Регион
Отфрлена тужбата против шефот на грчкото биро за статистика

Грчките судии ја отфрлија тужбата против директорот на државната агенција за статистика со што ја завршија истрагата по обвиненијата дека вештачки ги пумпал податоците за државниот долг, објавија во неделата судски извори.
Искусниот статистички експерт Андреас Георгиу во 2010 година е именуван за директор на државната грчка агенција за статистика ELSTAT, за да ја врати довербата во оваа институција, неколку месеци пред избувнувањето на големата финансиска криза во Грција. Имено, тогашната социјалистичка влада на Пасок откри дека буџетскиот дефицит бил многу поголем, отколку што покажувале официјалните податоци.
Во 2013 година обвинителството го обвини Георгиу, и уште двајца вработени во ELSTAT, дека ги фалсификувале фискалните податоци за 2009 година. Случајот го пријави поранешен вработен во агенцијата, кој добил отказ, обвинувајќи го Георгиу дека го напумпал дефицитот во рамките на она што грчките функционери го нарекоа „германски заговор“ за да се оправдаат тешките мерки за штедење како услов за добивање на меѓународната финансиска помош.
Георгиу ги отфрли обвиненијата и истакна дека одлуката на Грција да побара помош од меѓународните партнери е заснована на статистичките податоци кои ги изработиле неговите претходници. Но нему, сепак, ќе му се суди, за некои полесни обвинувања, изјавија грчки функционери додавајќи дека тие се однесуваат на еден кус период кога паралелно работел за ММФ и за ELSTAT.
Неверодостојната грчка статистика, со честите менувања на официјалните податоци, се смета за една од причините за избувнувањето на длабоката економска криза во земјата. Откако Георгиу ја презема агенцијата, европската статистичка агенција Eurostat ги прифаќаше податоците во врка со долгот кои ги даваше официјална Атина, додека претходно во врк со тоа изразуваше отворено сомневање./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.