Македонија
Собранието ги игнорирало препораките за преиспитување на патните трошоци за пратениците
Собранието упорно ги игнорирало препораките на Државниот завод за ревизија од 2008 година до денес да се преиспита исплатата на патните трошоци за пратениците, посочуваат од „Транспаренси интернешнл“. Од организацијата бараат Собранието да донесе измени во Законот за пратениците и кодекс за етика на пратениците заради отстранување на проблемот со наплатата на нереално високи надоместоци за патни трошоци на пратениците. Оттаму изразуваат длабоко незадоволство поради игнорирањето на препораките на Државниот завод за ревизија, кои се однесуваат на воспоставената практика на пратениците за себе да прибавуваат финансиски надоместок за користење приватно возило во службени цели, кој не соодветствува со нивните реални трошоци.
– Законот за пратениците предвидува право за членовите на Собранието на РМ да примаат надоместок за користење автомобили во лична сопственост за службени цели во висина од 30 отсто од продажната цена на еден литар гориво според изминатиот километар за возилото што се користи. Државниот завод за ревизија во извештаите за извршена финансиска ревизија од 2008, 2010 и 2016 година препорачал да се преиспита висината на надоместокот во насока на нејзино намалување со оглед на тоа што овие расходи се нереални и опфаќаат значителен дел од вкупните расходи на Собранието на РМ. И покрај тоа, Собранието сè уште нема постапено по препораките на Државниот завод за ревизија и понатаму на пратениците им исплаќа нереално високи надоместоци за патни трошоци, со што значително го оптоварува својот буџет – велат од „Транспаренси интернешнл – Македонија“ и од Центарот за економски анализи.
Со донесувањето кодекс ќе се постави рамка за етичко однесување на пратениците во ситуации кога одредено однесување, иако е легално, не е етичко, како во овој случај, додаваат од организациите, и истовремено според нив ќе се исполни и препораката на ГРЕКО од извештајот за усогласеност од четвртиот круг на евалуација, а кој, меѓу другото, се однесува на превенција на корупција меѓу членовите на парламентот.
– Република Македонија пред себе има сериозен предизвик во обидот да се бори против коруптивното однесување на оние што се избрани и именувани да работат во интерес на граѓаните. Затоа е недозволиво речиси десет години да се игнорираат препораките на Државниот завод за ревизија. Работата на оваа институција е насочена кон детектирање на недостатоците во работата на институциите, а препораките во нивните извештаи даваат насока како да се дејствува за отстранување на тие недостатоци. Нивното игнорирање го прави залудно постоењето на ДЗР и ја саботира борбата против корупцијата. Затоа го повикуваме Собранието на РМ да ги донесе неопходните измени на регулативата и да воведе суштински промени во нејзиното сузбивање – пишува во соопштението од „Транспаренси Интернешнл – Македонија“ и од Центарот за економски анализи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски ќе го пречека хрватскиот министер за надворешни работи: во фокус билатералните односи, економската и секторската соработка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре и задутре ќе биде домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Двајцата министри ќе разговараат за билатералните односи, економската и секторската соработка, како и за европската интеграција на земјата и можностите за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон Европската Унија, извести Министерството.
Во фокусот ќе бидат и соработката во рамки на НАТО, регионалните прашања и актуелните меѓународни случувања.
Македонија
Утре без струја неколку скопски населби
Поради реализација на инвестициски зафат, а со цел подобрување на квалитетот во снабдувањето со електрична енергија, во четврток 26.02.2026 година, од 04:00 до 08:00 часот, екипите на Електродистрибуција ќе работат на реконструкција и модернизирање на трафостаницата „Васил Главинов“.
„Во овој период без снабдување со електрична енергија ќе останат следните локации на територијата на градот Скопје: населба Север, Топанско Поле, дел од Чаир, дел од Шуто Оризари, населба Бутел, цело Визбегово и индустриските објекти во индустриска зона „Визбегово“.
Македонија
„На кого веќе не му е јасно? Домашниот притвор за Груби –дил за политички цели“, велат од СДСМ
„Одлуката за домашен притвор за Груби не е правна, туку политичка. Таа е директна последица на политички дил и целосно контролирано судство и обвинителство од страна на ВМРО-ОКГ. Со месеци СДСМ предупредува дека судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ“, велат од СДСМ.
„Се менува јавен обвинител за да се стави обвинител под контрола на власта, се елиминираа независни кандидати, се инсталираа партиски кадри.
Сопруга на екс градоначалник на ВМРО ја назначија за член на Судскиот совет. Советник на Мицкоски беше избран во Уставниот суд. Портпаролката на Владата ги знае судските пресуди за случаи во тек.
Шефот на Обвинителот кој побара куќен притвор за Груби беше избран на оваа функција во Скопското јавно обвинителство пред еден месец. На кого веќе не му е јасно?
Домашниот притвор за Груби е доказ дека правдата е погребана, правда нема, има контролирано обвинителство и судство кое одлучува под диктат на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
Правна држава нема – има дил за политички цели и кампања на власта!“, се наведува во соопштението на СДСМ.

