Македонија
Сообраќајот се одвива по наместа влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози, информираат утрово од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
На патниот правец А2 Струга – граничен премин Ќафасан, од бензинската пумпа КМР до селото Франгово (во должина од 3км) се препорачува исклучително внимателно управување со возилата поради дупки на коловозот. На самото место поставена е соодветна патна сигнализација и ограничување на брзината од 30 километри на час.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Нека ме наречат заостанат, но формирањето многудентно семејство е највисок патриотски чин

Премиерот, Христијан Мицкоски, упати порака до граѓаните дека формирањето семејство, формирањето многудентно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина.
„Секој оној кој што си игра играчки и кој што ова не го разбира, колку е ова озбилно, не и мисли добро на државата. Нека ме нарекуваат конзервативен, заостанат како сакаат нека ме нарекуваат, но ова мора биде прв приоритет на оваа Влада и на сите следни Влади, а тоа се многудентни семејства. Јас би сакал кон сите македонски граѓани да упатам јасна порака – формирањето семејство, формирањето многудентно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина. Без разлика на верската, на етничката припадност – многудетното семејство значи иднина“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека според последниот попис во Македонија има над 1,8 милиони жители, но дека стравува дека за 20 години ќе бидеме држава под 1 милион жители.
„Имаме отприлика над 700 илјади редовно вработени и околу 350 илјади пензионери. Реално присутно население според сите проценки не надминува од 1,5 милиони. За 20 години се плашам дека ќе бидеме држава под 1 милион жители и тогаш ќе имаме на еден пензионер еден вработен“, изјави премиерот.
Според него, тоа значи колапс за пензискиот фонд, тоа значи колапс за здравствениот фонд.
Инаку, Мицкоски денеска ја промовира петгодишната програма која ќе ја спроведуваат Владата и УНФПА.
„Оваа програма не е само документ или формалност, туку е план за дејствување- визија и стратегија која ќе се реализира со конкретни активности, насочени кон иднината на нашата држава и нашите граѓани. Кога зборуваме за ресурси, често споменуваме рудни богатства, финансии, инфраструктура, енергенси, води или природни богатства. Сето тоа е значајно. Но, најважниот ресурс, ресурсот кој ги движи сите други, тоа е човечкиот капитал“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека демографската рецесија не е нов феномен и дека таа трае повеќе од 70 години. Како што кажа Мицкоски, од 1950 година па до денес бројот на новородени деца постојано опаѓа.
„Во 1950 година во Македонија имало над 50.000 новородени бебиња. Во 2024 година имаме само околу 16.000 новородени бебиња. Овој пад има две главни причини: прво, иселувањето на младите луѓе и второ, намалениот наталитет и фертилитет. Владата е свесна за сериозноста на ова прашање и веќе работи на неколку линии. Создадовме највисок економски раст на Балканот- тоа значи нови работни места, поголеми плати и поголеми можности за младите. Инвестираме во иднината на семејствата: шест бесплатни обиди за ин витро оплодување, со забрзана процедура, сето тоа на товар на Фондот, зголемивме од три на шест. Бесплатни учебници за учениците- затоа што образованието е темел на демографскиот раст. Нови градинки во повеќе градови- за да им помогнеме на родителите. Поддршка за мајките, за децата и за семејствата, преку нови социјални и економски мерки“, рече Мицкоски и додаде дека овој проблем не е изолиран само кај нас и дека со него се соочува целата Европа и пошироко- Балканот, Европската Унија, САД, Канада, Австралија, Источна Азија. Она што е симптоматично е дека дури и најразвиените и најбогатите земји се најмногу погодени.
Македонија
Од утре дожд и снег на планините и на повисоките места

Од утре попладне до петок, под влијание на влажен бран, ќе има врнежи од дожд, локално пообилни, информира УХМР.
Вкупно од овој бран се очекува на повеќе места да наврнат над 30 литри на квадратен метар, а локално и над 50 литри.
Поради продор на постудена воздушна маса од север и засилен северен ветер, в четврток на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег, а поради натамошно спуштање студен воздух, в петок ќе има услови да преминуваат во снег и на некои од повисоките места.
На повисоките планини ќе се формира снежна покривка. Температурата на воздухот значително ќе опадне.
Во Скопје од утре кон крајот на денот до петок времето ќе биде претежно облачно со врнежи од дожд, повремено побилни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а температурата значително ќе опадне.

Извор: УХМР
Македонија
Грејната сезона најрано може да почне на 1 октомври

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) информира дека грејната сезона почнува на 15 октомври 2025 и завршува на 15 април 2026 година.
Но, доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 ºС, тогаш грејната сезона може најрано да почне од 1 октомври и да заврши најдоцна до 30 април.
Во исто време РКЕ информира дека систем-операторот за пренос на гас НОМАГАС најави дека оваа година поради ремонтни активности на регионалните транспортни системи за пренос на природен гас и гасоводот „Турски тек“ се очекува од 13 до 17 октомври да има прекин во испораката на природен гас кон потрошувачите во земјата.
РКЕ потсетува дека сигурноста во снабдувањето е примарен интерес и дека законската регулатива овозможува во услови на прекин на испорака операторот со природен гас НОМАГАС да може да изврши навремено полнење на цевката и количината да ја распредели соодветно во критичните денови за корисниците што се греат на топлинска енергија.
Во согласност со правилата за снабдување со топлинска енергија и тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, снабдувачот е должен во грејните простории во времето од 6 до 22 часот во текот на денот да обезбеди температура на греење од 20+1 ºC.
РКЕ апелира до станарите, односно заедниците на станари, да ги проверат внатрешните инсталации и инсталациите во објектите и да ги намират сметките за електрична енергија за топлинските потстаници со цел грејната сезона да почне без проблеми.