Компании
Вип промовираше понуда со телевизија, фиксна и мобилна телефонија и интернет
Операторот Вип во вторникот ја претстави својата нова понуда, во која за првпат, во еден пакет се вклучени мобилна и фиксна телефонија, телевизија и супер брз интернет.
На тој начин, корисниците на едно место ќе можат да ги задоволат сите свои комуникациски потреби, ќе имаат една точка за контакт и една сметка за сите комуникациски услуги со најдобра вредност, велат од компанијата.
За корисниците достапни се три пакети Вип Комбо С, Вип Комбо М и Вип Комбо Л, кои вклучуваат фиксна телефонска линија со неограничена комуникација кон сите фиксни мрежи и кон мрежата на Вип, неограничена мобилна комуникација за една, две или три мобилни претплати во зависност од одбраниот пакет, неограничен супер брз интернет со брзини од 30 Мбпс/2 Мбпс, 50 Мбпс /3 Мбпс и 150 Мбпс /5 Мбпс соодветно, како и телевизија со вклучени до 90 канали/8 ХД канали во Вип Комбо С, до 120 канали/19 ХД канали на два ТВ приемници во Вип Комбо M, и до 150 канали/23 ХД канали на три ТВ приемници во Вип Комбо Л.
Пакетите вклучуваат целосни квалитетни забавни содржини за сите членови на семејството со неограничена комуникација и дома и во движење. Месечните претплати за Вип Комбо С, Вип Комбо M и Вип Комбо Л изнесуваат 1.699 денари, 2.399 денари и 2.999 денари. Корисниците кои ќе одберат Вип Комбо M и Вип Комбо Л до 31. март 2015 година ќе добијат промотивна понуда, во која месечната претплата за првите шест месеци изнесува 1.699 денари односно 2.399 денари.
Понудата е достапна за сите постпејд резиденцијални и деловни корисници за склучен договор на 24 месеци во сите продажни места на Вип.
Мобилните услуги се целосно обезбедени од страна на Вип, додека фиксната телефонија, интернетот и телевизијата се поддржани од Близу. Понудата за четири пакетирани услуги е достапна во сите градови каде што Близу има техничка можност.
„Повторно, слушајќи ги барањата на корисниците, создадовме едноставна понуда која ги вклучува сите потреби за комуникација и забава на корисниците. Силно веруваме дека им нудиме повеќе на корисниците, повеќе вредност, повеќе комуникација, повеќе забава, кога се во движење или во нивните домови“, изјави Гернот Раш, Главен маркетинг директор на Вип.
Главниот извршен директор на Вип, Никола Љушев истакна дека компанијата во изминатите години се зацврстила на пазарот како втор мобилен операор и бележела раст на корисниците и наприходите, но намалениот раст во последно време ја натерало да промовира нови производи во други сегменти од работењето.
„Со аквизицијата на Близу, Телеком Австрија Групацијата ја проширува, и на македонскиот пазар, својата стратегија и визија за свет во кој корисничките потреби ќе евoлуираат кон конвергентни услуги. На овој продукт работевме интензивно неколку месеци и горди сме што на македонските корисници можеме да им го понудиме најдоброто од мобилните и фиксните услуги. Дополнително, овој производ го гледаме и како чекор нанапред во однос на повторното свртување кон раст, со оглед на фактот дека, за жал, растот во сегментот на мобилни комуникации го губи здивот. Уверени сме дека корисниците ќе препознаат одлична вредност во нашиот нов продукт, резултат на посветена работа на тимовите на Вип и Близу“, истакна Љушев.
Оваа понуда е прва конвергентна понуда на Вип оператор во соработка со Близу Македонија. Телеком Австрија Групацијата, која веќе го имаше Вип оператор, на крајот на јули 2014 година го купи Близу Македонија. Услугите на Близу во моментот се достапни во Скопје, Тетово, Куманово, Велес, Штип и Прилеп, и постојано се работи на проширување на покриеноста. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ново животно поглавје со пензионерскиот пакет на Халкбанк
Пензионерските години се време за одмор, нови искуства и посветување на работите за кои секогаш сте ги посакувале, но можеби сте немале доволно време за нив. Финансиските грижи не треба да бидат дел од ова поглавје, па затоа Халкбанк го креираше Пензионерскиот пакет– сеопфатно решение кое Ви овозможува лесно и безгрижно управување со Вашите финансии. Со пониски надоместоци, дополнителни подароци и ексклузивни бенефиции, Пензионерскиот пакет е дизајниран да ги направи Вашите пензионерски денови попријатни и финансиски сигурни.
