Компании
Македонско ИоТ решение интересно и за американскиот пазар

Во тек е гласањето на меѓународниот натпревар Business Wall of Fame на Дојче Телеком за најдобро „Интернет на нештата“ решение. Деловните корисници од Македонија гласаат на веб страницата wallofbusiness.com со што добиваат можност, како поддржувачи на омиленото IoT решение да добијат и национална маркетинг кампања заедно со избраното решение во вредност до 20,000 евра. Голем број извонредни IoT решенија од повеќе индустрии веќе се пријавени, а развивачите сè уште имаат можност да ги поднесуваат своите решенија, чиј рок е продолжен до 1 јуни.
Едно од пријавените на интернционалниот конкурс е решението Fueloyal Technology на македонско- хрватската стартап компанија 4VIRTUS. Станува збор за IoT решение Fueloyal кое го решава најгорливиот проблем на транспортната индустрија – кражбата на гориво. Паметното капаче iCap 1000 се додава на резервоарот за гориво и води евиденција со колку гориво е наполнет резервоарот, а во исто време со антисифонинг заштитата се грижи истото да не се источи.
Резултатите за сите камиони со помош 3Г модем вграден во уредот пристигаат на клауд до седиштето на компанијата од каде може да се надгледува состојбата со гориво во секој момент. Капачето оневозможува било кој неавторизирано да го отклучи резервоарот, а монтирањето на капачето може да се направи со едноставно додавање на постоечкиот резервоар, без потреба за модификација.
„Нашето решение на компаниите би им заштедило по 15-20.000 долари/годишно за секој камион во флотата. Во ЕУ, САД и Канада месечно секој превозник во просек троши гориво во вредност поголема 10.000 долари, а според проценката 10 до 15 отсто од оваа сума е украдена. Штетата која секоја година се прави надминува 80 милијарди долари. Проектот беше претставен на Websummit во Даблин, Ирска, Mobile Word Congress во Барселона и Techcrunch Disrupt во Њујорк а интерес за соработка пројавија компании од целиот свет”, рече Игор Христов, генерален менаџер на 4 Виртус.
Живееме во време на промени, кои и тoa како го менуваат начинот на нашето живеење. Многу нешта за кои сме можеле само да сонуваме, веќе се дел од секојдневието, а нештата кои некогаш ни се чинеа само како дел од научната фантастика, веќе се реалност. Едно нешто е заедничко за сите ИоТ решенија – тие ја поедноставуваат работата на деловните корисници.
Со реализацијата на проектот Business Wall of Fame,целта на Македонски Телеком е да го поттикне развојот на ИоТ решенија во Македонија, да мотивира креативност кај девелоперите, охрабрувајќи ги на тој начин да создаваат решенија кои ќе можат да се продадат на интернационалниот пазар. Целта на сите решенија поврзани со „Интернет на нештата“ е на поединецот да му се поедностави животот, на компаниите да им се намалат трошоците во работењето, да се зголеми продуктивноста, и сето тоа да функционира некаде на облак, односно, cloud./крај/мф/би
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Силна профитабилност во првиот квартал од 2025 година во услови на меѓународно опкружување исполнето со предизвици

Во првиот квартал од 2025 година, цените на суровата нафта се движеа помеѓу 60 и 68 долари за барел што претставува намалување во однос на опсегот од 68 до 93 долари за барел, во првиот квартал од 2024 година. Ваквиот пад првенствено беше предизвикан од неизвесноста околу развојот на глобалниот трговски протекционизам, инфлаторните притисоци и геополитичките тензии. Инфлацијата доведе до повисоки трошоци за производство, додека геополитичките прашања го дестабилизираа пазарот. Како резултат на трговските тензии, проекциите за растот на глобалната побарувачка за нафта беа намалени, за разлика од општото зголемување на цените во првиот квартал од 2024 година, предизвикано од геополитички ризици и нарушувања во снабдувањето.
Обемот на продажба во првиот квартал од 2025 година изнесуваше 247 илјади М³, со пад од 10% споредено со истиот период минатата година. Производите беа пласирани на двата пазари на кои компанијата традиционално работи (домашниот и извозниот), при што извозот учествуваше со 24% во вкупниот обем на продажба.
Бруто-добивката достигна 269 милиони денари, што претставува намалување од 9% споредено со истиот период минатата година. Добивката пред оданочување изнесува 107 милиони денари.
