Актуелно
Почина славната американска писателка Харпер Ли
Американската писателка Нели Харпер Ли, авторка на романот што ја прослави „Да се убие птицата што се потсмева“, почина на 89-годишна возраст, објави управата на нејзиниот роден град Монровил во сојузната држава Албама.
Нејзината смрт ја потврди портпаролката на градската управа на Монровил, каде што последните години од животот ги мина добитничката на реномираната Пулицерова награда во 1961 година. Досега оваа 89-годишна авторка живееше во тамошниот дом за стари лица и беше прикована за инвалидска количка. Поради староста, делумно се ослабени слухот и видот.Харпер Ли живееше во тамошниот пензионерски дом. Харпер Ли целиот свој живот го одбегнуваше публицитетот, речиси и не даваше интервјуа и повеќе никогаш не објавуваше.Во јули 2015 година беше објавено ненадејното продолжение на нејзиниот славен бестселер под наслов „Оди и постави стражар“ (Go Set a Watchman) во кој ги следи јунаците од првиот роман 20 години подоцна. И ова продолжение со продадени 1,6 милиони примероци беше во самиот врв на најпродаваните книги во САД во 2015-та, според податоците на институтот Nielsen.Издавачката куќа „HarperCollins Publishers“ во првото издание отпечати два милиона примероци, а книгата има 304 страници.Половина век беше потребно да се појави вториот роман на Харпер Ли, под наслов „Go Set a Watchman“. Насловот „Go Set a Watchman“, е роман кој е напишан во текот на 1950-те години, неколку години пред еден од најпознатите американски романи на XX век „Да се убие пицата која се потсмева“ (во македонскиот превод од To Kill a Mockingbird, инаку станува збор за вид птица дрозд), но Нели Харпер Ли до минатаа година не го објавила. Ракописот бил заборавен, а го открила адвокатката на славната писателка, Тоња Картер, во банкарски сеф и го иницираше неговото издавање. Според неа, Харпер Ли била изненадана од откритието и признала дека постоела конечна верзија на книгата која ја нарекла „мајката“ на нејзиното единствено познато дотогаш и славно дело.Литературните критичари кои претходно се запознаа со текстот на романот, откриваат дека двете дела на авторката се обединети, не само со ликовите, туку на некои места и со дословно совпаѓање на текстот. Во 1957 година Харпер Ли испратила копија со текстот на романот „To Kill a Mockingbird“ на издавачот, но таа ѝ била вратена со препорака да „работи подобро“ и да напише роман врз основа на спомените од детството на хероината Џин-Луиз Фитч. Како резултат на тоа, текстот бил значително преработен и стана сензационалниот истоимен роман.Новиот роман, како и неговиот претходник, ги покренува прашањата за расната дискриминација, раскажувајќи за враќањето од Њујорк на возрасната Џин-Луиз Фитч во родното гратче Мејкомб, во државата Алабама. Главното сознание и воедно разочарување за 26-годишната жена станува тоа што идеализираниот татко адвокатот Атикус Фитч е расист и поддржувач на расната сегрегација.Како што предупреди Картер пред пуштањето во продажба на романот, „оние кои го очекуваат блескавиот наратив …., може да останат разочарани од новата книга, бидејќи иако станува збор за конечен текст, тој не беше редактиран. Тоа е токму она што таа (Харпер Ли) го напишала“.„По многу двоумење, ја споделив приказната со неколку луѓе на коишто им верувам и задоволство ми е што можам да ги известам дека тие сметаат дека е вредно да се објави. Запрепастена сум од тоа што ќе биде издадена по сиве овие години“, објави во февруари 2015 година Харпер Ли.И покрај тоа што авторката беше во поодмината возраст и фактот што таа никогаш повеќе не објавуваше по успехот на својата прва книга, во американските медиуми се појавија сомневања дека објавувањето на новата книга е направено со нејзина согласност. Нејзиниот близок пријател, историчарот Вејн Флинт, пак, не исклучува дека наскоро може да се појават уште две книги на Харпер Ли.Иако „To Kill a Mockingbird“ е единствениот роман кој го објави во 1960 година, Харпер Ли е добитничка на многу награди, покрај Пулицеровата и на Претседателскиот медал на слободата. Овој роман, посветен на расната дискриминација во нејзината родна сојузна држава Алабама, претставува класик на модерната американска книжевност. Во светот е продаден во повеќе од 40 милиони примероци и е преведен на повеќе од 40 светски јазици.Во повеќе анкети е прогласен за најдобриот американски роман на XX век а во 1999 година во изборот на Library Journal, беше прогласен за Најдобар роман на векот. Истоимениот филм за случај во кој црн маж е обвинет за силување бела жена во времето на Големата депресија во САД е снимен две години по објавувањето на книгата и освои три Оскара, од кои еден му припадна на славниот Грегори Пек за најдобра улога./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Актуелно
Со предавање на Нејтан Браун вечерва почнува фестивалот за критичка култура КРИК
Вечерва (21 јуни), во 20 часот, во просториите на Чифте амам, почнува јавната програма на седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, во организација на „Контрапукт“.
Фестивалот ќе го отвори професорот Нејтан Браун со предавањето со наслов „За жал, кутриот Јорик! Постоењето на духот е коска“.
Нејтан Браун е вонреден професор по англиски јазик и истражувач од Канада, кој ја води катедрата за поетика на Универзитетот „Конкордија“, Монтреал, каде што раководи со Центарот за проширена поетика. Автор е на три книги „Сенката на Бодлер: Есеј за поетската определба“, „Рационалистички емпиризам: теорија на спекулативна критика“ и „Границите на изработката: наука за материјали, материјалистичка поетика“.
