Uncategorized
Се враќаат туристите во Охрид и Струга, ги одвраќаат нехигиената и лошите патишта
Претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ) Крсте-Крис Блажески, кој е и менаџер на хотелот “Дрим” во Струга, поаѓајќи од пополнетоста на капацитетите под овој бренд на Охридското eзеро, предвидува успешна сезона, во секој случај, поуспешна од ланската.
– Нашите капацитети, во моментов, се исполнети со над 80 отсто, што е добра бројка за овој период од сезоната. Секако, од почетокот на јули пополнетоста ќе се зголеми. Редовно доаѓаат турите преку холандскиот оператор “Корендoн”, има гости од соседството и изненадувачки, има многу поголема побарувачка на гости од земјата кои сакаат да летуваат во Струга и Охрид -вели за Макфакс Блажески.

Според неговите оценки, на порастот на интересот кај домашните туристи влијае не баш пријатната ситуација нa граничните премини кон Грција, но и драстично зголемените цени на пансионите и вонпансионската потрошувачка кај јужниот сосед. И Албанија веќе не е евтина дестинација, како што беше досега. Во прилог на поголемата посетеност оди и убавото време, што е главен фактор, на пример за жителите на Скопје, а како многу голема неповолност, Блажески, ја нагласува лошата патна инфраструктура. На новиот автопат од Кичево до Охрид не само што не му се гледа крајот, туку станува и опасен за возење, со тоа што на многу места стариот пат и новата траса се испреплетуваат.
Блажески очекува во Охрид и Струга, повторно да се вратат Србите во бројка од пред неколку сезони, ако ништо друго како стара практика на враќање од Грција една седмица да поминат на Охридското Езеро.
Бројот на странските гости од Западна Европа е во постојан пораст, како што се зголемува и бројот на чартер-летовите. Во целата предсезона, имаше гости од земјите од Далечниот Исток, преку “Балканските тури”, како и од Турција, кои избија на самиот врв според бројноста.
Од оваа сезона новина е летот Катовице – Охрид, кој треба да донесе околу 3.000 гости и уште најмалку 2.000 со автобуски превоз. Не е мал бројот на Полјаците кои пристигнуваат со свои возила.
Иако, можеби, задоцнето, македонските хотелиери, посебно оние од Охрид и Струга, испратија низа конкретни барања и предлог мерки до новата влада. Има доста проблеми што заеднички треба да се решаваат, а претседателот на ХОТАМ, Блажески, на прво место ја става урбанизацијата и отсуството на детални урбанистички планови за охридско крајбрежје.
– На потегот од туристичката населба Радожда, па околу по македонската страна од езерото, располагаме со 70 километри крајбрежие. За жал, целиот тој потег, со детални урбанистички планови е покриен не повеќе од 10 проценти.. А има многу објекти, изградени уште во 70 – те години на минатиот век, за кои нема детални планови, а тоа значи не постои можност да добијат дозволи за изградба, доградба, или реконструкција. – појаснува Блажески.
Хотелиерите се жалат и на нелојалната конкуренција, лошата патна инфраструктура и недоволната хигиена, на агенции од типот човек-фирма, а предлагаат и намалување на данокот за храна и пијалоци и координирана маркетинг презентација на Македонија на највисоко можно ниво пред светските тур оператори.
Според согледувањата на ХОТАМ, во моментов, Во Охрид и Струга има околу 7.000 хотелски легла, додека бројот на легла во приватно сместување е околу 40.000.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
(Фото) Редно беше да ја видиме во проѕирен фустан: тело како ова не заслужува ништо помалку
Актерката Кејт Хадсон, која ја обожававме во романтичните комедии, сè уште нè остава без здив со својата природна убавина и совршен изглед, а честопати се чини дека не остарела ниту еден ден.
Таа е сигурно една од холивудските ѕвезди кои стареат грациозно, а благодарение на редовните тренинзи и внимателно избраната исхрана што ја практикува со години, Кејт Хадсон е меѓу дамите кои со најголема самодоверба знаат како да носат проѕирен фустан – и сигурно заслужуваат да се појават во него.
Кејт позираше во Берлин со Хју Џекмен на премиерата на нивниот нов филм „Song Sung Blue“, а за оваа пригода нè почасти со неочекуван, но исклучително впечатлив и елегантен фустан.

Таа носеше елегантен син, проѕирен фустан со длабоко деколте, зад кој стои потписот на познатата дизајнерка Вера Ванг. Фустанот има големо деколте напред, долги пуфкасти ракави и набори, но и отворен грб, а всушност е целосно направен од тил.
Под фустанот, Кејт носеше црн спортски градник и свиленкасти шорцеви, покажувајќи дека не е една од оние колешки кои „дозволуваат“ премногу да се открие.

