Европа
ЕУ од интернет компаниите може да бара дешифирање на електронската пошта

Европската унија би требало да ја разгледа можноста интернет компаниите да ги принуди да им помогнат на безбедносните служби да ги дешифрираат кодираните пораки во електронската пошта и комуникацијата во рамките на новата стратегија во борбата против терористичките напади, тврди координаторот на ЕУ за борба против тероризмот, Жил д’ Кершов.
Жил д’ Кершов овој предлог го изнесува во подготвителниот документ за состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите членки на Европската унија, кој ќе се одржи следната седмица. Доверливиот документ, до кој успеал да дојде Reuters, е изработен по смртоносните исламистички напади во Париз од 7-ми до 9-ти јануари, а во него се укажува на многу подрачја во коишто земјите членки на ЕУ може да ја подобрат својата соработка.
Кершов наведува во документот дека скандалот поради американското шпионирање на земјите низ светот, вклучително и дипломатски мисии на ЕУ и на нејзините земји членки сојузници во НАТО, ги натерал интернет операторите да им понудат на корисниците нови начини на кодирања, што може да го загрози службеното контролирање, дури и во случаи кога за тоа постои судски налог.
Нагласувајќи дека со секоја преземена мерка мора да се води сметка за основните човекови права, напишал дека „Европската комисија треба да биде поттикната да ги разгледа правилата коишто би ги обврзувале интернет и телекомуникациските компании коишто работат на територијата на ЕУ да осигурат (…) пристап до комуникациите на соодветните национални власти (односно да ги откријат клучевите за декодирање)“.
Предлогот на британскиот премиер Дејвид Камерон компаниите меѓусебно да ги разменуваат клучевите за декодирање остро го осудија организациите за заштита на правото на граѓаните, а се постави и прашањето дали тоа технички воопшто може да се изведе.
Кершов, белгиски адвокат кој е на должноста координатор на ЕУ за борба против тероризмот од 2007 година, за Reuters изјавил и дека на државите им предлага на лицата за кои постојат сомневања дека имаат намера да заминат во странство за да се борат на страната на Исламската држава, да им се одземат пасошите и правото на патување./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин