Регион
Српското обвинителство бара од Нигерија изјава на лекар за трговија со органи на Косово
Српското обвинителство за воени злосторства за побарало во вторникот до Нигерија да го сослуша лекарот Филип Њ’манзе за сознанијата коишто тој ги има за трговијата со човечки органи за кои во медиумите ги обвини поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и нигерискиот богаташ Рохас Окороша, соопштија во Белград во четвртокот.
„Обвинителството за воени злосторства на Република Србија упати денеска до надлежните служби на Сојузна Република Нигерија барање за разговор со др Филип Њ’манзе, лекарот кој изјави дека Хашим Тачи заедно со Рохас Окороша тргувал со органите на грабнатите Срби на Косово и Метохија“, се наведува во соопштението на српското обвинителството.
Според одредбите Законот за меѓународна правна помош, Обвинителството со посредство на српското министерство за правосудство „започна постапка која ќе овозможи сослушување на лица кои имаат евентуални сознанија за трговија со човечки органи на Косово и Метохија и на северот од Албанија“.
Во овој предмет, како што се наведува во соопштението, Обвинителството досега сослушало 160 сведоци. Се додава дека „на овој предмет се одвива интензивна соработка со Специјалниот истражен тим (на правосудната мисија на ЕУ на Косово) Еулекс кој, со поддршка на институциите на Република Србија, сослушал повеќе од 200 сведоци на просторот на Србија“.
„Специјалниот истражен тима спроведува истрага во повеќе земји за злосторствата на Ослободителна војска на Косово (ОВК – УЧК) на Косово и Метохија во периодот од 1998 до 2000 година, што епилог ќе добие пред неодамна формираниот Суд за ОВК во Хаг“, наведува српското Обвинителство за воени злосторства.
Здружението на лекарите на Нигерија го обвини Рошас Окороша, милијардер и гувернер на нигериската сојузна држава Имо, дека организирал мрежа за трговијата со човечките органи во Нигерија, во соработка со поранешниот премиер и актуелен министер за надворешни работи Хашим Тачи, но наводно и со неименувани функционери од Турција и од Хрватска, објави нигериската информативна агенција Naij, а веста беше пренесена во белградски Блиц и други медиуми во регионот, како и во лондонски The Independent.
Известувачот на Советот на Европа, Дик Марти, во својот извештај од 2010 година наведе тешки обвинувања против командантите на ОВК, вклучително и за тогашниот косовски премиер Хашим Тачи, дека биле вклучени во илегално тргување со човечки органи замени од страна на „диви хирурзи“ грабнатите Срби на Косово и во северна Албанија, во текот на косовскиот конфликт.
Освен Марти, овие тешки обвинувања ги повтори и поранешниот шеф на мисијата на УНМИК на северот од Косово, Жерар Галучи, наведувајќи дека САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија „многу добро биле информирани за криумчарењето на човечки органи“ и за 2црната хирургија на којашто биле изложени грабнатите Срби на Косово“.
Хашим Тачи повеќепати ги демантираше тврдењата на меѓународните функционери негирајќи ја својата вина и вмешаност во трговијата со човечки органи. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Кси слета во Србија: Претседателот на Кина пречекан од Вучиќ и државниот врв
Заедно со претседателот на Србија Александар Вучиќ и првата дама, кинескиот претседател Кси Џинпинг беше пречекан на црвениот тепих од српската делегација составена од премиерот Милош Вучевиќ, претседателката на Собранието Ана Брнабиќ, министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ, српската амбасадорка во Кина Маја Стефановиќ и кинескиот амбасадор во Белград Ли Минг со сопругата.
Свечениот пречек на кинеската делегација која брои 400 лица е закажан за в среда пред палатата „Србија“.
Домаќин на претседателот Кси Џинпинг ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ, а двајцата лидери ќе разговараат за широк спектар на теми – од политички, економски и технолошки до соработка во областа на културата.
За време на дводневната посета на Кси Џинпинг на Србија, планирано е да се потпишат над 30 договори.
Беше организиран и свечен ручек на кој кинескиот претседател ќе има можност да дегустира српски јадења и вина, а ќе има и музичка програма на српски и кинески јазик, која ќе заврши со песната „Ова е Србија“.
Поради доаѓањето на кинескиот претседател преземени се големи безбедносни мерки, па неговата делегација ќе ја обезбедуваат 3.400 полицајци.
Регион
Руски хакери ги нападнаа веб-страниците на косовските институции
Руски хакери ги нападнаа веб-страниците на косовските институции, изјави министерот за одбрана Ејуп Македончи.
„Група руски хакери извршија сајбер-напад на Косово како одмазда за мојата изјава за поддршка на Украина“, изјави Македончи.
Во текстот на руските хакери се споменува говорот на тој косовски министер кој, според нив, рекол дека „Косово е подготвено да и понуди воена помош на Украина“.
„Косово е подготвено да ги здружи колективните напори за поддршка на одбраната на Украина. Треба повеќе да размислат за ова“ – напишаа хакерите на руски, спомнувајќи го министерот Македончи.
Министерката за надворешни работи и дијаспора Доника Гервала објави дека „Русија врши хибриден напад на Косово“.
Гервала на мрежата „Х“ изјави дека „рускиот хибриден напад на Косово“ доаѓа по најавата за поддршка на Косово за Украина со воена опрема.
Регион
Александар Вулин: Пријателството меѓу Србија и Кина е челик затоа што го ковавме во оган
Вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, на промоцијата на културната размена меѓу Кина и Србија на тема „Што ги делат планините и реките, пријателството обединува“, изјави дека пријателството меѓу двете земји е челик бидејќи е ковано во оган и дека Србија и Кина се разделени за многу работи, но најважното ги обединува, а тоа е одлуката на две држави да бидат слободни.
„Пријателството на нашите лидери, претседателот Вучиќ и претседателот Си Џинпинг, не обврзува да сториме сè, исто како нив, за нашите народи да бидат поблиски отколку што нè прави блиски географијата или историјата. Србите и Кинезите ги дели сè, ние сме различни во сè, но нас нè обединува она најважното – нашата одлука да бидеме слободни, нашата посветеност на најважната карактеристика на народите и луѓето – слободата“, рече Вулин на настан организиран од China Media Group.