Истражувања
Укинати парите за обнова, Универзална сала влезе во политички игри
За Универзална сала или Јавна установа Конгресен центар „Александар Македонски“ – Скопје, како што ѝ е официјалното име, веќе со децении нешто се чека за да почне обновата. Досега се чекаа проекти, идејни, главни, скапи, поевтини, а откако конечно избраниот проектот е готов, Универзална сала е пред нова пречка. Министерството за финансии со ребалансот ги укина парите за обновата предвидени во буџетот за 2017 година, па судбината на салата влезе во политички игри. Реконструкцијата се најавуваше за оваа есен, но кратењето на парите ги стопира сите постапки. „Макфакс“ дојде до фотографии од најновиот проект за обнова на Универзална сала, кои досега не се објавени.
„Во буџетот за 2017 година за Универзална сала биле предвидени 35 милиони денари. Од нив во првите четири месеци од годинава се потрошени 11.200.000 денари за потребите за проект за изградба на нов објект. Тие се веќе исплатени, а преостанатите пари се укинати оти Министерството за култура оценило дека се работи за проект што не е реализиран и не е во нивна надлежност “, велат од Министерството за финансии.
Од таму не добивме известување кому му биле исплатени средствата.
Последниот проект за обнова на салата лани го најави Министерството за култура во соработка со Град Скопје и со Универзална сала по одлука на Владата. На прес-конференција поранешната министерка Елизабета Канческа-Милевска рече дека Универзална сала нема да се урива за да се гради целосно нов објект, како што до тогаш се најавуваше, туку дека постојниот ќе се реконструира. По смената на власта, од Министерството за култура велат дека немаат изградено конечен став за тоа што ќе се случува со салата.
„Генерално, со ребалансот многу од обврските се укинати поради лошата кондиција на буџетот. За да изградиме став за идните чекори во врска со Универзална сала, сакаме да ги преиспитаме сите постапки, да утврдиме кои се финансиските обврски, дали проектот е одржлив и да видиме дали кореспондира со нашите обврски. Во зависност од овие анализи, ќе знаеме како да го направиме буџетот за 2018 година, кој е веќе во подготовка. Инаку, Универзална сала е целосно во надлежност на Град Скопје“, велат од Министерството за култура.
И Вера Бошковска, директорка на Конгресниот центар „Александар Македонски“, го посочува Град Скопје за решавање на иднината на објектот и вели дека е затечена од одлуката да се укинат парите за обнова на салата.
„Ние немаме ниту буџет ниту можност сами да ја обновиме салата. Проектот е веќе готов, но како ќе постапиме понатаму, ќе зависи од договорот со Град Скопје“, вели директорката Бошковска.
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, смета дека Универзална сала е објект од национален интерес за кој средства треба да одвои Владата.
„Универзалната сала не е од интерес само на Град Скопје бидејќи е објект или институција низ кој поминале сите позначајни музичари, театарски уметници и слично. Токму затоа претходната влада пристапи кон активности за реконструкција на салата со оглед на тоа што таа е затворена и не е во функција веќе подолг период. Се изработи еден проект во форма на јајце, кој се покажа како многу скап. Бидејќи беше многу скап, Владата одлучи да се направи нов проект. Имаме и заклучок од Владата, извадок од седница од Владата, во кој се препорачува Конгресниот центар ‘Александар Македонски’ да пристапи кон реализација на новиот проект за Универзална сала. Тој нов проект е веќе направен и чини 12 милиони денари само проектот, без ДДВ, а вредноста за реализација на тој проект е околу 15 милиони евра, исто така без ДДВ. Ние од Владата, односно од поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, имаме допис во кој се препорачува Конгресниот центар да почне со реализација на проектот ‘Универзална сала’ со тоа што во една од следните точки стои дека средствата ќе бидат обезбедени од буџетот на Република Македонија и ќе бидат префрлени на Конгресниот центар во моментот кога ќе почне реализацијата или како што ќе стигнуваат ситуациите. Средствата беа предвидени во буџетот за 2017 година со оглед на тоа што проектот беше готов и требаше да се почне со реализација. Меѓутоа, за жал, со ребалансот и, покрај нашето инсистирање и укажувањето во Министерството за култура, средствата беа укинати. Веќе не постојат средства за реализација на овој проект. Јас би апелирал, би барал од министерот за култура, господинот Алаѓозовски, и од новата Влада на господинот Заев да ја преиспитаат својата одлука и градот Скопје да не го остават без Универзална сала бидејќи новиот проект сметаме дека е навистина реален проект кој може да се реализира“, вели градоначалникот Трајановски.
Тој објаснува дека со последниот проект се задржува истата форма на Универзална сала, со тоа што од страната се додаваат неколку сали за разни намени, паркирањето е решено на две нивоа под земјата, и со овој проект, според него, салата ќе си го врати некогашниот сјај. Градоначалникот вели дека на Скопје му треба ваква сала оти сегашните се со капацитет од 600 до 800 седишта за разлика од 1.500 седишта превидени во проектот.
Доколку Владата не одвои средства за Универзална сала, градоначалникот Трајановски вели дека Град Скопје нема да може самостојно да ја финансира реконструкцијата.
„Град Скопје нема можност сам да ја финансира реконструкцијата на салата со оглед на тоа што се работи за 15 милиони евра без ДДВ, од еден аспект, од друг аспект ова е пренесена надлежност од централната на локалната власт со Законот за децентрализацијата. Капиталните инвестиции во пренесените надлежности се обврска на Владата на Република Македонија“, рече градоначалникот Трајановски.
Три проекти за обновата стојат во фиока
Последната реконструкција на Универзална сала, која била пуштена во употреба на 1 јануари 1966 година, според записите, била во 1978 година, за одржување конгрес на Комунистичката партија на Македонија. Од тогаш салата е нечепната, а обновата е само во планови.
За обновата на овој објект има три готови плана. Во 2008 година „Архангел бојс“ направи проект за реконструкција на објектот со кој требаше да се задржи нејзиниот автентичен изглед и да се надгради. Владата тогаш најавуваше дека се обезбедени 3 милиони евра за почеток на обновата која се најавуваше дека ќе чини околу 7 милиони евра, но планот остана само на хартија. Проектот беше актуелен сè до 2013 година кога Министерството за култура и Град Скопје соопштија дека анализа на состојбата на Универзална сала направила екипа од Градежен факултет, која утврдила дека сегашниот објект не може да издржи доградба и надградба. Тогашната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска, по анализата, на јавноста од пред Универзална сала ѝ соопшти дека ќе се прави нов објект за салата.
„Анализите покажаа дека доколку при реконструкција се врши зголемување на количеството челична и бетонска конструкција, објектот не ќе може да ја прифати тежината затоа што е изграден пред 47 години. Такви дополнителни количества арматура и бетон, според општите параметри, може да се постават на објекти стари до 50 години. Ако се оди со реконструкција, не ќе може да се зголеми бројот на седишта во салата, кои според потребите се планира да бидат од 2.500 до 3000“, рече министерката Канческа-Милевска во 2013 година.
Следуваше нов конкурс за идејно решение за сосема нив изглед на Универзална сала, на кој како најдобро беше избрано решението на архитектите Стојан Павлески и Иван Симеонов од „Стоун дизајн“, кои Универзална сала ја нацртаа во форма на јајце. Проектот ги подели мислењата на еснафот. Многумина уште кога беше презентиран проектот забележаа дека е неизводлив на истата локација и дека евентуална изведба би била прескапа. И покрај таквите забелешки, Министерството за култура на оглас побара фирма што ќе го изработи изведбениот проект. На првиот и на вториот оглас не се јави ниту една фирма, но во 2015 година на третиот оглас Министерството го избра Друштвото за планирање, градежништво, инженеринг, трговија и услуги „Архи груп план“ за речиси 405.000 евра да го изработи основниот проект за салата во форма на јајце. Друштвото доби рок од осум месеци за изработка на проектот.
Но, по истекот на рокот, Министерството за култура и Град Скопје решија последниот проект да не се реализира оти е прескап. Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, објасни дека за реализација на јајцето ќе требаат 60-65 милиони евра, па затоа од таму одлучија да се вратат на првиот проект од 2008 година од „Архангел бојс“, со кој се задржува сегашниот изглед на салата, со доградба и надградба, и за кој реализацијата би чинела околу 15 милиони евра, а безбедноста ќе се гарантира со зајакнување на челичната конструкција.
Лани Градежниот институт Македонија доби обврска да направи промени на стариот проект од 2008 година и да го приспособи на сегашните услови. Проектот е готов, во него е задржана препознатливата купола, предвидени се 200 седишта повеќе, надворешна застаклена галерија на две нивоа, а паркирањето е решено под земја во две нивоа.
За да почне да се реализира, требаше да се распише оглас за избор на фирма изведувач, но ребалансот на буџетот ги стопира сите активности.
Салата затворена за посетители по трибината на Зоран Заев
Универзална сала две и пол години е затворена за посетители. Последен настан во салата беше трибината на СДСМ на 10 март 2015 година кога тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев побара оставки од Владата, од јавниот обвинител Марко Зврлевски и од раководството на Македонската телевизија, а ја пушти и осмата бомба за изборни нерегуларности.
По трибината, кога салата се испразнила, се откорнало големо парче од таванот и паднало врз седиштата. Тоа беше причина салата да се затвори за посетители. За поправки на таванот не се размислуваше поради најавениот нов објект за салата, во тој период актуелен беше проектот во форма на јајце.
Во истиот период салата беше преименувана во Конгресен центар „Александар Македонски“, конгресните сали добија имиња „Гоце Делчев“, „Методија Андонов – Ченто“ и „Борис Сарафов“, а билатералните сали беа крстени „Панко Брашнаров“, „Кочо Рацин“, „Григор Прличев“, „Димитрие Чуповски“, „Крсте Петков-Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“.
Универзална сала е копија на бугарскиот државен циркус
По земјотресот од 1963 година, Дирекцијата за комунална и станбена изградба на Скопје донела одлука за изградба на сала во која ќе се организираат манифестации кога увидела дека градот има таква потреба. Монтажниот објект е купен од бугарската компанија „Техноекспортстрој“ во 1964 година со донација од 35 држави. Проектот за салата е на бугарските браќа Јарослав, Љубомир и Владимир Станкови и нивната сестра К. Станкова-Мутафова. Го направиле за бугарскиот државен циркус, кој бил изграден две години претходно, во 1962 година во Софија, но изгорел во 1983 година.
М.И.Пачемска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Истражувања
(Видео) Нафтениот тајкун и пратеник од ДУИ, Јахоски, му ја продал куќата на Таравари во Тафталиџе, комшии му се министри и бизнисмени
Куќата во скопско Тафталиџе на Арбен Таравари, актуелен градоначалник на Гостивар и лидер на Алијансата за Албанците, по цена далеку пониска од пазарната му ја продал пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, кој пет мандати беше градоначалник на Пласница и чие семејство е сопственик на „Пуцко петрол“. „Макфакс“ дојде до официјалниот документ, кој покажува дека последниот сопственик на куќата во Тафталиџе пред Таравари да ја купи бил пратеникот Јахоски заедно со сопругата Љупка-Еда Јахоска.
Со купувањето на куќата, Таравари во соседството е опкружен со видни бизнисмени, но и политичари од партијата ДУИ. На неколку чекори од неговиот двор живее министерот за финансии, Фатмир Бесими. На истата улица кај Бесими куќа има и бизнисменот Фатмир Етеми, кој е поранешен пратеник од ПДПА, кој изгради деветкатница кај „Мајчин дом“ во Аеродром.
Иако му ја продаде куќата, семејството Јахоски останува прв сосед на Таравари оти Љупка-Еда Јахоска, според податоците од Катастарот, е сопственичка на соседната парцела.
Историјатот од Катастарот покажува дека Јахоска во 2013 станала сопственичка на куќата што денес ја поседува Таравари. Делела по една половина со Иса Јаоски. Во 2017 година делот од Иса Јаоски како дар го добил пратеникот Јахоски. По четири години, во 2021 година, врз основа на договор за купопродажба како сопственик е внесен Таравари.
Според анкетниот лист пријавен во Државната комисија за спречување корупција, Таравари за квадратен метар платил 576,5 евра, иако пазарната цена за квадрат надминува 1.500 евра и сега и во 2021 година кога била направена купопродажбата. Извештаите на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека и во 2019 година, две години пред Таравари да ја купи куќата, просечната цена на квадрат во Скопје била 1.000 евра, а од тогаш наваму цените се во постојан пораст.
Таравари за „Макфакс“, сепак, тврди дека платил реална цена за куќата и не даде никаков коментар на обвинувањата за партиски пазар и сомнеж за корупција.
„Куќата е купена во јуни 2021 година со комплетно уредна документација. Пријавена е во анкетниот лист уште 2021 година, а според состојбата во која беше купена куќата во 2021 година, таа ѝ е реалната цена за тоа време. Инаку, цените на становите и куќите сега и пред две години се разликуваат“, рече Таравари.
Пратеникот од ДУИ, Јахоски, не одговори на прашањата од „Макфакс“ зошто му направил попуст на Таравари и со тоа оставил простор за сомнеж за корупција и политички пазар, како што обвинува опозицијата.
„На седница сум“, рече пратеникот, кој самиот се јави во „Макфакс“ оти, како што рече, му стигнала празна порака, но спушти слушалка кога ги слушна прашањата што му беа испратени во пораката. Рече дека има обичен телефон и не гледа прашања, а не одговори ниту на прашањата испратени по имејл.
Таравари, истовремено, со купувањето на куќата за која навел дека вреди 150 илјади евра, во анкетниот лист пријавил и кредит од 100 илјади евра.
Државната комисија за спречување корупција ги истражува сите наводи во анкетниот лист на Таравари, вклучително и цената на куќата.
„Имаме предмет за Таравари, но сè уште се работи и во овој момент немаме исход што би можел да се соопшти“, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, за „Макфакс“.
Управата за финансиска полиција, пак, како најповикана институција за следење на патот на парите и откривање криминал во функционерските кругови, една недела не одговара на прашањата од „Макфакс“ за цената што Таравари ја платил за куќата по јавно искажаните сомнежи за корупција ниту, пак, извести дали на кој било начин оформиле предмет за овој случај. Новиот директор на Управата, Горан Иванов, не контактира со медиумите, освен во случаи кога Управата преку соопштение, еднострано, ѝ се обраќа на јавноста. За случајот на Таравари, досега од оваа институција немаше соопштение.
Истражувања
Разрешена директорка зела плата и го возела службениот автомобил
Ексдиректорката на Државниот комунален инспекторат, Елизабета Јованчева, и разрешена зела плата, го возела службениот автомобил и потпишувала документи, а нејзините колеги сведочат и дека заминала на обука во Италија за која си зела и дневници. Инспекторатот сега судски бара ексдиректорката да врати 26.832 денари, што ѝ биле префрлени како плата по разрешувањето, а откако ќе ја добие пресудата за платата, ќе поведе постапка и за сите останати трошоци што ги направила во периодот по одлуката на Владата.
„Владата ја разреши Јованчева на 15 мај 2018 година, без образложение, со назнака дека одлуката стапува на сила веднаш, но таа си остана на функцијата до јуни. Место само за 15 дена од мај, таа си потпиша плата за цел месец. Одвреме-навреме доаѓаше и на работа. Кога ја прашавме зошто доаѓа и по одлуката на Владата, таа кажуваше дека чека официјално известување“, велат вработени во Инспекторатот кои сакаа да останат анонимни.
Инспекторатот бил без директор до август 2018 година кога Владата го назначила Зоран Маџовски за в.д. директор, но по само две недели го разрешила и него и за в.д. директор е назначен Сали Ајдини, кој сè уште е на функцијата. Со негов потпис, Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата. Со истиот допис ја известиле ексдиректорката дека ако не ги врати парите, ќе почнат судска постапка.
Јованчева им одговорила дека барањето им е неосновано, па Инспекторатот побарал милење од Државното правобранителство. Правобранителството го прифатило барањето и го известило Инспекторатот дека случајот е испратен за постапување до Државното правобранителство во Штип, надлежно да постапува доколку е потребно да биде поведена судска постапка.
„Правобранителството нè извести дека подготвително рочиште за предметот е закажано за во март годинава. Нашиот став е дека поранешната директорка треба да ги врати парите за половина месец оти одлуката на Влада за нејзино разрешување стапи на сила веднаш и таа беше одјавена од социјално осигурување“, изјави директорот Ајдини за „Макфакс“.
„Макфакс“ ја контактираше ексдиректорката Јованчева, но таа не сакаше да зборува за случајот.
Владата, која ја назначи и ја разреши Јованчева, не одговори на прашањата кое е образложението за нејзиното разрешување и зошто постојано дозволуваат Инспекторатот да е без директор.
„Во однос на кадровските прашања во Владата на Република Македонија, има комисија за кадровски прашања, која за секое лице поединечно ги проверува содржините на поднесената документација за да се провери дали ги исполнуваат условите за именување и соодветно на фактите, со потврдата за исполнување на условите за именување, Владата ги именува истите“, е коментарот на Владата како одговор на прашањата за смената на Јованчева.
Владата ја назначи за директорка Јованчева на 26 јануари 2018 година откако Инспекторатот беше три месеци без директор, оти дотогашниот стана градоначалник, а вработените беа без плата. Една од првите обврски на Јованчева беше потпишувањето на платата.
Истражувања
(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница
Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара железничка прво гради хотел. Зад „Рамстор“ веќе се гледа објект од приземје и четири ката, а во исто време на трасата на подземната сообраќајница видливи се само подготовки за градење. Овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.
Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат другите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.
Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.
Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.
„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.
Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.
„Според распоредот за изградба на ‘Лимак’, подземната сообраќајница ќе биде прва точка од проектот на ‘Лимак’, кој ќе се гради на парцелата 1.1. ‘Лимак’ прво ќе ја гради подземната сообраќајница на секвенци на парцелата 1.1 и ќе работи нагоре за да ги комплетира паркинзите, а дури потоа ќе почне со активности за изградба на станбените објекти и трговскиот центар кои е предвидено да се наоѓаат на ова место. Според инженерите, ова е сосема изводлив проект. Планирано и буџетирано е дека ‘Лимак’ ќе инвестира до 250 милиони евра за да го заврши овој проект“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.
Од компанијата се правдаат дека почнале да го градат хотелот зад „Рамстор“ оти заедно со локацијата го презеле и одобрението за градење што претходниот инвеститор го добил во 2008 година. Морале да почнат да градат оти биле обврзани во рок од десет години од издавањето на одобрението градбата да заврши. Поради истечениот рок за завршување на градбата „Лимак“ плаќа казна од два милиона денари месечно.
Официјално изградбата на комплексот кај Јужен булевар Турците ја почнаа лани во септември и најавија дека подземната сообраќајница ќе биде готова за 20 месеци, односно до средната на 2020 година. Ќе се гради прво потпорен ѕид од 17.000 квадратни метри околу сите парцели опфатени со проектот.
„Лимак“ на просторот кај Стара железничка станица покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници, трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра. Лани за комуналии на Град Скопје се обврза да му исплати 6,5 милиони евра на рати, а за 20 отсто помала сума треба да исплати на име комуналии и во Општина Центар.