Регион
Милановиќ: Хрватска не слави војна, ничие патење ниту прогонство, туку слобода и мир
Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ оцени дека Хрватска, преку одбележувањето на 20-годишнината од акцијата „Бура“, „не слави војна, ничие патење, ниту прогонство, туку ги слави слободата и мирот, со чисто срце слави победа, пресврт кој ѝ стави крај на една наметната и подла војна“, пренесуваа хрватските медиуми.
Тој смета дека со таа акција биле создадени услови Хрватска „по години на окупација и војна, да почне да живее и да се развива како самостојна, целовита и демократска европска држава“.
Никому не треба да се му докажува колку „Бура“ беше оправдана и неизбежна, рече Милановиќ, додавајќи дека „Хрватска го имала секое право да преземе сé за за да остане жива и целовита“.
„Хрватска порази една злосторничка политика, докажа дека не се исплати да се посегне по туѓото, дека ништо што е одземено не може да се задржи, и дека вреди да се брани своето“, порача Милановиќ.
Тој им се заблагодари на хрватските бранители, но и на некогашниот хрватски претседател Фрањо Туѓман, кој „заедно со своите бројни соработници, ја подготвил државата и ја оспособил за зачувување на целовитоста и самостојноста“.
„Нашата слобода беше платена и од страна на многу невини жртви. Ние сега, разумни и великодушни во победата, бидејќи оние кои не се великодушни не се нити прави победници, жалиме за секој изгубен живот, за секоја жртва, за секоја човечка и семејна трагедија“, нагласи Милановиќ.
Хрватскиот премиер оценува дека луѓето сега се враќаат во Хрватска поради тоа што „тука им е добро, вратите им се отворени и ќе останат отворени“, констатирајќи дека 20 години после „Бура“, Хрватска ги постигна своите главни цели.
Хрватска денес е слободна, зрела и смирена држава, заклучи Милановиќ, притоа потенцирајќи дека таа „не им пропишува закони на другите, ниту,.пак, важни датуми, не се меша во туѓото славење, нити пак жалење“./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Избрана е новата Влада на Србија
Собранието на Србија со 152 гласа ја изгласа новата Влада на премиерот Милош Вучевиќ. Два дена траеше расправата за составот на Владата и нејзиниот план за работа, при што опозицијата го оспори кредибилитетот на Вучевиќ, посочувајќи дека, како и досега, за секоја одлука ќе биде прашан претседателот на државата Александар Вучиќ.
Новата Влада на Србија брои 31 член, од кои една третина се нови имиња во споредба со претходната Влада на чело со Ана Брнабиќ.
Премиерот Вучевиќ претходно изјави дека длабоко верува во историскиот договор меѓу Србите и Бошњаците и рече дека сака добри односи и со Хрватите. Истовремено, тој рече дека нема да ги гради овие односи на штета на сопствените интереси и дека Србија нема да се откаже од традиционалните пријатели.
Посебно внимание предизвикаа двајцата министри кои се под санкции на САД: Александар Вулин ќе биде вицепремиер, а Ненад Поповиќ ќе биде министер без ресор.
Регион
Договорен текстoт на резолуцијата за Сребреница
Предлогот за резолуција за комеморација на геноцид врз Бошњаците од Сребреница, извршен во јули 1995 година, е договорен, а за него треба да се расправа на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации, потврди амбасадорот на БиХ во ОН, Златко Лагумџија.
Лагумџија на социјалната мрежа „Икс“ објави дека процесот на усогласување на резолуцијата, чии формални предлагачи се Германија и Руанда, е завршен и испратен до претседателот на Генералното собрание на ОН, Денис Френсис, па нејзиниот текст ќе биде претставен до земјите членки. на светската организација, од која се очекува поддршка.
Резолуцијата повикува да се воспостави 11 јули како меѓународен ден на сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница, уште еднаш се осудуваат сите дејствија со кои се величат сторителите на воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид утврдени со пресудите на меѓународните судови. Ја нагласува важноста од завршување на потрагата по останките на преостанатите жртви кои досега не се пронајдени и повикува на продолжување на гонењето на сторителите на геноцидот кои се уште се на слобода.
Резолуцијата има намера да ги повика сите држави целосно да ги почитуваат своите обврски од Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, да го почитуваат меѓународното обичајно право за спречување и казнување на геноцид и да ги почитуваат релевантните одлуки на Меѓународниот суд на Правдата (МСП).
Од генералниот секретар на ОН се бара да воспостави информативна програма наречена „Геноцид во Сребреница и Обединетите нации“, која треба да се спроведе пред следната година, кога се одбележува 30-годишнината од тоа злосторство.
Сите земји-членки на ОН, како и невладините организации и граѓанското општество, предлагачи на резолуцијата истовремено повикуваат на соодветни активности за комеморација и чест на жртвите на геноцидот во Сребреница во 1995 година.
Македонија е коспонзор на оваа резолуција.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и лидерот на босанските Срби Милорад Додик инсистираат дека оваа резолуција е обид да се наметне колективна вина врз српскиот народ.
Регион
Tлото на Балканот се тресе: По Хрватска, земјотреси и во Албанија и Грција
Два земјотреси, во растојание од една минута – во 19.19 и 19.20 часот – вечерва се регистрирани на територијата на Албанија.
Земјотресите се со интензитет од 2,1 степен според Рихеровата скала.
Епицентарот на првиот земјотрес бил на седум километри од Елбасан, додека вториот на 62 километри од Тирана.
Според информациите на ЕМСЦ, неколку минути претходно, земјотрес од 2,5 степени имало и во јужниот дел од Грција, а уште два од 2 и 2,3 степени се регистрирани предмалку на Крит.
Претходно денес, Хрватска ја погоди силен земјотрес од 4,7 степени, а беше почувствуван и во Босна и Херцеговина. По овој потрес, следеа неколку помали.