Скопје
Почна проширувањето на булеварот Партизански одреди во Ѓорче Петров
Почна проширувањето на булеварот Партизански одреди кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, со изградба на кружен тек кај Порта Влае.
Според скопскиот градоначалник Коце Трајановски, на местото на постојната крстосница меѓу булеварот Партизански одреди и улиците Ацо Шопов и Ѓорче Петров во наредните денови ќе се формира нов кружен тек со дијаметар од 40 метри, односно коловоз од 9 метри, со заштитна патека од 1,5 метри и средишно зеленило.
Кружниот тек ќе се состои од две сообраќајни ленти. По кружниот тек, гледано во насока кон Ѓорче Петров, булеварот Партизански одреди ќе се прошири до влезот во автобазата на ЈСП и ќе добие по три коловозни ленти во секоја насока, средишна жардиниера со ширина од 5 метри, а ќе се формираат и велосипедска патека со ширина од 2 метри и пешачка патека со ширина од 3 метри, покриени со бекатон-плочки.
Ќе се обнови коловозот и на делот на булеварот Партизански одреди пред влезот во кружниот тек, како и делови од улиците Ацо Шопов и Ѓорче Петров. Булеварот Партизански одреди ќе се проширува во две фази.
Ова е првата фаза од градежните работи – изградба на кружен тек и проширување на булеварот Партизански одреди до влезот во автобазата на ЈСП. Втората фаза ќе следува по експропријација на земјиштето и ќе го поврзе булеварот Партизански одреди со кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле“. На проширениот дел од булеварот Партизански одреди и на кружниот тек ќе се постави ново осветлување. За одведување на атмосферските води од новиот кружен тек ќе се изгради атмосферска канализација.
„Градот Скопје во проектот за проширување на булеварот Партизански одреди кон Ѓорче Петров, со изградба на кружен тек, ќе вложи 50,5 милиони денари“, рече градоначалникот Трајановски.
Тој додаде дека градежните работи се очекува да завршат за 120 работни дена.
„Проширувањето на булеварот Партизански одреди со изградба на кружен тек ќе биде од голема корист за граѓаните што секојдневно ја користат оваа делница, ќе се скрати времето на задржување на семафор и ќе се намалат емисиите на издувни гасови од сообраќајот. Нашето досегашно искуство покажа дека за Скопје изградбата на кружни текови е идеално решение за намалување на сообраќајниот метеж“, нагласи градоначалникот Коце Трајановски.
Премиерот Никола Груевски изрази задоволство од почетокот на овој капитален проект од кој придобивки ќе имаат сите граѓани што циркулираат по оваа делница.
„Ова е уште еден од низата капитални проекти на Градот Скопје и на градоначалникот Коце Трајановски, кој се подготвуваше подолго време, но еве сега полека станува реалност“, истакна премиерот Груевски.
На проширување на булеварот Партизански одреди кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, со изградба на кружен тек кај Порта Влае ќе работат екипите на „Бауер БГ“. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Засилени контроли во Центар, 50 евра глоба за непрописно паркирање, порача Герасимовски
Комуналните инспектори и редари на општина Центар спроведуваат засилени контроли на возила кои се непрописно паркирани на јавни и зелени површини.
На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, со предвидена казна од 50 евра во денарска противвредност, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на општина Центар.
Сторителот на прекршокот е должен веднаш да го подигне прекршочниот платен налог во Општина Центар, Сектор за инспекциски работи, барака 6А. Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот.
По истекот на рокот следува целосна наплата, односно се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд, извести Општината.

„Редот се спроведува доследно и без исклучоци. Жителите на Центар го бараат тоа од нас. Безбедноста на пешаците и заштитата на јавните и зелените површини ни се приоритет“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат правилата и да придонесат за подобра урбана и животна средина.

