Македонија
ПОДЕМ: Законот за јазици не смее да ја сопира европската перспектива
Партијата на обединети демократи на Македонија – ПОДЕМ повикува на транспарентност и отвореност во однос на најважните национални прашања како што е Законот за јазици и односите со соседите, односно спорот со името.
„Очигледно е дека Законот за јазици ја ниша владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ. Да не дозволиме тоа нишање да ја разниша и стабилноста и перспективата на Република Македонија. Доста е со уцени! Да не дозволиме теснопартиски интереси и уцени да ја одредуваат судбината на граѓаните на Македонија. Затоа ПОДЕМ ги повикува и СДСМ и ДУИ со отвореност и транспарентност да стават крај на тензиите. Секакви уцени ќе се пресечат во корен ако јавно и јасно се каже што се договарало, ако отворено се каже што може, а што не може да биде производ на коалицирањето“, велат од партијата.
Во однос на спорот со името, ПОДЕМ обвинува дека таблите на аеродромот и автопатот требало да се променат по решавање на спорот за името. Политичката партија изрази загриженост дека по отстапките од наша страна, Грција не нѐ сфаќа сериозно.
„Денеска Грција ни порача дека не било доволно што Македонија ги смени таблите со имињата на аеродомот и автопатот. Отворено слушнавме дека со тоа нема да се реши проблемот со името. Каменос дури ни порача и дека Заев давал хумористични изјави. Во Грција веќе не нѐ сфаќаат сериозно, а и како ќе нѐ сфаќаат по толку отстапки?Како да не можеше таблите да се сменат откако ќе се реши името. Сега бараат надуставен договор, доаѓаат со дополнет нацрт, и што ли уште ќе им текне до следната недела кога Коѕијас ќе дојде во Македонија за да ги врачи новите уцени.
Сите досега направени отстапки им даваат залет и на Грција и на ДУИ“, смета ПОДЕМ.
Додаваат дека македонскиот народ има право да знае што им е ветено на Грција и на ДУИ и, според нив, веројатно е време да се размисли за национална коалиција, односно СДСМ и ВМРО ДПМНЕ да седнат на иста маса и да направат коалиција по примерот на Германија и заеднички да ги одредат приоритетите за националните прашања.
„Приоритет за Македонија е влезот во Европа, а не донесување закони кои не подлежат на европско знаме, но се наметнуваат и ја блокираат работата на Собранието кое треба да ги донесе вистинските европски закони. Таа коалиција, на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, треба да е отворена и за албанските партии, но тие треба да покажат дека ѝ мислат добро на Македонија, а не секое коалицирање да го користат за остварување цели што не се во заеднички интерес на сите граѓани на Република Македонија, без оглед на која етничка група припаѓаат“, велат од ПОДЕМ и заклучуваат дека Законот за јазици и не е закон за јазици, туку е Закон за албанскиот јазик и не ги става во рамноправна положба сите етнички заедници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Слаб снег провејува на Попова Шапка, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Слаб снег провејува на Попова Шапка кој во моментов не се здржува на коловозот, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно време со дожд и ветер, на планините снег – МЕТЕО за следните денови
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно. Во делови од котлината ќе има повремен слаб дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени, јавува УХМР.
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
150.000 пензионери од вкупно 330.000 пред линеарното покачување имаа пензии од 10-12.000 денари, потсети Мицкоски
Заклучно со април 2026 година линеарното покачување на пензиите, кое почна во ноември 2024 година, ќе изнесува 7.000 денари, рече денес премиерот Христијан Мицкоски. Одговарајќи на новинарски прашања на пуштањето во употреба на нова детска градинка во Кочани, премиерот рече дека токму линеарното покачување на пензиите ја намалило сиромаштијата кај пензионерите кои и сега се најсиромашните во земјава, а придонело и за правилна распределба на приходите.
„Што се однесува до стапката на сиромаштија, во 2024 година таа е помала споредена со 2023 година, изнесува 21,9%. Во 2023 година стапката сиромаштија изнесуваше 22,2%. Ако се спореди со 2021 година, тогаш е 23%. Цениме дека со оваа интервенција, која ја почнавме уште во ноември 2024 година за октомвриската пензија, кај пензионерите ќе влијаеме уште попозитивно во намалување на стапката на сиромаштија бидејќи од оние параметри кои ги објави Државниот завод за статистика јасно се гледа дека пензионерите се најсиромашната група граѓани. После овие интервенции на линеарно зголемување не само што се намалува тој јаз односно се зголемува правилната распределба на приходите туку се намалува и стапката на сиромаштија бидејќи заклучно со април 2026 година ќе имаме линеарно зголемување за 7.000 денари“, рече премиерот Мицкоски.
Тој не сакаше да ги коментира одлуките на Уставниот суд за линеарното покачување на пензиите кој ќе ја разгледува законитоста кога ќе биде во полн состав оти сега има двајца судии помалку, но потсети дека пред да почне линеарното покачување на пензиите имаше пензии и од 10.000 денари.
„Ќе ве потсетам на уште еден параметар кој го забораваме, дека 150.000 пензионери пред да почне ова линеарно зголемување имаа пензии кои беа околу 10-12.000 денари. 150.000 пензионери од 330.000. Тоа значи дека со ова линеарно зголемување нема пензија која е под 15.000 денари односно се движат од 17-19.000 денари. Како Влада ќе продолжиме во таа насока“, рече премиерот Мицкоски и кажа дека продолжуваат со поддршка не само на пензионерите туку и на другите целни групи во земјава.
Во октомври 2024 година пензиите линеарно се зголемија за 2.500 денари, во март 2025 година уште еднаш линеарно се зголемија за 2.500 денари, третото линеарно зголемување беше во септември минатата година кое изнесуваше 1.000 денари, а во март оваа година пензиите ќе се покачат уште за 1.000 денари.

