Култура
Рокенрол заедницата фрли „бомба“ за рушење на турбофолк културата
„Рокенролот е непријател на секоја диктатура, па затоа тој максимално беше отстранет од сите институционални рамки. Многумина беа исфрлени од сцената. Иако андерграундот и вониституционалното делување се својствени за рокенролот, сепак, многумина од нас треба да добијат некој статус во општеството, и да делуваат за создавање квалитетна културолошка атмосфера“, согласни се тие.

Стотина музичари, новинари, професори и консументи на рокенрол културата, што посветиле и повеќе од три децении на развојот на македонската супкултура и воздигнување на рокенрол сцената, вчера се собраа во џебното кино во Младинскиот културен центар, на трибина насловена „Рокенролот како саундтрак за новото министерство за култура“. Долго акумулирани ставови и револт кон општата атмосфера на шунд култура, за која сите се согласни дека ескалираше во минатите осум години. Дебатата ја слушаше и воедно учествуваше и министерот за култура Роберт Алаѓозоски, кој беше поздравен со огромен аплауз. Гитаристот Влатко Стефановски, Пеце од „Суперхикс“, Петрит Сарачини, Тошо Филиповски, Виолета Симјановски, Џабир Дерала беа само дел од учесниците што ги изнесоа своите размислувања и иницираа бројни дискусии од присутните. Подобар статус, стимулирање музики рокенрол изданија, заштитата на авторските права, се само дел од проблемите што ги мачат “рокерите“.
– Рокенролот е непријател на секоја диктатура, па затоа тој максимално беше отстранет од сите институционални рамки. Многумина беа исфрлени од сцената. Иако андерграундот и вониституционалното делување се својствени за рокенролот, сепак, многумина од нас треба да добијат некој статус во општеството и да делуваат за создавање квалитетна културолошка атмосфера, согласни се тие.
Влатко Стефановски сподели дел од искуствата во некои земји во светот.

– Секој уметник што самиот објавил песна, насликал слика или направил каков било уметнички производ треба да биде ослободен од данок. Државата треба да има мерки за стимулирање на уметноста, и тоа може лесно да се преземе од некои земји од светот. Исто така е сосема нејасно како едно министерство за култура може да доделува награди од илјадници евра на фолк фестивали, смета тој.
На ова се надоврза Пеце од „Суперхикс,“ кој смета дека таа агенда често да гостуваат турбофолк ѕвезди кај нас е делумно за да се работи на интелектуално и духовно затапување на народот, но, исто така, овие фолк имиња лесно перат пари во Македонија.
– Честите настапи на некакви Карелуши, Аца Лукац, Цеца… се недозволиви. Точно е дека се масовно посетени, но таа публика се постигна со наметнување и пропаганда на оваа шунд култура, веќе повеќе години наназад. Медиумите се преплавени со фолкери, и никој не информира и уште помалку зборува за квалитетна музика, смета тој.
Според Алаѓозовски, радува фактот што оваа рокенрол заедница има конкретни предлози и барања, и во наредниот период ќе се прават напори да се вратат квалитетните културни вередности, во кои секако е и рокенролот.
– Затекнувам многу проблеми културата. Ќе мора во првите три месеци да се направи ревизија на проблемите па потоа да се дадат приоритети. Ѝ советувам на рокенрол заедницата да се обедини, да направи административна стратегија, и натаму ќе делуваме заедно, рече Алаѓозовски.
Ова е прва дебата на рокенрол тема по многу години, и со оглед на големиот интерес, во наредните месеци ќе бидат организирани уште неколку. А.Василевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

