Македонија
Села и Мухиќ тврдат дека гласале за законот, системот не ги регистрирал
Зијадин Села и Ферид Мухиќ гласале за законот за јазиците. Пратениците за „Макфакс“ изјавија дека на вчерашната седница го стиснале зеленото копче и дале глас за усвојување на законот. Нивните гласови не се избројани во 64-те гласа со кои се изгласа законот. Според стенограмот од гласањето, објавен на официјалната веб-страница на Собранието, Села со реден број 97 не гласал за законот, а исто и Мухиќ, кој е под реден број 82.
„Лага е дека не сум гласал за законот. Може да се види на снимката дека гласав“, изјави Зијадин Села од „Алијансата за Албанците“ за „Макфакс“.
Независниот пратеник Ферид Мухиќ најави дека на денешната седница ќе бара објаснување за гласањето.
„Јас гласав за законот за јазици, не знам зошто мојот глас не е евидентиран. Гласав и со кревање рака кога гласаа немнозинските заедници. Апсурдно е да се каже дека не сум гласал, а потоа сум гласал. Денес на пленарна седница ќе побарам да го објаснам ова“, вели Мухиќ за „Макфакс“.
Законот за јазиците вчера попладне беше изгласан со 64 гласа „за“, ниту еден „против“ ниту „воздржан“. Во салата присутни беа 109 пратеници. Гласањето првин се одвиваше преку електронскиот систем на Собранието, но кога пратеникот Никола Груевски истури вода врз системот за гласање на претседателот Талат Џафери, пратениците од немнозинските заедници беа принудени да гласаат со кревање рака.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата го усвои ревидираниот Акционен план на Стратегијата за транспарентност
На денешната владина седница беше усвоен ревидираниот Акционен план на Стратегијата за транспарентност (2023-2026), во делот кој се однесува на роковите и институциите одговорни за спроведување на активностите.
„Работната група, составена од претставници на различни институции, која беше одговорна и за ревидија на Акциониот план на Стратегијата за транспарентност (2023-2026), од септември интензивно работеше на ажурирање на актуелниот план, со цел институциите да обезбедат уште по транспарентен пристап кон граѓаните“, соопштија од кабинетот на заменик-претседателот задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи.
„Транспарентноста е и останува приоритет на оваа Влада. Со оваа одлука обезбедуваме Стратегијата за транспарентност да се спроведува со забрзан ритам и со целосна одговорност“, рече тој.
Во финална фаза е и формирањето на новата Работна група за изработка на Стратегијата за транспарентност 2027-2029.
Македонија
Велковски: Насилството врз жената и семејното насилство не е приватна работа, тоа е општествен, културолошки и системски проблем
Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, присуствуваше на настан организиран по повод почетокот на 16 дена активизам против родово базирано насилство насловен „Од пријавување на насилство до спречување на фемицид – системски одговор“ од страна на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во земјава.
Во своето обраќање Велковски се осврна на важноста на темата на која и покрај напредокот, сè уште бара внимание, посветеност и несопирлива борба.
„Насилството врз жените претставува директно нарушување на човековите права, и затоа секој од нас има одговорност да делува. Насилството врз жените и семејното насилство се појавуваат во најразлични форми и се присутни во сите општества – без исклучок. Некогаш се видливи, некогаш затскриени зад ѕидовите на тишината, но секогаш присутни. И затоа, молкот не смее да биде опција. Нашата обврска е да го препознаеме насилството, да реагираме и да делуваме,“ истакна Велковски.
Тој се осврна и на фемицидот како последна, најстрашна алка во синџирот насилство што започнува тивко – со навреди, омаловажување, контрола, закани – а преминува во физичко малтретирање, тешки повреди и, за жал, премногу често завршува со смрт.
„Овој проблем не е приватна работа на едно семејство. Тој е општествен, културолошки и системски проблем, кој бара координирана, стручна и долгорочна акција. Нашата држава веќе има изграден стабилен механизам за заштита од насилство, и радува фактот што јавната свест сè повеќе се буди,“ рече Велковски.
Тој информираше дека министерството работи на осумгодишна Национална стратегија за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, со детално разработен акциски план за спроведување на мерките.
„Знаењето, алатките и законските механизми ги имаме. Но само заедно – институциите, невладините организации, локалните самоуправи, стручните лица и сите партнери – можеме да создадеме општество во кое жените ќе бидат безбедни,“ порача Велковски.
На крајот порача дека Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и Владата на Република Македонија, остануваат целосно посветени на обезбедување брза и ефикасна заштита, целосна поддршка за жртвите и ефикасна превенција.
Македонија
Владата именува повереници за општините Маврово Ростуше, Гостивар, Центар Жупа и Врапчиште
Владата на денешната седница именува повереници за општините Маврово Ростуше, Гостивар, Центар Жупа и Врапчиште во кои што на локалните избори во октомври не беа избрани градоначалници поради недоволната излезност.
„Во врска со условот од член 132 став 2 од Изборниот законик за избор на градоначалници на општините да излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во избирачкиот список за соодветна општина не е исполнет во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово и Ростуше и Центар Жупа. Во однос на истото, согласно член 134 став 2 од Изборниот законик Владата за повереници за вршење на работите од надлежност на градоначалник за наведените општини ги именува: Онер Јакупоски за повереник за Општина Маврово Ростуше, Аријан Ибраим за повереник за Центар Жупа, Буњамин Кадриу за Врапчиште и Фадил Џелили за Гостивар“, соопштија од Владата.
Изборите во овие општини ќе се одржат на 11 јануари 2026 година.

