Европа
Најден автомобилот со кој избегале напаѓачите во Копенхаген, целат најверојатно карикатуристот
Припадниците на данската полиција го пронашла напуштениот автомобил со кој побегнале двајцата напаѓачи кои отворија оган во културен центар во центарот на главниот град Копенхаген каде што се одвиваше трибина за исламот и слободата на изразување при што беше убиено едно лице а ранети беа тројца полицајци, а во меѓувреме нападот е оценет како „терористички чин“ и постојат сомневања дека цел на нападот бил контроверзниот шведски карикатурист Ларс Вилкс, кој и во минатото беше цел на закани и напади поради објавување карикатури со пророкот Мухамед.
Во саботата во Копенхаген во комплекс во кој се одржуваше трибина со учество на амбасадорот на Франција во Данска и шведскиот уметник Ларс Вилкс, кој е под постојана полициска заштита откако во 2007 година објави карикатури на пророкот Мухамед претставен како куче што предизвика гневни реакции во муслиманскиот свет, двајца напаѓачи отворија оган врз кафулето „Крудтенден“ (Буре барут) и потоа успеале да избегаат со автомобил марка „фолксваген“. Данската полиција соопшти дека интензивно трага по напаѓачите, а сите излези на Копенхаген се блокирани.
Гостинот од Шведска и францускиот амбасадор Франсоа Зимере не се повредени во нападот. Организаторката на дебатата, Хели Мирет Брикс, за AFP изјави дека главна цел на нападот бил карикатуристот Вилкс.
Во јули 2009 година, тогашниот челник на меѓународната терористичка организација Ал Каеда во Ирак, Абумар ал-Багдади, сега на водач на џихадистичката Исламска држава, вети награда од 150 илјади долари за оној што ќе го убие шведскиот карикатурист Ларс Вилкс. Карикатуристот го навлече на себе бесот на Ал Каеда поради сатиричните карикатури кои ги објави во 2007 и во 2009 година, а кои муслиманскиот свет ги окарактеризира како „сквернавење на Исламот“. Ал-Багдиди тогаш потенцира=е дека „за убиството на Вилкс ќе плати 100.000 долари, а во случај тој да биде заклан како јагне, ќе бидат исплатени 150.000 долари“. Ал Каеда тогаш, исто така, вети и 50.000 долари за убиство на уредникот на шведскиот весник Nerikes Allehanda, кој ги објави карикатурите.
Претставници на данската полиција во разговор за Reuters во саботата не ја отфрлија можноста дека станува збор за терористички акт, и оттаму отворила соодветна истрага.
Данската премиерка Хеле Торнинг-Шмит изјави претходно дека престрелката во културниот центар во Копенхаген е „терористички чин“. „Денеска Данска претрпе циничен акт на насилство. Сите индикации укажуваат дека пукањето имало политички мотив, и оттаму нападот претставува терористички чин“, се вели во писмената изјава на Торнинг-Шмит.
Францускиот амбасадор Зимере изјави дека нападот во Копенхаген е многу сличен на нападот врз редакцијата на сатиричниот магазин Charlie Hebdo од 7-ми јануари кога беа убиени 12 лица, кој го извршија браќата Каши кои објавија дека станува збор за одмазда поради објавувањето на карикатурите на пророкот Мухамед. „Целта на нападот е иста како и при нападот врз Charlie Hebdo“, изјави претходно францускиот дипломат во телефонската изјава за AFP./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

