Македонија
Фармерите бараат 12 денари минимална цена на пченицата

Федерацијата на фармерите во Македонија бара годинава минималната заштитна цена на пченицата да биде 12 денари, поради значајно намаленото производство како резултат на климатските промени, како и значајното зголемување на тропоците во однос на лани, од речиси 50 отсто.
Исто така се бара интервентниот откуп на пченицата да биде од први јули, договорите со откупувачите и преработувачите да бидат склучени пред жетвата, исплатата да се контролира од инспекциските служби, а субвенциите на производителите да им бидат исплатени пред започнување на есенската сеидба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Развојот на интероперабилноста во SEEBRIG значи побезбеден регион и посилна Алијанса: Мисајловски на денот за високи гости на вежбата „Seven Stars 25“

Министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски денеска присуствуваше на Денот на високи гости на вежбата „Seven Stars 25“ која се реализираше во велешката касарна „Алексо Демниевски – Бауман“ каде порача дека оваа е мултинационална вежба во која учествуваат шест држави и дека таа е исклучително значајна за нас како земја-домаќин на Командата на Бригадата на Југоисточна Европа.
Министерот им честиташе на учесниците на вежбата и на Командата на SEEBRIG предводена од командантот, бригадниот генерал Билбил Битри за покажаниот врвен професионализам и високи стандарди во организација на една ваква комплексна вежба која вклучува компјутерски симулиран елемент и теренска вежба на армискиот полигон „Криволак“.
„Навистина ми е драго што преку 200 луѓе директно учествуваат во оваа вежба и што можеме да видиме како заеднички се справуваат со сите несакани појави, но и потоа како да се воспостави мир што е многу важно. Ги поздравувам сите, навистина професионално. Честитки до SEEBRIG, честитки до сите земји и учесници“, рече министерот.
На новинарско прашање поврзано со плановите за развој на одбраната и Армијата, Мисајловски информираше дека континуирано се реализира процесот на опремување и модернизација на Армијата, споменувајќи дека годинава се очекува да се комплетира целата набавка на JLTV возила, да пристигнат оклопните возила Stryker, како и против-воздушните системи Mistral и артилериските системи Boran. Мисајловски потврди дека се работи на надминување на правните предизвици поврзани со набавката на хеликоптери и дека за тоа избрана е компанија која ќе дава правни совети во овој процес. Додаде дека се одвојуваат значителни средства и за реконструкција на објекти на Армијата, вклучувајќи ги и објектите на подрачните единици, како и за набавка на нови униформи и чизми за припадниците на македонската Армија.
Генералот Лафчиски, пак, порача дека интероперабилноста помеѓу сите учесници на вежбата е на завидно ниво, оценувајќи ја за успешно реализирана. Лафчиски информираше дека 90 проценти од учесниците на теренскиот дел од вежбата се припадници на Вториот баталјон од Првата пешадиска бригада на Армијата.
На денот за високи гости во велешката касарна присуствуваа и заменичката на министерот, Елфет Исмаили, заменикот на началникот на Генералштабот, генералот Азим Нуредин, државниот секретар во Министерството, Елизабета Чуповска Ристова, директорот на Генералштабот, генералот Орце Јордев, командантот на Командата за операции, генералот Мирче Ѓоргоски и командантот на Командата за обука и доктрини, генералот Лулзим Нуредини.
Вежбата „Seven Stars 25“ е организирана од Командата на Бригадата секоја втора година. Годинава во активностите се вклучени над 200 припадници на SEEBRIG, а целта е увежбување на НАТО процедури и постапки во функција на развој на интероперабилноста и постапките за команда и контрола. Оваа вежба придонесува кон зацврстување на мирот, безбедноста и соработката во регионот и ја демонстрира подготвеноста на Бригадата за извршување на мултинационални операции во поддршка на мирот.
Македонија
Николоски: Започнуваме со изработка на нова унифицирана постапка за поставување урбана опрема за сите општини

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со заменик министерката Калтрина Зеколи Шакири, денеска остварија работна средба со претставници на ЗЕЛС.
На средбата се разгледуваа можностите за воспоставување на законско доуредување на постапката за поставување на урбана опрема, односно можноста за изработка на нов Правилник со кој ќе се уредува постапката за поставување на урбаната опрема.
Имајќи предвид дека поставувањето на урбаната опрема со сегашните прописи не е унифицирана и секоја општина самостојно ја уредува оваа постапка, сега преку ново решение се очекува да се изготви единствена постапка за поставување на урбана опрема која ќе важи на целата територија на државата.
Работната група составена од претставници од Министерството за транспорт како и претставници од ЗЕЛС, во следниот период заеднички ќе работат на подготовка на прописите и во еден разумен рок се очекува да биде изготвен и нов Правилник за оваа намена.
“Владата и министерството за транспорт гледа на општините како рамноправен партнер во креирање на законски решенија посебно во делот на градењето и градежното земјиште. Ова е пример како полесно и во интерес на општеството ги решаваме сите предизвици кои се на товар на општините. Очекувам дека ќе најдеме заеднички интерес и ќе креираме постапки кои ќе бидат унифицирани за сите општини и на тој начин полесно да ја регулираме и оваа дејност”- истакна вицепремиерот Николоски по средбата.
Македонија
Истрага за 43 лица за измами со брзи кредити: осомничен и службеник во ФЗО

Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека поведува постапка против вкупно 43 лица, кои со разни дејства на компјутерски измами, фалсификување исправи и злоупотреба на лични податоци учествувале во повеќекратни измами на граѓани со брзи кредити.
За четворица од осомничените, меѓу кои и едно службено лице од Фондот за здравствено осигурување, според соопштеното е поведена истрага за кривични дела – фалсификување исправа од член 378, злоупотреба на лични податоци од член 149, компјутерска измама од член 251-б од Кривичниот законик, а другите се опфатени во постапката со поединечни дејства на помагање и соизвршителство во секој од случаите одделно.
Во текот на предистражната постапка Обвинителството во координација со МВР – СВР Скопје обезбеди обемен доказен материјал дека почнувајќи од јули 2022 година, користејќи разни модалитети на извршување, осомничените со умисла вршеле временски поврзани дејства, што претставуваат повеќекратно остварување исти дела. Притоа користеле исти трајни односи, исти услови и слични околности, а крајната цел им била да прибават за себе имотна корист.
Така, некои од осомничените, спротивно на условите утврдени со законот и без согласност на граѓаните, користеле туѓи лични податоци, правеле лажни јавни исправи и преправале вистински јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински. Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина друштва за брзи кредити, како и со фалсификување електронски потписи, без знаење на оштетените, на нивно име зеле кредити создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените средства.
Други, пак, од осомничените лажирале податоци за вработување невработени лица прикажувајќи ги како вработени и кредитоспособни, па врз основа на тие податоци од кредитните друштва извлекувале пари, кои потоа биле ненаплатливи. Во тоа им помагал и осомничениот – службеното лице вработено во Фондот за здравствено осигурување на РСМ, ставајќи им средства на располагање, односно ЕЗБО, број што претходно го обезбедувал преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот.
Ваквите лажни податоци лицата ги користеле за да подигнат и по неколку кредити од разни друштва во еден ден, со што прибавувале значителна имотна корист. Потоа парите ги извлекувале од сметка и во најголем дел ги давале на осомничените организатори на вакви измами.
Незаконски прибавената имотна корист од сите вакви дејства во вкупен обем надминува три милиони денари.
Јавниот обвинител до судијата за претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за тројца од осомничените опфатени со наредбата за истрага, а четвртиот веќе се наоѓа во притвор во постапка за друго кривично дело, информира Обвинителството.