Црна хроника
Криминалната група земала огромни камати за заеми и се заканувала со убиства – ВИДЕО

Криминалната група која беше уапсена утрово во полициската акција „Удар“ што се спроведе на подрачјето во Скопје и Куманово давала заеми и со закани дека ќе ги убијат клиентите им земале огромни камати.
Организатори на криминалот биле две лице, едниот од скопското село Студеничани, а другиот од селото Арачиново. Организаторите заедно со тројцата синови на водачот од Арачиново, давале на заем одредена сума пари, кои за краток временски период барале да им се вратат со несразмерно големи камати. Наплатата ја вршеле со употреба на сериозни закани со огнено оружје врз лицата должници и членовите на нивните семејства. Во еден од случаите долгот кој го имал таткото на лицето жртва на лихварски долг, криминалната група со сериозни закани со огнено оружје барале да го плати неговиот син на кого му барале 75.000 евра, иако долгот изнесувал 25.000 евра.Во друг случај, лице кое во текот на 2014 година од членови на криминалната група земал заем од 500 евра, за еден месец му барале да им врати 2.000 евра. Откако лицето им ги вратило бараните пари, почнале да го притискаат и да му се закануваат дека тоа се пари само по основ на камати и дека дополнително им должи уште 2.500 евра. Притисоците продолжиле континуирано во текот на 2014 и 2015 година, а врз него и неговото семејство упатувани се сериозни закани дека ќе ја запалат нивната куќа и ќе им фрлат бомба. Жртвата на лихварство успеал да им го исплати долгот во износ од 20.000 евра, сума која ја побарале членовите на криминалната група. Во акцијата уапсен и претседателот на кумановскиот суд, Муса Сулејмани. Во текот на истрагата, било утврдено и дека организаторот на криминалната група, остварува контакти и со Претседателот на Основен Суд Куманово, за посредување во судски предмет за сторено кривично дело Убиство извршено во 2012 година во Куманово. Член на семејството на обвинетиот за убиство му дал на водачот на групата 24.000 евра за да го поткупи Претседателот на Основниот Суд, со цел да го ослободи едниот од извршителите на убиството од затвор. Утврдено било дека Претседателот на Основен Суд Куманово, примил 19.000 евра, а за возврат му дал инструкции како да се однесуваат во понатамошната судска постапка за извршителот на убиството, притоа појаснувајќи му ги неговите напори во судските инстанци за да го оствари барањето.Во полициската акција приведени се 11 лица, а по еден осомничен се уште се трага. При претресите одземени се четири патнички возила меѓу кои два џипа Мерцедес, еден голф и една Шкода Октавија, кои не биле на нивно име и можно е да биле земени како залог. Освен тоа запленети се и 2550 евра и 200 франци, 14 мобилни телефони со сим картички, разни нотарски договори, договори за купопродажба и изјави од лица, како и друг вид на документација. Единаесет од осомничените се товарат за злосторничко здружување, лихварство, изнуда и криумчарење мигранти, а претседателот на судот се товари за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овлaстување./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Приведен 19-годишник во Тетово оти предизвикал пожар

Тетовската полиција го приведе 19-годишниот С.М. од Скопје, со привремено место на живеење во Тетово, кој бил затекнат додека палел кабли.
Со тоа, како што велат од МВР, предизвикал пожар кај железничкиот надвозник на улицата Маршал Тито во Тетово.
Со интервенција од Тетовската противпожарна единица, пожарот бил изгаснат, а С.М. е задржан во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе биде изготвен соодветен поднесок.
Црна хроника
Тешко повреден возач на тротинет во судир со автомобил

Вчера вечер во 22:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на бул.„Словенија“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Н.Д.(28) од с.Гумалево, скопско и електричен тротинет „шаоми“, управуван од К.М.(59) од Скопје.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на тротинетот, констатирани во Градска општа болница „Св.Наум Охридски“.
Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Црна хроника
Уапсен вработен во Здравствениот дом – Берово, кај него пронајдена дрога

Вчера околу 22 часот на улицата „Браќа Миладинови” во Виница од страна на полициски службеници од ПС Виница во координација со ПС Берово од слобода е лишен 29-годишниот Б.Р. од Берово затоа што при преглед кај него е пронајдена марихуана и ризла.
Имено, по претходно добиени оперативни сознанија, полициските службеници сопреле возило „дачија сандеро“ со беровски регистарски ознаки, сопственост на ЈЗУ „Здравствен дом“- Берово, а управувано од Б.Р. и при преглед кај него е пронајдена дрогата, по што е известен јавен обвинител од ОЈО Кочани, кој дал насоки тој да биде лишен од слобода.
По документирање на случајот, против Б.Р. ќе биде поднесена соодветна пријава.