Македонија
СДСМ: Пропустите на автопатиштата „изеле“ едногодишни субвенции за земјоделците
СДСМ ја обвини претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ дека од неспособност и од алчност за провизии предизвикала штета околу изградбата на автопатиштата која е речиси еднаква на едногодишните субвенции на земјоделците, нагласувајќи, патем, дека тие редовно доцнеа.
„Пропустите во изградбата на автопатните делници Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип докажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ за време на 11-годишното владеење наместо за интересите и потребите на граѓаните, единствено се грижеше за богатење на партиското раководство.
Неспособноста на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и брзањето да се земат договорените провизии, за кои целата јавност можеше да чуе, резултираа со огромни пропусти во изградбата на автопатиштата, кои, според првичните проценки, ќе чинат повеќе од 100 милиони евра, пари на граѓаните.
Изнудените дополнителни трошоци направени поради неспособноста на претходната влада одат на директна штета на граѓаните и чинат речиси колку и вкупните субвенции за една година за сите земјоделци во Македонија што претходната Влада ги исплаќаше со големи задоцнувања. За сметка на личното богатење, Никола Груевски и неговите соработници го осиромашија буџетот и истовремено го нарушија угледот на Македонија“, реагираат од СДСМ порачувајќи дека новата влада ќе најде решение за пропустите и проектите ќе се реализираат во интерес на граѓаните. Според нив, ќе има целосна ревизија на сите почнати инфраструктурни проекти, а за секоја докажана злоупотреба на парите на граѓаните ќе следува одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

