Надворешна политика
Мнозинството европратеници бараат старт на пристапните преговорите на Македонија со ЕУ
Мнозинството европратеници бараат почеток на преговорите за членството на Македонија во Европската унија (ЕУ), покажа расправата за напредокот на земјата изминатата година во поглед на евроинтеграциите, која се оствари во вторникот вечерта во Европарламентот во Стразбур.
Најголем дел од пратениците изјавиле дека потребно е во среда се изгласа резолуцијата предложена од словенечкиот европратеник и известувач за Македонија, Иво Вајгл, односно по деветти пат да се препорача почеток на пристапните преговори за членството на земјата во ЕУ, пренесува МИА.
Вообичаеното спротивставување на ваквите препораки дошло повторно од страна на грчките европратеници, кои порачале дека моменталната состојба во Македонија е потврда дека земјата не ги исполнува условите за почеток на преговорите. Групата на европарламентарци која што се нарекува и „Пријатели на Македонија“ пак, потенцирале дека сега е потребно да и се помогне на Македонија да ги надмине проблемите, повикувајќи ги сите политичари во земјата да покажат одговорност.
Британскиот европратеник и поранешен известувач за Македонија, Ричард Ховит изјавил дека ЕУ мора да признае дека и таа сноси одговорност за актуелната состојба, а хрватскиот европратеник Андреј Пленковиќ пак порачал дека „стабилна и европската Македонија е во полза на нејзините соседи, на ЕУ и на самите Македонци“.
Еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори, Јоханес Хан пак потенцирал дека сега постои потреба од конструктивен и инклузивен политички дијалог, барајќи од владата и опозицијата да покажат политичка одговорност и да влезат во политички дијалог за решавање на отворените прашање и остварување на потребните реформи./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.