Македонија
(Видео) Фатиме Фетаи направи пародија со коментарите дека излегувала во дискотека
На гала-вечерта на раскажување женски приказни „Причпич“, меѓу раскажувачките говореше специјалната јавна обвинителка, Фатиме Фетаи. Годинава темата на која се говореше е „Добив“.
Обвинителката Фетаи направи пародија на дел од коментарите за нејзиното излегување во дискотека, за кое доби критики на социјалните мрежи. Таа настанот го опиша како да е кривично-правен настан, на кој било извршено кривично дело. Фетаи рече дека првин ја прифатила поканата на пријател да излезе во кафуле на кое имало караоке забава. Имала желба да запее, ама не го сторила тоа.
Пред полноќ добила покана да оди во дискотека, каде што отишла, а таму сретнала и судија. Потоа, како што рече, ја стигнал судот на јавноста. „Следуваа лавина коментари. Станав обвинета“, рече иронично обвинителката. „Од многу обвинители, коишто постапуваа по службена должност, главен беше новинарот Бранко Героски“, говореше иронично Фетаи.
Обвинителката рече дека се изјаснила дека не е виновна и направи пародија со изјавата пред судот на експремиерот Груевски, кога тој изјави дека не може да биде обвинет за сакање. „Сум сакала да видам што има во дискотека“, иронизираше обвинителката, која додаде дека не барала помилување. „Не можам да добијам условна бидејќи признав вина“, се пошегува Фетаи. „Дел од критиките во јавноста не беа заради функцијата, туку пред сè како кон мене како кон личност, како кон жена“, додаде таа.
Фетаи посочи дека еден ден во Специјалното јавно обвинителство стигнал официјален допис, во кој се бара таа да ги врати кркмите. На доставувачот му било одговорено на официјален меморандум со лого од СЈО.
На крајот од говорот, Фетаи додаде дека жената во Македонија се соочува со предрасуди. „Да се бориме за општество во кое ќе се врати правдата“, изјави таа. На жените им порача да го прават она што ги прави среќни. „Сторителот секогаш се враќа на местото на злосторството“, изјави Фетаи.
Освен неа, раскажуваа преведувачката, активистка за работнички права и кандидатка за градоначалничка на Скопје – Марија Џонс, режисерката Ана Јакимска, писателката и феминистка Асја Бакиќ, феминистката и професорка на ЈИЕ Маја Мухиќ и актерката и активистка Симона Спировска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Битиќи: Ја добивме битката, концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, падна на арбитража
Концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, симбол на криминал и коруптивни зделки, падна на арбитража. Државата ја доби битката, нема да плати штета од 115 милиони евра, реагира пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи и поранешен вицепремиер.
„Да се потсетиме: Случајот односно судските рочишта се затворени во 2023 година. Арбитражниот суд носи конечна пресуда во рок од две (2) години по завршните зборови. Тимот што ги застапуваше правата на нашата држава во целиот тој процес се водеше со јасни определби и насоки од страна на мојот кабинет во претходната Влада“, наведува Битиќи.
И затоа, додаде тој, искрена благодарност до White & Case, нашите главни застапници во арбитражата, државните службеници и експерти кои вложија знаење и енергија, како и до локалните адвокатски друштва за нивната посветеност и професионалност.
„Благодарност до сите што ги застапуваa интересите на државата. Вака се почитува татковината, со искрен настап и без калкулации – а за оние кои имаа други интереси, иднината ќе покаже“, стои во објавата на Битиќи.
Македонија
Поради пожарот кај Јасен, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје
Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Меџити: 65 милиони евра за Универзитетскиот кампус и подземниот паркинг на Плоштад Скендербег во Скопје
Изградбата на Универзитетскиот кампус „Мајка Тереза“ и подземниот паркинг на Плоштад Скендербег стануваат реалност. За овие крупни проекти се обезбедени 65 милиони евра од државниот буџет, соопшти првиот вицепремиер Изет Меџити.
Според него, реализацијата на овие проекти ќе започне многу скоро.
„Сè е подготвено за нивниот почеток. Овие инвестиции ќе донесат долгорочни придобивки за студентите, граѓаните и економскиот развој на Скопје. Во таа насока, денес остварив значаен состанок со министерот за транспорт, Александар Николовски, директорот на Инспекторатот за градежништво и претставници на Општина Чаир, каде што се договоривме за конкретните чекори што ќе го обезбедат итното започнување на овие проекти. Овие инвестиции поставуваат нови темели за урбаното и образовното модернизирање на нашиот град, означувајќи клучен момент за стратешкиот развој на Скопје. Со оваа посветеност, отвораме нова фаза, каде визијата за функционален, иновативен и развоен град се претвора во реалност. Благодарение на меѓуинституционалната координација и заедничката посветеност, многу брзо ќе започне теренската реализација на овие проекти од национално и стратешко значење. Ние ги исполнуваме ветувањата и ја претвораме визијата во реалност!“, напиша Меџити.

