Црна хроника
Над 50 илјади средства за чистење запленети поради сомневање дека се фалсификат
Минатиот петок мобилните царински тимови привремено задржаа 50.421 средства за лична хигиена и чистење, поради сомневање дека повредуваат права од интелектуалан сопственост.
На царинската испостава Скопје 3, за увозно царинење се пријавило товарно возило со македонски регистарски таблички, натоварено со средства за хигиена и средства за чистење со потекло од Турција, наменети за фирма увозник од Скопје.
При контрола на стоката, царинските службеници открија 11.165 килограми прашок за перење и течен детергент, 5.712 килограми течни средства за чистење и 37.113 пасти за заби од 50 ml и 125 ml, со ознаки на повеќе заштитени трговски марки. Согласно одредбите од Законот за заштита на правата од интелектуална сопственост, Царинската управа најави во понеделникот дека ќе поведе постапка за утврдување на оригиналноста на стоката.
Воедно, во текот на минатата седмица, во четири одвоени случаи, мобилните царински тимови задржаа и 1.235 готови текстилни производи со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на четири патнички моторни возила со македонски регистарски таблички, управувани од македонски државјани.
Во првиот случај, при контрола извршена во близина на Неготино, во багажниот простор на возилото, во повеќе најлонски кеси, пронајдени се 453 готови текстилни производи (долни и горни тренерки, маици, шорцеви и блузи) со ознаки на повеќе заштитени трговски марки.
Во вториот случај, при контрола извршена кај патарината кај Петровец, во багажниот простор на возилото, во повеќе картонски кутии, пронајдени се 255 готови текстилни производи (кошули, блузи, фармерки и дуксери) со ознаки на повеќе заштитени трговски марки.
Во третиот случај, при контрола извршена исто така кај патарината кај Петровец, во багажниот простор на возилото, во повеќе црни кеси, пронајдени се 244 готови текстилни производи (женски маици, панталони и хеланки) со ознаки на повеќе заштитени трговски марки.
Во четвртиот случај, при контрола извршена на патниот правец Неготино – Велес, во багажниот простор на возилото, во повеќе вреќи, пронајдени се 283 готови текстилни производи (кошули, блузи и ремени) со ознаки на повеќе заштитени трговски марки.
Покрај тоа, во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење стока, при што се запленети девизи, златен накит, автоделови, алати, цигари, репроматеријали за текстилни производи и модни додатоци, религиозни производи, мобилни телефони, делови за компјутери и фалсификати./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Пронајдена дрога во тетовско, уапсени две лица
Вчера во 23:30 часот во с.Боговиње, тетовско, полициски службеници од Полициското одделение Камењане ги лишија од слобода Б.А.(20) и Ф.А(20) двајцата од с.Боговиње.
При преглед на патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, во кое се превезувале, била пронајдена и одземена марихуана.
По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.
Црна хроника
Уапсени двајца малолетници од Скопје, не застанале на полициска патрола, со мотоцикл удриле полицаец
Ноќеска во 00:45 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода и приведоа двајца 16-годишници од Скопје.
При вршење службени дејствија, околу 00:10 часот на бул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, полициски службеници забележале мотоцикл без регистарски ознаки, кој го управувал еден од малолетниците, но тој не застанал на знак за запирање, по што со мотоциклот удрил во еден полициски службеник и му нанел повреди.
Набргу, по преземени мерки мотоциклот е запрен и тие се фатени, при што малолетниот сопатник агресивно се однесувал кон полициските службеници.
По целосно документирање на случајот, против двајцата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Топ
Работник од Дебар загина по несреќа на градилиште, починал на пат кон болница
Работник од Дебар го загуби животот по несреќа на градилиште што се случила вчера претпладне.
Како што било пријавено во ОВР Дебар околу 11:35 часот од Итната медицинска помош, 40-годишниот С.К. од Дебар починал на пат кон болницата во градот. Според информациите, околу 11:15 часот тој паднал од зграда во изградба на улицата „Братство единство“ во Дебар, каде што бил ангажиран на работа.
По несреќата, повредениот бил пренесуван кон болницата, но им подлегнал на повредите за време на транспортот.
На местото на настанот излегле трудов инспектор и јавен обвинител, а по нивна наредба телото на починатиот е предадено на обдукција. Увид на локацијата извршила екипа од ОВР Дебар.

