Европа
Запален иден бегалски центар близу Берлин

Спортската сала во гратчето Науен, во близина на германската престолнина Берлин, која требаше да биде иден центар за згрижување на бегалците, намерно е запалена и изгоре до темелите, соопшти во вторникот локалната полиција.
Околу стотина баратели на азил во Германија требало да бидат сместени во споменатата спортска сала. Агенцијата DPA потсетува дека годинава во местото Науен веќе се одржаа неколку протести против згрижувањето на бегалците и мигрантите во земјата.
Во вторникот полицијата на источната покраина Бранденбург, објави дека со голема веројатност се сомнева дека пожарот што избувнал ноќта кон вторникот во салата наменета за привремен престој на бегалци е резултат на подметнат оган.
Нема настрадани во пожарот во Науен, 15 километри западно од Берлин, додаваат од полицијата
Изминатиот период ширум Германија се регистрирани повеќе напади врз засолништа за бегалците. Иако според анкетите, големо мнозинство Германци имаат позитивен став кон згрижувањето на лицата кои бегаат од бедата и војните.
Нападите врз бегалците и центрите за азил речиси двојно се зголемија на 202 случаи во текот на првата половина од годинава, вклучително и осум случаи на подметнати пожари како синоќешниот крај Берлин.
Антиимгрантското расположение порасна затоа што земјата се соочува со бран бегалци, претежно од северна Африка и од Блискиот исток, како никогаш претходно. Се прогнозира дека оваа година во Германија ќе пристигнат рекордни 800.000 баратели на азил.
Германската канцеларка Ангела Меркел во среда треба да го посети центарот за бегалци Хадјенау, јужно од Дрезден, кој неодамна беше сцена на безредија предизвикани по протестот на крајната десница. Таа, како што истакна во соопштение шефот на нејзиниот кабинет. Шефан Зајберт, ќе се сретне со локалните функционери, со бегалците и луѓето кои работат на нивното згрижување.
Десетици полицајци беа поведени при ноќните протести на демонстрантите во Хајденау, кога беа гаѓани со камења, шишиња и петарди, кои се противат напуштен поранешен деловно-индустриски комплекс да биде претворен во прифатилиште за бегалци и мигранти. Говорејќи во понеделникот, Меркел инцидентот го нарече „шокантен“ и „срамен“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Авион со руски туристи принудно слета во Естонија поради украински напад со дронови

Патнички авион што превезуваше руски туристи до Санкт Петербург беше принуден да слета во Естонија вчера по украинскиот напад со беспилотно летало врз Русија.
„Авионот беше пренасочен кон Талин бидејќи не можеше да слета на аеродромот ‘Пулково’ поради неговото привремено затворање“, потврди Маргот Холтс, раководител за комуникации и за маркетинг на аеродромот во Талин.
Во ноќта од саботата кон неделата украински беспилотни летала погодија гасен терминал во регионот Ленинград и рафинерија за нафта во регионот Самара. Извор во Службата за безбедност на Украина потврди за „Киев индепендент“ дека разузнавањето стои зад нападот врз терминалот за течен природен гас во регионот Ленинград.
Авионот, управуван од египетскиот превозник „Ал Масрија јуниверсал ерлајнс“, полетал од Шарм ел Шеик и слетал во Талин во 5.33 часот по локално време. Тој го продолжил своето патување кон Санкт Петербург речиси шест часа подоцна.
Според Холтс, на патниците и на екипажот не им било дозволено да го напуштат авионот додека биле на аеродромот во Талин.
Украинските напади со беспилотни летала, кои сè повеќе го нарушуваат цивилниот воздушен сообраќај во Русија, се дел од пошироката украинска стратегија за поткопување на руската логистика далеку над линиите на фронтот. Во првите месеци од 2025 година украинските напади со беспилотни летала наводно ја принудиле Русија да затвори аеродроми повеќе од 200 пати.
фото: принтскрин
Европа
Украинци: Русите извршија 500 напади врз Запорожје за еден ден

Во текот на изминатите 24 часа, руските сили извршија 500 напади насочени кон 13 населени места во регионот Запорожје, објави на Телеграм Иван Федоров, началник на Воената администрација на Запорожје.
„Руските сили извршија четири воздушни напади врз Билохирија, Полтавка и Червони. Три напади со повеќекратен ракетен систем (MLRS) ги погодија Плавни и Мала Токмачка. Вкупно 327 беспилотни летала (главно дронови FPV) ги погодија Запорожје, Биленки, Плавни, Хулајпол, Шчербаки, Новоданиливка, Мала Токмачка и Чаривно. Исто така, 166 артилериски напади се регистрирани во Плавни, Хулајпол, Орихив, Шчербаки, Преображенки, Новоданиливка, Мала Токмачка и Чаривно“, се вели во соопштението.
Властите добија 19 пријави за штети на станбени згради и помошни згради. Немаше пријави за цивилни жртви.
фото: принтскрин
Европа
(Видео) Патниците врескаат во агонија, трепка црвено светло: пекол на летот за Рим

Патниците врескаа од страв откога силни турбуленции го погодиле летот од Шпанија до Рим принудувајќи го пилотот итно да слета.
Преплашените патници гласно врескаа додека авионот се бореше со силни турбуленции на летот од Аликанте до аеродромот во Рим.
Turbulence caught on camera today on a Wizz Air flight from Alicante to Rome, forcing a diversion to Bologna.pic.twitter.com/sbLjXUp1DH
— The Age Of Genz (@TheAgeOfGenZ) August 21, 2025
Кога авионот изврши итно слетување во Болоња, патниците „му се заблагодарија на Бога што се живи“.
Снимките од кабината го покажуваат авионот како силно се тресе, со светла претежно изгаснати, а црвено светло трепка надвор од прозорецот.
Лошите временски услови во регионот предизвикаа проблеми за авионот додека се обидуваше да слета во Рим.
По неколку обиди за слетување на аеродромот во Рим, авионот беше пренасочен кон Болоња. Таму слетал во 3.53 часот наутро, речиси три часа откога требаше да пристигне во италијанската престолнина.
Патот од Аликанте до Рим обично трае нешто помалку од два часа.