„Шекспировиот ‘Хамлет’ и Хегеловата ‘Феноменологија на духот’ вклучуваат две од најпрепознатливите изреки во западната култура: ‘За жал, кутриот Јорик!’ и ‘Постоењето на духот е коска’. Што е тоа што го препознаваме кога ги слушаме или читаме овие зборови? Во рамките на предавањето ќе се користи спојот на овие фрази како повод за промислување на самиот факт на окупирање на просторот како минимална димензија на егзистенцијалната драма. Работејќи на односот, кој се воспоставува помеѓу сцената на гробиштата во Хамлет со другите елементи на сложената структура на драматуршката предлошка, каде што фигурите на просторното постоење се загрозени, ние ќе ги означиме како срж на физичките и метафизичките грижи, кои се читаат во текстот и на односот помеѓу духот и материјата. Ова ќе ни овозможи да го прецизираме посебниот модалитет на постоењето на драмата и да ги сфатиме историските и уметничките влогови на просудувањето на бескрајот суд кај Хегел“, се вели во најавата за настанот.
Актуелно
Фестивал „Нови простори“ на кејот на Вардар во центарот на Скопје
Фестивалот „Нови простори“ годинава ќе се одржи в сабота на 18 јуни, на кејот на реката Вардар, при што програмата е поделена на два дела и на две локации.
Првиот дел е на шеталиштето до влезот на бродот Синегалија, од страната на ГТЦ и таму ќе бидат сегментите: Отворање, „Нови поетски пространства“, „Танц на кеј“, „Светски поетски момент“ и „Сликаме на кеј“.
Вториот дел – концертот со сегметните „Нов бит“ и „Отворен микрофон” ќе одржи на скалите под Камениот мост, кај сидрото.
Продажната изложба ќе биде поставена утрото и сликарите ќе работат додека трае целата програма. Идејата е целокупниот настан да биде една голема заедничка уметничка инсталација. Согласно програмата, секој учесник ќе биде претставен во време од 6 минути, при што поетите во 2 минути ќе треба да се претстават себеси, а во 4 минути да прочитаат една или две песни. Сликарите ќе имаат можност да ги презентираат своите дела и да раскажат за својот начин на работа, уметничките погледи и ликовната поетика.
Во вториот дел се настапите на музичарите, при што секој бенд пред почетокот на настапот кратко ќе биде претставен, а пред крајот на концертот ќе биде доделена и наградата за публиката, тоа е специјално изненадување што ќе го добие еден гледач.
Доколку врне дожд, настанот ќе се одржи во холот на Гратскиот трговски Центар – приземје.
Фестивалот се организира со финансиска поддршка на Градот Скопје, во рамките на Програмата за култура за 2022 година.
Актуелно
Костадиновска-Стојчевска во Вашингтон: Преку фондови ќе обезбедиме средства за заштита на културното наследство
Во рамките на стратегискиот дијалог со Соединетите Американски Држави, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска е дел од владината делегација којашто денеска отпатува во Вашингтон. Во рамките на престојот, таа ќе ги посети Националниот демократски институт (НДИ) и Меѓународниот републикански институт (ИРИ), а е предвидено еден сегмент од дискусиите да биде посветен на практика што е потребна во Северна Македонија за да се спречи нелегалната трговија на уметнички дела и артефакти.
„Во делот за културата, за стратегискиот дијалог со САД е од особено значење размената на искуства за културното наследство, особено во делот на нелегална трговија со артефакти, така што на средбата со Здружението тука ќе се потпише договор за соработка, што потоа треба да резултира со правни решенија, како и за евентуална размена на кадар за успешно спроведување во целост“, вели Костадиновска-Стојчевска од САД.
Таа истакнува дека според проценките, над 1000 артефакти се водат како украдени од Северна Македонија.
Вториот дел е „Програма Фулбрајт“ (Fulbright Program), програма која не е само за образовна размена туку и за многу грантови од областа на културата.
„Би сакала да ја зголемиме соработката бидејќи сметам дека е време да користиме фондови и практика однадвор, не само од ЕУ. Како земја имаме проект во Хераклеја инвестиран од страна на Амбасадата на САД по долг период. Дефинитивно културните практики за заштита на културно наследство се со цел да се подобрат процесите за спречување нелегална трговија со артефакти така што посетата ќе биде чекор напред за донесување закон за илегална трговија на артефакти и уметнички дела од Северна Македонија“, заклучува Костадиновска-Стојчевска.
Амбасадорскиот фонд за зачувување на културата е една од многуте програми што ги води Бирото за воспитни и културни работи на Стејт департментот на САД како дел од својата мисија за јавна дипломатија преку едукативно и културно програмирање и размена.
Преку 16-те грантови на Амбасадорскиот фонд, САД обезбедија 1,5 милиони американски долари за заштита на културното наследство во Северна Македонија.
Грантови од Амбасадорскиот фонд на САД во изминативе 20 години добија најзначајните локалитети и објекти од областа на културното наследство кај нас, како: Стоби, црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, објектите Даут-пашин амам, Чифте амам и црквата „Свети Спас“ во Скопје, Шарената џамија во Тетово, манастирот во Вељуса кај Струмица, локалитетот Хераклеја Линкестис кај Битола и други.
Амбасадорскиот фонд за заштита на културата е грант-програма основана во 2001 година од Стејт департментот, на барање од Конгресот на САД. Од своето основање, Амбасадорскиот фонд (The Ambassadors Fund for Cultural Preservation) има поддржано над 1000 проекти за заштита на културата во 133 земји низ светот.