Филм
Македонски играни филмови во Домот на култура во Кавадарци

На репертоарот на Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, наредните две недели се два македонски играни филмови од поновата филмска продукција.
Од понеделник до среда со почеток од 19.30 часот ќе се прикажува филмот „Три дена во септември“. Билетите за претставите можат да се набават два часа пред почетокот од 17.30 до 19.30 часот. Филмот „Tри дена во септември “ е дебитантски игран филм на режисерот Даријан Пејовски кој светската премиера ја имаше на овогодинешниот 39. Филмски Фестивал во Монтреал ,ќе се прикаже на Интернационалниот филмски фестивал во Чикаго и Интернационален филмски фестивал во Котбус, Германија. Филмот е направен во копродукција со Иконе студио од Косовo. Филмот беше подржан од Агенцијата за филм и Косовскиот филмски ценатар.„Три дена во септември” е приказна за две комплетно различни жени кои по игра на судбината се приморани да си помогнат една на друга. Марика убива човек во самоодбрана. Таа бега со воз каде што ја запознава Јана, тивка и срамежлива жена во своите доцни 30-ти. Јана патува кон нејзината куќа во изолиран крај длабоко во планините, кој ги крие нејзините тајни. Марика препознава шанса за да се засолни. Деновите минуваат во тивка меланхолија, а сомнежот на двете жени за нивните вистински намери станува сѐ посилен. Во филмот играат Ирена Ристиќ, Камка Тоциновски, Адем Карага, Милица Стојанова, Салаетин Билал.Филмот се снимаше во 2014 година на локации во Скопје, Преспа и националниот парк Јасен. Во филмот се говори на македонски и албански јазик.
Следната недела од понеделник до среда ќе се прикажува филмот „Татко“. Филмот „Татко“, е копродукција помеѓу Германија, Косово, Македонија и Франција. Исто така, филмот е дебитантски игран филм на режисерот Висар Морина. „Татко“ беше премиерно прикажан оваа година на Интернационалниот филмски фестивал во Карлови Вари како филм од официјалната компетиција и ја доби наградата Кристален глобус за најдобра режија. Филмот досега освои 6 награди. „Татко“ ќе се прикаже на повеќе значајни интернационални филмски фестивали што говори за квалитетот на филмот, а беше и косовски кандидат за номинација за Оскар во категоријата за филм од неанглиско говорно подрачје. Исто така е одбран за награди на Европската филмска академија.„Татко“ е емотивна бегалска драма која ја раскажува приказната на 10-годишниот Нори и неговиот татко Гзим во предвоено Косово во 90-тите години на минатиот век.
Гзим бегајќи од минатото го напушта Косово без својот син, а момчето ќе стори сѐ за да го задржи својот татко во оваа намера. Лут, но цврсто одлучен Нори тргнува на опасно патување за да го најде Гзим, кој бега во Германија. Со упорност каква што само дете може да има, тој се спротивставува на својот татко, на кого не може да му прости за тоа што го напуштил.
Улогите ги толкуваат: Val Maloku, Astrit Kabashi, Enver Petrovci, Adriana Matoshi, Aurita Agushi Armend Ismaili, Alban Ukaj, и актерот од Македонија, Џевдет Јашари. И овој филм се снимаше во 2014 година на локации во Германија и Македонија. Јазик кој се користи во филмот е албански, германски, српски и англиски. „Татко“ беше подржан од Агенцијата за филм на Македонија како малцинска копродукција./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
(Видео) Tри филма што Скорсезе ги смета за врв на кинематографијата

Мартин Скорсезе, еден од највлијателните американски режисери, со децении ги поместува границите на филмскиот израз. Неговата филмографија опфаќа широк опсег на жанрови – од насилни урбани приказни до сложени љубовни драми и духовни дилеми.
Иако неговите понови филмови, како „Ирецот“ и „Тишината“, сè уште се препознатливи по нивната визуелна раскош и длабока анализа на ликови, многумина сè уште сметаат дека неговите најголеми дела потекнуваат од поранешниот период – со насловите „Таксист“, „Добри момци“ и „Разјарениот бик“.
Во текот на својата кариера Скорсезе често ги издвојуваше режисерите што го инспирираа, меѓу кои и Акира Куросава, Ингмар Бергман и Џон Форд. Сепак, еден особено го допре – јапонскиот режисер Кенџи Мизогучи, познат по класичните филмови, кои прикажуваат емоции преку поетски ритам и внимателно изработени слики.
Како негов омилен го наведува филмот на Мизогучи, „Приказни под месечината и дождот“ (Ugetsu monogatari) од 1953 година, кој ја следи приказната за амбициите, љубовта и за војната во 16 век.
„Овој филм имаше најголемо влијание врз мене. Има моменти во тој филм што ги гледав одново и одново и кои секојпат ми го одземаат здивот“, рече Скорсезе, пренесе магазинот „Фар аут“.
Иако „Приказни под месечината и дождот“ често се смета за ремек-дело, Скорсезе ја цени целата трилогија, која ги вклучува и „Животот на Охару“ (Saikaku ichidai onna) и „Саншо судијата“ (Sanshô dayû), а за која вели дека е врвот на светската кинематографија.
Работата на Мизогучи го отелотворува она што многумина го сакаат во јапонскиот филм – суптилност, емоции и елеганција. Неговото влијание може да се види и кај современите режисери, како Хироказу Коре-еда, кој го комбинира секојдневниот живот со длабоки емотивни слоеви. Восхитувањето на Скорсезе кон Мизогучи е уште еден доказ за неговата длабока поврзаност со филмската историја – и неговата непоколеблива почит кон мајсторите на визуелното раскажување приказни.
Култура
„Македокс“: Платформата „Некстас“ го носи документарниот филм во училница

