Регион
Борисов: Најдоброто што го направивте е што излеговте од криза

„Македонија мина низ тешка политичка криза, која нè вознемируваше сите нас, и најважното што го направивте е што излеговте од неа“, вели премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, во интервју за МКД.мк. Борисов смета дека најважни во моментов се инфраструктурните проекти меѓу двете земји, зашто ќе овозможат протек на луѓе, капитал, инвестиции и бизнис, а членството на Македонија во НАТО и во ЕУ ќе овозможи безбедност за целиот регион. Бугарија, како што рече, категорично ја поддржува евроатлантската интеграција на Македонија.
„ Ние имаме една поговорка што вели „помогни си сам за да ти помогне и господ“. Најважното што го направивте е што на крајот излеговте од таа тешка политичка криза, криза што ги вознемируваше сите. Тешко време за Македонија, тепачка во парламентот, крв, напнатост. Кога беше нападнат парламентот, ми се јавија и претседателот Иванов и господинот Заев и господинот Груевски. На сите им реков дека ние со вознемиреност набљудуваме што се случува таму и навистина се надеваме дека политичарите во Македонија ќе ја земат работата во свои раце и дека таа ќе се реши на демократски начин,како што е во целата Европска Унија. Така што, ако Македонија ја заврши својата работа. Ако политичката елита во Македонија е на висината на очекувањата и на македонскиот народ и на соседите и на меѓународната заедница, јас не гледам никаков проблем“, порачува Борисов во интервјуто.
Околу тоа што ќе содржи договорот за добрососедство Борисов не сакаше да навлегува во детаљи пред да разговара со премиерот Зоран Заев.
„Не би сакал да го објавувам договорот пред да разговарам со Заев за тие теми. Но, во секој случај Договорот за добрососедство гарантира добрососедство. Зашто многу често излегуваат спорови што не се од никаква корист. Јас имам принцип историјата да им ја оставиме на историчарите, тие да спорат, тие да се докажуваат што е прво, што е второ. За нас е важно меѓу Софија и Скопје меѓу Скопје и Благоевград да направиме инфраструктурни проекти, да имаме автопат, железничка линија и таа инфраструктура да го сече Балканот во сите насоки. Тоа го гарантира бизнисот, туризмот, гарантира високи доходи, гарантира движење на луѓето. Тоа е слобода“, објасни Борисов. Дека плановите му се насочени главно во тој правец, тој илустрираше со барањето, уште како градоначалник, во Скопје да биде поставена табла што ќе го покаже правецот кон Софија.
„Меѓу Бугарија и Грција е автопатот „Струма“, што многу брзо ќе го завршиме, и ќе има автопат Софија-Солун. Од Софија до Истанбул има автопат, од Софија до Црно Море има автопат. Со Србија во моментов ситуацијата е дека и тие градат и ние градиме. Така, прстенот се затвора и останува новото раководство во Скопје да изрази желба, да седнеме да направиме еден проект и да почнеме да работиме“, беше пораката на Борисов за изолацијата на Македонија изминатите години.
Околу спорното прашање од договорот, заедничкото славење на празниците, за Борисов исто така нема дилема.
„Толку празници има што можеме заедно да ги празнуваме, 24 мај, Илинден, ако сакате 1 Мај, 9 Мај, сè што сакате. Да се научиме да празнуваме заедно. Никој не може да ме убеди дека Кирил и Методиј не се наши создавачи на азбуката. Заев ќе каже друго. Но ако почнеме да спориме, ни јас нема да отстапам, ни тој нема да отстапи, па нема да има пат меѓу Скопје и Софија, и ќе се патува пет часа. А тоа е поважното и позначајното. Затоа велам, политичарите треба да мислат за обичниот човек, кој очекува од нас да се разбереме и ние сме подготвени да се разбереме“, порача Борисов пред посетата на премиерот Зоран Заев утре и задутре на Софија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Локални избори во Заечар и Косјериќ

Денеска во Заечар и Косјериќ се одржуваат редовни локални избори, на кои се избираат советници во општинските совети на овие две локални самоуправи. Гласачките места се отворија утрово во 7:00 часот, а се затворија во 20:00 часот.
Осум изборни листи учествуваат на изборите во Заечар и три во Косјериќ. Изборниот молк ќе трае до затворањето на гласачките места.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека нарушувањето на изборите е кривично дело и дека полицијата ќе реагира.
– Полицијата мора да си ја врши својата работа. Во кривичниот законик постои кривично дело попречување на избори. Доколку некој крши гласачки кутии или им попречува на луѓето да гласаат, тоа нема да биде дозволено – рече Дачиќ.
Општина Косјериќ има околу 10.000 жители, а право на глас имаат 8.897 гласачи.
Според податоците на Градската изборна комисија, вкупниот број на гласачи на територијата на Заечар е 47.357.
Прелиминарните резултати се очекуваат вечерва.
Регион
(Фото) Поскапо отколку на Ибица: лежалка на Јадранското море чини 1.300 евра на ден

Цените во хрватските туристички центри се зголемуваат од година во година, а се чини дека оваа сезона трката за профит започна порано од кога било. Од кафе кое чини пет евра, лежалки кои се изнајмуваат поскапо од ноќевање во соба, до порции риба кои достигнуваат цени како и во луксузните ресторани во европските метрополи – сето ова веќе ги загрижува и домашните и странските гости на Јадранското Море, пишува Блиц.
Едно е сигурно – сезоната сè уште не е ни започната, а за цените се зборува како да сме веќе во средината на август. Ова го потврдува и последната објава на Reddit, каде што еден корисник објави фотографија од ценовник од кафуле на плажа во Сплит.
„Можеби ценовникот е поставен на 100 метри од барот на плажата, но барот е во сенка (Жњан, Сплит)“, напиша тој во објавата со фотографијата и додаде: „Добредојдовте на Ибица“, алудирајќи на високите цени.
Цената за изнајмување лежалки се движи од 35 до 1.300 евра!
Možda je cjenik stavljen 100m dalje od beach bara, ali je bar u ladovini (Žnjan, Split)
byu/MantisTobogan_dr incroatia
Во коментарите, корисник ги спореди цените во популарно одморалиште во Шпанија, Ибица и Сплит. Според податоците од веб-страницата Numbeo, Сплит е поскап, барем кога станува збор за туристичките објекти. Авторот на објавата одговори на тоа:
„О, ужас! Сè уште му се потсмевам, а дури е поскап од Ибица“.
Многумина се прашуваат каков туристички бран нè очекува кога, веќе во предсезоната, цените на сместувањето, кафето или порциите лигњи достигнаа нивоа што до вчера беа резервирани за најскапите европски дестинации.
Регион
Силен земјотрес ја погоди Света Гора, почувствуван на Халкидики и во Солун

Земјотрес со магнитуда од 5,3 степени е регистриран попладнево во морската област на Света Гора.
Според Геодинамичкиот институт и Сеизмолошката станица на Универзитетот „Аристотел“ во Солун, епицентарот на потресот бил на 7 километри западно од Кареја, на длабочина од 12,5 километри.
Како што јавуваат грчките медиуми, силниот земјотрес го потресе целиот регион Халкидики, како и градот Солун. Бил почувствуван и на крајбрежните области на Кавала и Тасос.