Пакетот вклучува бесплатна MasterCard дебитна картичка која овозможува лесен и сигурен пристап до Вашите средства без надомест за првата година, е-банкарство кое Ви овозможува управување со Вашите финансии онлајн каде и да сте и СМС известувања за ажурирања во реално време за секоја активност на Вашата сметка, исто така без дополнителен трошок во првата година. За оние кои претпочитаат традиционални банкарски услуги, сите интерни плаќања на шалтерите на Халкбанк се бесплатни. Покрај тоа, пакетот вклучува и ваучери за аптеки и маркети и персонализирани подароци кои го прават искуството уште попријатно.
Дополнително, исплатата на пензиите преку Халкбанк се врши навремено и без одложувања, пред секој први во месецот, со што корисниците на Пензионерскиот пакет први добиваат пристап до своите средства.
Пакетот е достапен за сите нови клиенти кои ќе ја примаат својата пензија преку Халкбанк, како и за постоечките клиенти-пензионери кои ќе потпишат изјава во некоја од филијалите на банката. Со Пензионерскиот пакет, Халкбанк ја покажува својата грижа и посветеност кон пензионерите, овозможувајќи им финансиска стабилност и безгрижни денови. Посетете ги филијалите на Халкбанк или официјалната веб-страница – www.halkbank.mk, за повеќе информации и дознајте како да станете дел од Пензионерскиот пакет.
(ПР)
Економија
Како да ја зголемите енергетската ефикасност: обнова на фасадата, топлинска пумпа или замена на столаријата?
Поголем дел од домашниот буџет, последниве години, оди на тековни трошоци за домот, а најмногу на потрошувачка на енергенси (струја, нафта…). Поради тоа се почесто се прашувате – како да ја намалам потрошувачката на енергија и да добијам помали месечни сметки? Одговорот е со зголемување на енергетската ефикасност, но се поставува ново прашање – како да се зголеми? Во кој систем вреди да се инвестира? Нормално, вие најдобро го познавате вашиот дом и кога што е градено или како, со кој материјали, но ние ги прашавме искусните експерти од платформата Daibau што во пракса се покажало како најдобро и најпопуларно.
Енергетската ефикасност се повеќе се споменува во денешно време. Таа подразбира оптимални услови за живот, но со помала потрошувачка на енергија. Енергетски ефикасен дом ќе има помала потрошувачка на енергија што ќе се одрази на месечните сметки кои драстично ќе се намалат. Тука е и еколошка страна – помала емисија на CO2.
Постојат неколку начини да го направите вашиот дом енергетски ефикасен. Најпопуларни од нив се подобрувањето на топлинската изолација, поставувањето топлинска пумпа, како и замена на старата, дотраена столарија која создава топлински мостови. Државата често доделува субвенции за енергетска ефикасност, а овие средства се издвојуваат токму за наведените опции.
Меѓутоа, кое од следниве опции водат до најбрз поврат на инвестицијата? Кои се долгорочните заштеди и најмногу заштедата на енергија? Одговор на овие прашања добивме од градежната платформа Daibau која веќе десетина години успешно ги поврзува изведувачите со луѓе на кои им се потребни. Daibau.mk е присутна на македонскиот пазар повеќе од 2 години, на неа се регистрирани дури над 1850 компании, од кои околу 260 фирми кои се занимаваат со фасади; 123 компании кои нудат топлински пумпи и над 400 компании кои продаваат и монтираат столарија – дрвени, ПВЦ, алуминиумски, дрво-алу прозорци и врати.
Од платформата Daibau наведуваат какви предности нуди секоја од споменатите инвестиции:
Обнова на фасади (фасадна изолација)
Фасадните ѕидови се елементи на куќата преку кои се губи голема количина на енергија.
Дали знаевте дека со соодветна дебелина на изолацијата може да заштеди до 60% од енергијата за греење? Изолацијата на фасадниот систем не само што носи придобивки во зима, туку ја намалува потребата за климатизација во лето, овозможува одржување на удобна собна температура, спречува кондензација и ширење на мувла. Висококвалитетната изолација го штити објектот од надворешни влијанија како што се замрзнување, прегревање, со што го продолжува неговиот животен век.
Со соодветна топлинска изолација, просториите остануваат топли во зима, додека во лето се спречува прегревање.