Прилагодената ЕБИТДА за периодот достигна 137 милиони денари, бележејќи годишен раст од 25%. Ова е резултат од зголемената продажба на домашниот пазар, зголемените чисти извозни бруто-маржи, повисоката бруто маржа на електрична енергија и намалувањето на оперативните трошоци за 5%. Остварената ЕБИТДА забележа пад од 15% споредено со истиот период лани, главно поради негативниот ефект на вреднување на залихите од 20 милиони денари, наспроти позитивниот ефект од 28 милиони денари постигнат во претходната година.
Во согласност со своите стратешки приоритети и одлуката да ги зајакне инвестициите во почисти извори на енергија и да ги намали емисиите на јаглерод диоксид, компанијата инвестираше 9 милиони денари во проекти за обновливи извори на енергија во текот на првиот квартал од 2025 година. Овие тековни инвестиции не само што придонесуваат кон одржливоста на животната средина, туку обезбедуваат и значителни економски придобивки.
Посветеноста на компанијата на својата стратегија за ООП останува цврста и доследна, особено во поглед на поддршката на средината и заедницата каде што ОКТА работи. Годината започна со фокус на иднината на земјата – децата и младите. Преку нашата годишна донација од 6.000 литри екстра лесно масло за греење на СОС Детското село во Скопје, обезбедивме доволни количини за целосно покривање на потребите за греење за целата година. Ваквиот придонес значително ги подобрува условите за живот на децата без родителска грижа.
Во текот на првиот квартал од годината, ОКТА ја најави својата програма за стипендии за постдипломски студии во земјата и во странство. Оваа иницијатива го поддржува нашето уверување дека инвестирањето во образованието и новата генерација значи инвестирање во поодржлива и посигурна иднина. Нашите вработени пак, повторно ја покажаа својата посветеност на општествената добробит преку учеството во првата традиционална крводарителска акција за оваа година, потврдувајќи ја својата непоколеблива посветеност на хуманоста и благосостојбата на заедницата.
ОКТА има за цел да ја задржи својата лидерска позиција на локалниот пазар преку обезбедување на редовно и непрекинато снабдување со горива од највисок квалитет до своите клиенти на пазарите на кои работи. Унапредувајќи ги своите иницијативи за автоматизација, компанијата работи на подобрување на својата организациска ефикасност, намалување на трошоците и поставување на цврста основа за идни остварувања.
Преку прифаќање на иновациите и приспособливоста, ОКТА не само што обезбедува континуитет, туку и придонесува за подобрување на општеството, поттикнувајќи одржлив напредок и стабилност за сите.
ПР
Економија
„Алкалоид“ отвори нови хоризонти во третманот на ГЕРБ со течниот „омепразол“

Како носител на првиот меѓународен патент за лек со додадена вредност – Омепразол во течна форма: готов за употреба – „Алкалоид“ беше покровител на Првата меѓународна конференција за современ пристап во третманот на ГЕРБ кај педијатриските пациенти, организирана во Загреб, Хрватска.
Повеќе од 200 здравствени професионалци од областа на педијатријата, гастроентерохепатологијата, нутриционизмот, експерти од фармацијата и од фармакологијата, претставници на академската заедница, како и претставници на „Алкалоид“ учествуваа на првиот глобален настан под покровителство на компанијата посветен на најновите достигнувања во третманот на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај доенчињата и кај малите деца.
Настанот во фокусот го имаше првиот патентиран течен Омепразол, иновација која носи значителни подобрувања во педијатрискиот третман на ова често заболување. Омепразолот ѝ припаѓа на групата инхибитори на протонска пумпа и претставува терапија од прв избор при лекувањето на ГЕРБ, традиционално достапен во форма на гастрорезистентни таблети, капсули или прашок за растворање, што ја отежнува неговата примена кај доенчињата постари од еден месец, малите деца, кај пациентите со тешкотии при голтањето, пациентите со гастрични сонди за хранење, како и кај геријатриските пациенти.
„Алкалоид“ за првпат во историјата успеа да го развие омепразолот во патентирана течна форма, овозможувајќи нов, практичен и ефикасен пристап во третманот кај овие чувствителни групи пациенти.
