Европа
Порошенко – во Дебалцево е нападнат договорот, за Путин ситуацијата е јасна
Украинскиот претседател Петро Порошенко го осуди во вторникот навечер напредувањето на рускојазичните бунтовници во источниот град Дебалцево како „циничен напад“ врз мировниот договор постигнат на 12-ти февруари во Минск, додека за рускиот претседател Владимир Путин ситуацијата во овој стратешки железнички јазол е јасна, односно украинските војници кои се наоѓаат речиси цел месец во опсада се обидуваат со тешкото оружје да го пробијат обрачот и ги повика властите во Киев да не ги инсистираат украинските војници да не го положуваат оружјето и да се повлечат од градот.
„Тоа е циничен напад врз договорот од Минск“, изјавил украинскиот претседател Петро Порошенко во телефонскиот разговор со германската канцеларка Ангела Меркел, според соопштението од неговиот кабинет.
„Ги повикувам постојаните членки на Советот за безбедност на ОН да ги спречи натамошните кршења … и масивната воена операција во срцето на Европа“, го цитира Reuters украинскиот претседател.
Официјален Киев соопшти дека рускојазичните бунтовници успеале да заземат во вторникот дел од Дебалцево, како и дека украинските војници водат улични борби со нив. Меѓутоа, бунтовничките команданти соопштија дека од утрото украинските сили се обиделе да го пробијат нивниот обрач, како и дека украинските војници почнале масовно да се предаваат, и оти до доцна попладнето нивните сили контролираат повеќе од две третини од градот.
Заменикот на командантот на силите на самопрогласената ткн „народна република“ во Донецк, Едуард Басурин, изјави дека како и претходно оставен е ткн „зелен коридор“ за повлекување на украинските војници кон внатрешноста на Украина, но дека од Киев настојувале околу пет илјади војници да останат да го бранат стратешкиот град кој е длабоко во територијата којашто ја контролираат бунтовниците на патот меѓу двата бунтовнички центра Донецк и Луганск.
Рускиот претседател Владимир Путин, пак, одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта, рече дека од утрото во вторникот „лошо завршил“ обидот на украинските единици се обиделе да го пробијат обрачот.
„И денеска утрото имаше уште еден обид, јас не знам дали тоа го имаше во медиумите, не успеав тоа да го следам, околу 10 часот утринава беше направен обид да се деблокираат од обрачот украинските вооружени сили. Тој заврши лошо“, одговорил Путин.
„Јас многу се надевам дека одговорните лица во украинското раководство нема да им попречуваат на украинските војници да го положат оружјето“, порача рускиот претседател.
Според Путин, она што сега се случува во областа на Дебалцево било предвидливо и потсети дека веднаш по потпишувањето на договорот од Минск минатиот четврток, во петокот повика украинските војници да го положат оружјето и безбедно да се повлечат од градот.
„Она што сега се случува таму, може да се објасни и беше предвидливо, бидејќи според нашите сознанија, најмалку една седмица пред состанокот во Минск, групата украински војници таму беше во опкружување. Јас токму за тоа зборував, дека оние што се во обрачот ќе се обидат да го пробијат или од надворешна страна ќе се обидат да ги деблокираат, а милицијата (како што Москва ги нарекува формациите на бунтовниците во источна Украина – з.р) која ги држи единиците во обрачот ќе се спротистави на тоа. И тоа неизбежно ќе доведе, на еден или друг начин, уште извесно време да се одвиваат судири“, рече Путин, пренесува РИА Новости.
Киев тврди дека овој град, кој е важен железнички јазол во источните региони треба да го контролира украинската војска, бидејќи во моментот на потпишувањето на договорот тој беше под контрола на неговите сили, додека бунтовниците тврдат дека Дебалцево се наоѓа длабоко во територијата којашто ја контролираат тие, која според една од одредбите на договорот од Минск ќе добие специјален статус и поголема автономија.
Дебалцево, коешто има големо регионално значење, од крајот на ланскиот јули, кога украинската армија поведе офанзива за враќање на контролата на прозападните власти во Киев врз одметнатите рускојазични источни региони, е под контрола на украинската војска. Покрај економското значење како еден од најголемите железнички јазли во Украина, Дебалцево има и воено стратешко значење, бидејќи како клинец навлегува длабоко на територијата која е под контрола на бунтовниците, и од таму може да се вршат напади врз градовите кои тие ги имаат под контрола, како Горловка, Енакиево, Шахтерск, Лисичанск и Стаханов,/крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