Изолација на фасада се врши со стиропор или минерална волна. Иако стиропорот е поевтина опција, а со тоа и попопуларен, камената волна е подобро решение. Камената волна обезбедува подобра звучна изолација, паропропустливост. Тоа е природен материјал од минерално потекло, додека стиропорот се создава како нуспроизвод на преработка на нафта. Поради својата структура, камената волна може да се вградува таму каде што не може стиропорот, односно таму каде што не може да се постават крути плочи од стиропор.
Кога станува збор за изолација на фасада цената ќе варира во зависност од нејзината дебелина. За фасаден систем од стиропор од 12 цм цените варираат околу 25 евра/м2. Цената на стиропор од 15 цм е околу 27 евра/м2. Ако користите подебел стиропор од 20 цм, цената на фасадата е околу 30 евра/м2.
Топлински пумпи
Топлинските пумпи стануваат се попопуларен начин на греење кај нас. Тоа е систем кој користи топлинска енергија од околината, т.е. од природни извори како земја, вода и воздух и ја пренесува во системот за греење. Струја е потребна само да започне да работи компресорот. Дури ¾ (75%) од енергијата се црпи од природни, обновливи извори, додека само 25% се земаат од електрични извори.
Топлинската пумпа е исклучително економичен начин за загревање. За 1 kW вложена електрична енергија се добива дури 4 kW топлинска енергија. Нејзиниот работен век се проценува на повеќе од 25 години со правилна инсталација и одржување. Почетната инвестиција се исплаќа за 5 години, а после тоа носи нето добивка преку намалени месечни сметки.
Цената на топлинската пумпа ќе варира, во зависност од видот: воздух-вода, вода-вода или почва-вода. За топлинската пумпа воздух-вода, со моќност од 8 kW, ќе треба да одвоите од 2.500 евра и повеќе. Цената на топлинските пумпи вода-вода и за подземни води варира помеѓу 5.000 и 10.000 евра.
Системот, покрај греењето, овозможува и ладење и загревање на санитарната вода. Дали знаевте дека топлинската пумпа е најевтиниот начин да се обезбеди топла вода, поставувајќи ги сончевите колектори на друго место?
Топлинските пумпи се карактеризираат и со ниски трошоци за одржување.
За разлика од греењето со цврсти горива, кај топлинската пумпа нема пепел, дополнување на пелети, цепење и складирање на дрва.
Замена на столарија
Преку столарија, во просек се губи околу 40% од енергијата. Кога ќе стане истрошена и нефункционална, време е да ја замените.
Ако често имате кондензација на стаклените површини, мувла на ѕидот и на споевите од ѕидот со прозорецот/вратата, ако продира ладен воздух и прозорците или вратите тешко се отвораат, време е столаријата да се замени. Дотраените прозорци ја расипуваат естетиката на целиот простор.
Во последниве години, популарен избор е ПВЦ столарија, пред се поради добриот сооднос цена-квалитет, едноставното одржување и добрите карактеристики на топлинска изолација. Цената на ПВЦ прозорци со двојно застаклување се движи помеѓу 85 и 160 евра.
Кое решение е најпрофитабилно? Одговорот е јасен – секое од нив ќе придонесе за заштеда на енергија. Исто така, тие зависат едни од други – моќноста на топлинската пумпа ќе зависи од топлинската изолација на објектот, со подебела изолација нема да постигнете целосен ефект доколку прозорите не затвараат добро…
Како што кажавме на почетокот, вие најдобро го познавате вашиот дом, што, кога и како е градено. Имајќи го тоа во предвид, почнете со замена или реновирање на начин на кој ви дозволува вашиот буџет.
(ПР)
Економија
(Фото) Грин Машинс на БРАКО ќе ги чисти Бермудите
Машините за чистење Грин Машинс на БРАКО станаа дел од флотата за одржување урбана хигиена на тропската држава Бермуди.
Од компанијата велат дека клиентот од Бермудите го избрал моделот 414 rs на Грин Машинс, со кој истовремено можат да се чистат и улици и тротоари, може да се управува рачно, но нуди можност и за седење на операторот.
„Нашиот тим од Обединетото Кралство беше на Бермуди, каде одржа обука за користење на нашите машини, и горди сме што македонски производи ќе придонесат за чисти улици и ќе бидат присутни на оваа британска островска територија, која е светскa туристичка дестинација“, велат од БРАКО.