„Овој производ ја потенцира посветеноста на ’Алкалоид’ кон врвни достигнувања во сферата на фармацијата и поставува нови стандарди во генеричкото производство на лекови, со фокус на иновацијата и пазарната диференцијација. Иновативниот лек со додадена вредност на ’Алкалоид’ веќе отвора нови хоризонти во третманот на ГЕРБ кај педијатриските пациенти, пред сè, во поглед на достапноста на терапијата, што претходно не беше случај, прикажувајќи позитивни резултати во третманот на овие чувствителни групи на пациенти и подобрувајќи го квалитетот на живот на семејствата кои се соочуваат со ова често заболување“, истакна Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на УО на „Алкалоид“.
По патентирањето во септември 2023 година, течниот Омепразол за првпат беше пуштен во употреба во февруари 2024 година на пазарите во Македонија и во Обединетото Кралство, а оваа меѓународна конференција претставуваше извонредна можност за размена на клинички искуства, како и за споделување добри практики и иновативни пристапи во педијатриската пракса.
Здравствените професионалци од Македонија, Обединетото Кралство, Белгија, од Словенија, Хрватска, БиХ, Бугарија, Романија, Србија и од Косово дискутираа за предизвиците со кои се соочуваат во третманот на ГЕРБ, како и за придобивките од воведувањето на оваа иновативна формулација на Омепразол, укажувајќи на неговата ефикасност, безбедност и на подобрената подносливост кај најмалите пациенти.
Тим од експерти од разни области во „Алкалоид“ 6 години работеше на развојот на течниот Омепразол.
Иновативниот концепт на овој лек вклучува двокоморно шише за еднократна употреба, кое одделно содржи два раствора – еден со висока pH и еден дилуент.
Со мешање на растворите непосредно пред употребата се добива стабилна формулација со оптимална pH-вредност, која ја заштитува активната супстанција од деградација при контакт со желудочната киселина, овозможувајќи соодветна, безбедна и ефикасна примена на терапијата кај педијатриските пациенти, како и кај другите чувствителни групи на пациенти.
За да се задоволат специфичните барања во процесот на производство на овој лек, „Алкалоид“ инвестираше во наменски изработена машина, соодветна за овој иновативен производ, осигурувајќи ефикасен и одржлив синџир на негова испорака низ светот. Омепразол растворот е достапен на пазарите во Македонија, Велика Британија, Ирска, Романија и Хрватска. Во моментов, производот се наоѓа во постапка за добивање на маркетиншка авторизација во повеќе други земји.
Економија
Еколошкиот систем за гаснење пожар на Борис Јанковски и Искра Јанковска-Михајловска награден за патент на годината

Еколошкиот систем за гаснење пожар, изум на компанијата за истражување и развој „Веда“ и на изумителите Борис Јанковски и Искра Јанковска-Михајловска, ја доби највисоката државна награда за изуми „Патент на годината“.
Наградата традиционално годишно ја доделува Државниот завод за индустриска сопственост.
„Веда“ е мала семејна компанија основана во 1991 од Јанковски, кој е инженер и истражувач, а ја раководи ќерката Јанковска-Михајловска.
„Ова е многу значајно за развој на нашиот бизнис бидејќи сме фирма што ги продава технологиите што ги создава. Но, без иновации нема напредок. Овој пронајдок е значаен за развојот на разни бизниси во кои може да се имплементира, а во исто време да ја заштити животната средина“, вели Јанковска-Михајловска.
Изумот овозможува гаснење во моментот на настанување на пожарот, што е приоритет во техниките на гаснење. Користи супстанција која е потврдена како нетоксична според меѓународните стандарди и протоколи, а тоа е важно затоа што Европската комисија постојано ги заострува регулативите поврзани со емисија на токсични гасови.
Оваа супстанција е соодветна за употреба во станбени и јавни простори, во простории во кои има луѓе и е безбедна алтернатива на постојните системи за гаснење пожари, кои, поради нивната штетност за околината, се во процес на повлекување во Европската Унија.
„Системот може да се примени во разни сектори, електрични возила, камиони, автобуси, воена и полициска опрема, системи за производство на енергија од сонце и ветер. За време на ковид-кризата со тимот работевме интензивно на овој систем, со поддршка на Фондот за иновации, и стасавме до фаза во која веќе може да влезе во индустриско производство“, изјави изумителот Јанковски.
Овој пронајдок во 2022 година ја доби првата награда на американскиот натпревар за висока технологија поддржан од американската армија и од Министерство за одбрана на САД, а следната година Искра Јанковска-Михајловска во Вашингтон го доби признанието жена во фокус на технологијата.