Зачудувачката актерка ја врза косата во пунџа, носеше впечатливи обетки и шминка во природни тонови за овој свечен изглед.
фото: принтскрин
Uncategorized
Европол разби група платеници ангажирани за киднапирање водач на албанска мрежа за трговија со дрога
Европол вчера поддржа голема операција предводена од Германија, насочена кон група платеници ангажирани од криминална мрежа за киднапирање на водачот на соперничка банда за трговија со дрога.
Агенциите за спроведување на законот од Данска, Франција, Латвија и од Обединетото Кралство учествуваа во операцијата.
Координираната акција се фокусира на латвиски државјани, од кои некои беа активни во Француската легија на странци.
„Овие високообучени лица беа опремени со професионална опрема и дејствуваа во име на организирана криминална група. Ним им беше доверено киднапирањето на водачот на албанската мрежа за трговија со дрога, кој е осомничен за оркестрирање на кражбата на неколку тони канабис во вредност од милиони евра“, се вели во соопштението на Европол.
На денот на акцијата четири лица беа уапсени во Данска, Франција, Латвија и во Обединетото Кралство, а две во Германија.
„Европол одигра клучна улога со олеснување на размената на информации, обезбедување оперативна координација и обезбедување аналитичка поддршка. На денот на акцијата Европол распореди експерти во Ница за да ги олесни размената на информации во реално време и вкрстената проверка на оперативните информации во базите на податоци на Европол обезбедувајќи директни траги до истражителите на терен“, соопшти Европол.
Европол додава дека оваа операција е поврзана со феноменот насилство како услуга, во кој сторителите ги нудат своите услуги за извршување насилни дела во име на други криминални организации. Во овој конкретен случај високообучени експерти се ангажирани од организирани криминални групи за извршување насилни дела. Овој начин на дејствување се открива сè повеќе во разни операции поврзани со сериозен и организиран криминал.
Неколку осомничени во овој случај се поранешни војници на Француската легија на странци. Европол наведува дека ова претставува алармантен тренд што произлегува од војната во Украина.
„Борбено обучените поранешни војници, кои се враќаат од фронтот, би можеле да ги користат своите вештини за организиран криминал претставувајќи потенцијална закана. Како што војната во Украина продолжува и потенцијално се интензивира по нејзиното завршување, Европа би можела да се соочи со зголемен број на овие високообучени лица вклучени во криминални активности“, соопшти Европол.
Uncategorized
Тони Китановски, Баба Сисоко и диџеј Гоце САФ со албум снимен на три континенти
Концертна промоција на албумот „Afro Gitano“: Албум снимен на три континенти што нуди музичко патување без граници. Тони Китановски, Баба Сисоко и диџеј Гоце САФ сабота, 8 ноември, PUBLIC ROOM (во рамки на Skopje Design Week)
Во сабота, на 8 ноември, во Јавна соба, како дел од програмата на Skopje Design Week, македонската публика ќе има ретка можност да ја доживее концертната промоција на албумот „Afro Gitano“ ,заеднички проект на Тони Китановски, легендарниот Баба Сисоко од Мали и диџеј Гоце САФ.
Овој необичен спој на африкански ритми, балканска душа и урбан електронски грув претставува автентично музичко патување што ги руши границите меѓу жанровите и континентите. Китановски вели дека „Afro Gitano е музика што се движи како реката, како луѓето, како слободата“.
Албумот, снимен во време на пандемијата на три континенти и во шест земји, ја носи енергијата на спонтаноста и заедништвото. „Едноставно ќе пролета идеја што ни се чини добра, и тројцата се нафрламе на неа како мала глутница“, раскажува Китановски, откривајќи ја суштината на нивната уметничка хемија.
Африка, Балканот и урбаната сцена во едно
За Баба Сисоко, кого Китановски го опишува како „музичар од највисок ранг и гриот кој со музиката придонесува за мирот на земјата“, оваа соработка претставува спој на духовноста на западноафриканската традиција и џез-импровизацијата.
Во проектот се вклучува и диџеј Гоце САФ, кој со својата хип-хоп енергија внесува современа урбана димензија: „Џезот и хип-хопот се од иста мајка,“ вели Китановски, додавајќи дека триото создава „компактна единица во која секој ја задржува својата музичка суштина, а заедно пловиме беспрекорно.“


Музика што ја почитува традицијата и ја прегрнува слободата
Во „Afro Gitano“, Китановски ја продолжува својата долгогодишна мисија – да создава музика што е истовремено прастара и современа, длабоко вкоренета и бескрајно слободна. „Музиката е секогаш онолку добра колку што е блиска до коренот,“ вели тој, нагласувајќи дека искреноста кон себеси е единствениот пат до автентичност.
Албумот го издава лондонска издавачка куќа, а како што посочува Китановски, „само оригиналноста може да ја отвори портата кон светот.“
Настан што обединува музика, уметност и дизајн
Настапот е дел од Skopje Design Week – платформа што ги поврзува различните уметнички дисциплини. „Музиката е дизајн од невидливи треперења во воздухот и со тоа природно се вклопува во настанот,“ додава Китановски.
Публиката може да очекува концерт исполнет со ритам, импровизација и слобода. „Сакам да си поминат убаво, да се изнаиграат без да им биде гајле за другите околу нив, и секој да си пее различна песна од нашиот репертоар на пат за дома – само тогаш ќе знам дека албумот е навистина добар,“ вели Китановски.

