Европа
Јункер пред непријатен скандал

Откритието дека луксембуршките власти со година склопувале тајни договори со повеќе стотини мултинационалните компании за да го избегнат плаќањето на данок, го става во многу непријатна позиција претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, кој во тој период беше министер за финансии и потоа премиер и тоа прашање стана главната тема на редовната пладневна прес-конференција, пренесуваат агенциите.
Портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Шинас, инсистирал дека станува збор за прашање кое спаѓа во областа на државната поддршка, за којашто е надлежна комесарката за пазарно натпреварување Маргарет Вестагер.
„Станува збор за типичен случај на државна поддршка“, изјавил Пинас, додавајќи дека сите земји членки на Европската унија настојуваат да создадат поволна инвестициска клима за привлекување инвеститори, а дека Комисијата треба да истражи и осигури спроведување на европските прописи за тие поддршки.
Шинас ги повторил зборовите на Јункер дека за тој случај „Комисијата ќе го одработи својот дел од работата“ и дека тој лично нема да се меша во тоа. На прашањето како претседателот на ЕК се чувствувал утрото кога ги читал весниците, портпаролот одговорил дека бил „спокоен и кул“.
Група меѓународни истражувачки новинари објави дека открила илјадници документи коишто покажуваат дека мултинационалните компании склучувале аранжмани со властите на Луксембург, основале филијали во таа земја, а потоа со интерни позајмувања меѓу компаниите успевале да ги избегнат плаќањето на данокот во своите матични земји.. За возврат плаќале даноци во Луксембург, но значително поповолни отколку што би ги платиле во земјите во коишто делуваат и имаат седишта.
Документите покажуваат дека со луксембуршките власти такви аранжмани склучиле околу 340 компании, меѓу кои се „Pepsi“, „Ikea“, „Accenture“, „Burberry“, „Procter & Gamble“, „Heinz“, „JP Morgan“, „FedEx“, „Amazon“, „Deutsche Bank“ и други глобално познати имиња.
Европската комисија во октомври годинава отвори истрага за некои од наведените случаи, за да оцени дали се спротивни на европските прописи.
За новинарско прашање дали Јункер, кој беше премиер на Луксембург во периодот од 1995 до 2013 година, знаел за тие аранжмани, портпаролот на ЕК, Шинас изјави дека тоа е прашање на коешто треба да дадат одговор луксембуршките власти а не Европската комисија.
Во врска со оваа тема, на Јукнер во средата на неговата прва прес-конференцијата откако ја презема должноста претседател на Европската комисија му беше поставен истото прашање.
„Тоа прашање заслужува опширен одговор, но во секој случај Комисијата има целосно право тоа да го истражи, а јас на ниеден начин нема да се мешан во работата на надлежната комесарка Мергрет Вестагер. Нема тоа да го сторам, бидејќи не би било примерно. Имам свое мислење за тоа прашање, но ќе го задржам за себе“, одговори Јункер.
Челникот на социјалистите во Европскиот парламент, Џани Питела, на Twitter го постави прашањето „дали Јункер, чија веродостојност е во прашање, е на страната на европските граѓани или на затајувачите на даноците“.
На прашање на новинарите дали случајно аферата избувнува откако Јункер најави дека нема да се тресе пред премиерите на европските земји, неговиот портпарол Шинас одговори дека тој не може да шпекулира и дека секој може тоа да го интерпретира по сопствена желба./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Фото+видео) Опасна бура во Словенија: паѓаше град со големина на јајце, издадено портокалово предупредување

Словенија е погодена од силни бури придружени со силни налети на ветер, поројни дождови и град.
Сообраќајот во земјата е забавен, а Агенцијата за заштита на животната средина издаде портокалово предупредување за целата територија.
Од агенцијата посочуваат дека поради дождот може да дојде до задржување на вода и зголемување на реките.
На објавите на социјалните мрежи се гледа дека паѓал град со големина на јајце.
Според објавите и коментарите, најлошото било околу Шемпетер во долината Савиња.
Како што јавува ТВ Словенија, во текот на вечерта бурата постепено ќе ослабне , најдоцна на истокот од земјата.
Бура пристигнува и во Хрватска
Силна бурна ќелија, која пристигна преку брегот од Италија, се движи кон внатрешноста на Хрватска, придружена со врнежи од дожд, силни налети на ветер и локален град.
Водна пијавица е снимена над морето во близина на Умаг. Се очекува активноста на бурата дополнително да се интензивира во наредните часови.
Управата за заштита на животната средина издаде портокалова тревога за регионите Риека, Карловац и Загреб поради локално можни грмотевици со привремено силни до бурони ветрови, а можна е и појава на град.
Европа
Колона долга околу 700 километри забележана на автопат во Франција

Колона долга речиси 700 километри е забележана денеска на автопат во Франција, додека вкупната должина на сите колони на патиштата во земјата изнесуваше 1.051,6 километри во време на зголемен сообраќаен интензитет поради летните одмори и смената на туристи, што колоквијално се нарекува „Црна сабота“.
Како што извести BFM TV, сообраќајот на патиштата во Франција дополнително бил забавен поради две сообраќајни несреќи на автопатот кон Медитеранот и Атлантскиот Океан.
Според податоците на Bizon Futé, француската агенција за следење на состојбата на патиштата, до 7 часот утрово колоните биле подолги од 200 километри, а до 10 часот веќе надминале 570 километри.
Како што беше соопштено, гужвите се во согласност со прогнозите на агенцијата, која предупреди на „исклучително тешки сообраќајни услови“ за оваа сабота, а врвот на метежот се очекува околу пладне.
Сообраќајот во правец кон Алпите исто така е интензивен и загушен, со задржувања од час и 45 минути во тунелот Мон Блан во правец кон Италија
Европа
Финска, Норвешка и Шведска под жештина невидена од 1961 година

Земјите од Северна Европа, познати по својата студена клима, се соочуваат со интензивни топлотни бранови, со температури над 30 степени Целзиусови во подолг временски период.
Во норвешкиот дел од Арктичкиот круг, метеоролошките станици регистрирале температури над 30 степени Целзиусови дури 13 дена во јули, додека Финска имала три последователни недели со температури од 30 степени, пишува денес британскиот „Гардијан“.
Според научниците, тоа е најдолгиот период според историските податоци од 1961 година, а трае 50 проценти подолго од претходниот рекорд.
„Топлотниот бран е сè уште во полн ек, со максимални температури денес околу 32-33 степени. Дури и арктичките региони забележаа три недели со температури над 25 степени и може да ги соборат своите августовски температурни рекорди утре“, изјави Мика Рантанен, климатолог во Финскиот метеоролошки институт, во објава на социјалните мрежи.
Норвешкиот метеоролошки институт соопшти дека температури над 30 степени се регистрирани 12 дена во јули во најмалку една станица во трите најсеверни покраини на Норвешка.
Во Шведска, метеоролозите, исто така, регистрираа продолжени топлотни бранови во неколку северни градови, при што метеоролошката станица во Хапаранда регистрираше температури од 25 степени или повеќе 14 дена по ред.
Овие топлотни бранови, кои ја погодија северна Европа кон средината на јули, беа предизвикани од топлите води покрај северниот брег на Норвешка, кои ги покачија температурите во нордиските земји за осум до 10 степени над сезонските норми.
Поради интензивен топлотен бран, лизгалиште на мраз во северна Финска ги отвори вратите за луѓе кои бараат засолниште од жештината, откако локалните болници беа преполни, а сточарите предупредија дека нивните ирваси се на работ на смртта од жештината.