Употреба на документарниот филм како едукативна алатка во формалното образование е силна мисија на Здружението за промоција на документаристиката „МакеДокс“. Оваа децениска посветеност резултира со бројни успеси, а новитет во едукативната програма на „МакеДокс“ е „Некстас“, платформата за наставници кои се стремат да поттикнат критичко размислување кај младите луѓе и се подготвени да иновираат со нови аудиовизуелни средства во наставата.
Во насока на претставување на платформата „Некстас“ пред професори од средните училишта во Скопје, во петок, 11 април, во просториите на „Јуроп хаус Скопје“, со почеток во 11:00 часот, „МакеДокс“ ќе одржи презентација и кратка обука проследена со дискусија. Свои обраќања ќе имаат Надица Таневска Јанева, социолог и професорка во СУГС „Георги Димитров“ – Скопје, и Сашо Алушевски од „МакеДокс“.
Настанот е од отворен тип, но пријавувањето за присуство на настанот е задолжително. Линк за пријавување: https://forms.gle/cpEnERjVx4etdAsm8
Оваа образовна платформа на наставниците и учениците им нуди бесплатен пристап до динамична дигитална средина која содржи обемна колекција на документарни филмови од целиот свет, придружени со помошни материјали во насока на наставните планови на речиси секој предмет во средното образование. „Некстас“ е достапна на неколку јазици, отсега и на македонски јазик, а користењето на оваа платформа како ново аудиовизуелно средство е одобрено од Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука на РСМ.
„Некстас“ е партнерски проект на „Docs Barcelona“ (Шпанија), „DOK.fest Munich“ (Германија), „Thessaloniki Film Festival“ (Грција), „Indie Lisboa“ (Португалија), „Sottodiciotto Film Festival“ (Италија) и „МакеДокс“ (С Македонија), а проектот е поддржан од програмата „Креативна Европа“ – потпрограма Медиа.
„Некстас“ веќе ја користат над 10.000 наставници и професори ширум Европа. Линк до платформата: https://nextus.global/mk
Култура
„Бруталистот“ и „Емилија Перез“ доминираа на Златните глобуси – над 10 милиони луѓе го следеа емитувањето

Овогодинешната церемонија на доделување на Златните глобуси привлече повеќе од 10 милиони гледачи на телевизиските екрани, што е благ пораст на гледаноста во споредба со претходната година, изјавија во понеделникот продуцентите на настанот, на кој доминираа филмовите Бруталист и Емилија Перез во однос на наградите.
Зголемувањето на гледаноста на неделната гала во последниве години покажува благ нагорен тренд кога станува збор за интересот за слични настани, бидејќи Холивуд се обидува да се оддалечи од влијанието на штрајковите и пандемијата, а наградите Глобус постепено се опоравуваат од сопствените контроверзи и скандали.
Просечната бројка од 10,1 милиони гледачи кои го гледале шоуто е зголемување од 7 отсто во споредба со галата во 2024 година и значителен скок од едвај шест милиони гледачи една година порано.
Златните глобуси, холивудски филмски и телевизиски награди, кое некогаш беше второ по популарност по Оскарите, беше во криза во последниве години. Во 2022 година, гала настанот не се ни емитуваше. Поранешната телевизија Ен-Би-Си ја донесе ваквата одлука затоа што нејзиното раководство беше огорчено од недостатокот на различност и етички пропусти на групата новинари кои претходно ги организираа наградите.
Церемонијата на доделување на престижните награди беше повторно лансирана минатата година под нов приватен сопственик, а беше емитувана на „Си-Би-Ес“ во неделата навечер. Исто така, вреди да се напомене дека наградите им беа доделени на холивудските ѕвезди од А-листата во блескавата сала за бал во Беверли Хилс. На овогодинешните награди доминираа мјузиклот Емилија Перез и епската имигрантска драма Бруталист.
Мексиканскиот филм Емилија Перез на францускиот режисер Жак Аудиар освои четири награди, вклучително и за најдобра комедија или мјузикл, додека „Бруталистот“ беше прогласен за најдобра драма, а наградата за најдобар актер му припадна на главниот лик на филмот Адриен Броди, кој го игра архитектот Ласло Тот, Евреин којшто го преживеал холокауст.