Надворешна политика
Иванов – Дачиќ: Политичките односи меѓу двете земји се на исклучително ниво
Претседателот Ѓорге Иванов во понеделникот оствари средба со министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, кој престојува во официјална посета на земјава.
На средбата беа разменети мислења и информации за натамошно продлабочување на билатералните односи и соработката меѓу двете држави, како и за состојбите во регионот, регионалната соработка и евроинтеграциските процеси на двете земји.
Двајцата соговорници констатираа дека политичките односи се на исклучително високо ниво, а потврда за добрата билатерална комуникација е континуитетот на средби на официјални претставници од двете држави.
Поздравувајќи ја досегашната соработка на владино ниво и одржаната заедничка седница на двете Влади, Иванов оцени дека ваквата соработка е посебно значајна за севкупните пријателски односи меѓу двете земји. Фокусот на соработката во наредниот период треба да биде на јакнење на економските врски, балансирање на трговската размена, промовирање на заемни инвестиции, подобрување на комуникацијата меѓу бизнис заедниците и ангажман на двете држави во олеснување на ваквите приоритети, со проекти во патната, железничката и енергетската инфраструктура, нагласи претседателот Иванов.
Дачиќ ја искажа подготвеноста на Србија за градење и унапредување на добрососедските односи, во функција на безбедност, стабилност и просперитет на регионот, за соработката во рамките на регионалните иницијативи, и на мултилатерален план.
Србија и Македонија имаат заеднички интерес за соработка во бројни сфери, и целосно се согласувам со она што треба да претставува централен фокус на нашата соработка за наредниот период, истакна Дачиќ.
Македонскиот претседател дополни дека мостови во соработката се и Македонците во Србија и Србите во Македонија, чиј статус претставува пример во регионот, за почитување на јазичните и националните разноликости./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.