога се сретна со опозициските челниците по средбата со тогашниот руски претседател Дмитриј Медведев кога изјави дека „се восхитува на неговата борба против корупцијата“. „Со неговата смрт, Русите загубија еден од најнапредните и најелоквентни бранители на нивните права. Немцов беше неуморен адвокат на својата земја, барајќи за своите сонародници Руси права кои им припаѓаат на сите луѓе“, напиша Обама./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

