Македонија
(Видео) Драма во Пржино: Се излизга пат, жителите стравуваат за домовите
Се излизга дел од улицата Пандо Кљашев во скопско Пржино поради градилиште за нова зграда. Асфалтот сосе лимените тараби за градилиштето и старите потпорни ѕидови се одронил утрово во шест часот. На улицата немало никој па нема повредени. Поради опасност од нов одрон, полицијата го огради просторот па неколку семејства останаа без пристап до домовите.
Жителите од околните куќи се огорчени од нереагирањето на Општината. Велат дека ги предупредиле и општинските власти и инвеститорот дека земјиштето ќе се излизга оти багерите ги откопале старите потпорни ѕидови кои го држеле патот и каналот за одведување на атмосферските води од Водно, но копањето за новата зграда не сопрело. Распаметени од можноста целото земјиште да се излизга и да им ги поклопи куќите, жителите дежураат покрај градилиштето.
„Ова не е еден ден. Веќе еден месец ги предупредуваме градежниците. Им кажуваме дека ќе ни го уништат патот, ќе пропадне. Јас живеам на улицата кај почетната кривина. Борот цел го искршија. Им реков да не ми го фрлаат ѓубрето пред гаража, да си го земат и да си го однесат. По неколку дена улициве почнаа да пукаат, почнаа да пропаѓаат. Пак ги викнавме. Им го блокирав патот таму, а тие ми викнаа полиција. Полицијата место да нè штити нас, ги штитеше нив. Сè што пробавме беше попусто. Ги стопиравме, не можат да поминат, камионите им стоеја, ни се закануваа – знаете со кого си имате работа. Им кажавме дека овде е дозволено да проаѓа само петтонски камион, а не камион од 40 тона како што одат сега тука. Пријавено е во Општина не само од еден туку од речиси сите куќи што живеат тука, сите имаат пријавено“, вели жител на Пржино.
Соседите рекоа дека просторот на кој сега се гради зграда им служел како паркинг и повеќе од 50 години на него не било дозволено да се гради што било. Сметаат дека ова не е последен градежен атак на нивната населба.
„Градоначалникот ветуваше дека ќе прекине градежното лудило, но ова продолжува. Дознавме дека има маркици и во парк-шумата“, вели сосед на новата зграда.
Увид на местото на одронот, два часа по пријавата, направи и градежната инспекција од Општина Кисела Вода. Жителите со аплауз ги дочекаа инспекторите за иронично да им кажат дека одронот е нивна вина оти не постапиле по пријавите и ја поддржале урбаната мафија.
Уште еднаш им посочија дека на локацијата нема место за паркинзи за наводните 12 стана во зградата, нема соодветно решение за вода, струја за новиот објект и прашаа дали на инвеститорот му дале одобрение да урива и уништува општински имот алудирајќи на улиците. Општинските инспектори немаа одговор на бројните прашања на жителите и кажаа само дека инвеститорот имал одобрение за градење.
„Откако ќе ви скршат глава и ќе добиете потрес на мозок што ќе ви е санирање?“, прашаа жителите, на што инспекторката од Кисела Вода одговори со прашање „Зошто ми кажувате мене, дали јас сум виновна за тоа што се случило?“
Инспекторката немаше што да изјави велејќи дека треба да дојде фирмата инвеститор и да преземе заштитни мерки, тврдејќи дека на местото имало потпорен ѕид, но паднал. Како што рече таа, позитивно е што ќе добијат нов пат, изграден од инвеститорот.
„Што да утврдам? Тоа што гледате. Што да кажам? Улицата паднала, попуштило земјиштето. Јас ѝ укажав на фирмата да дојде и да преземе заштитни мерки. Имало потпорен ѕид, но паднал“, вели инспекторката од Кисела Вода.
Одобрението за градење на оваа локација е потпишано од новиот градоначалник, Филип Темелковски, кој за „Макфакс“ спротивно на кажувањето на инспекторката, вели дека на локацијата немало потпорни ѕидови, а општината ќе ја запре изградбата на определен период.
„Правниот тим на Општината и инспекцијата ќе дадат претставки и ќе се запрат градежните активности. Факт е дека при градењето фирмата не се грижела за безбедноста. Дополнително, на барање на граѓаните, ќе го лимитираме движењето на тешки товарни возила на горниот пат, кој воедно поради оштетувањата кои досега настанале ќе треба да ги санира. По долниот пат ќе можат да се движат градежните возила, а потоа инвеститорот ќе треба и тој пат да го санира. Не можеме да му ја одземеме маркицата за градба бидејќи тој има стекнатно право на земјиштето“, вели градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски.
Уништен од градежната механизација е целиот пат што води до градилиштето. Жителите велат дека не е исклучена можноста да се појават одрони и на други места оти патот е со пукнатини насекаде, а оштетувања имало и на одводниот канал покрај патот. Сите оштетувања се пријавени во Општината од каде не презеле мерки да сопре уништувањето.
Градежната компанија „Хантерс“, која воедно е и инвеститор на зградата, не испрати свој претставник на градилиштето, а не одговори ниту на повиците на „Мафакс“ за објаснување по уривањето на патот.
Кристијан Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради дефект без парно делови од Центар, Аеродром и Кисела Вода
Поради лоцирање на дефект на дистрибутивната мрежа во моментов има прекин во испораката на топлинска енергија кај потрошувачите од Центар, Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Автокоманда, соопшти ЕСМ.
Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина се на терен со цел точно лоцирање на дефектот и изолирање на истиот, со цел воспоставување на нормална испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.
Македонија
Левица: Центарот за социјални работи во Тетово дувло на криминал и корупција
Скандалот во Центарот за социјални работи во Тетово со незаконски исплатени социјални пензии и додатоци за туѓа нега ја разоткрива длабоката системска корупција и злоупотреба во институцијата која треба да им служи на најранливите. Социјални пензии добивале лица кои што воопшто не исполнуваат услови за тоа, додека лица на кои што им е од суштинска важност да добијат социјална пензија или надоместок за туѓа нега се одбивани, велат од Левица.
„Според досега изнесените податоци неколку вработени во Центарот, меѓу кои и еден раководител исплаќале социјални пензии, туѓа нега и други социјални надоместоци и тоа ретроактивно, на лица кои не исполнувале услови за тоа, со што го оштетиле Буџетот за неколку стотици илјади евра.
Дополнително загрижува фактот што, и покрај тоа што Јавното обвинителство покренало постапка против овиелица, по признание на вина за несовесно работење во службата тие биле задолжени да платат по 18.000 денари по што продолжиле со работа во Центарот за социјални работи во Тетово. Ова испраќа опасна порака дека злоупотребата на јавните пари и газењето на социјалната правда поминуваат без реални последици.
Јавно прашуваме зошто Министерството за социјална политика и министерот Лимани молчат за овој скандал?
Исто така прашуваме како е можно лица кои самите признале дека несовесно работеле и го оштетиле буџетот да бидат сѐ уште вработени во Центарот?
Кого штити Министерството и дали Владата на ДПМНЕ знae воопшто на кои и на колку лица неосновано им биле испраќани социјални надоместоци?
Ова е уште еден доказ дека државата за некого е мајка, за некого маќеа!“, се вели во соопштението на политичката партија.
Македонија
(Видео) Клучката „Момин Поток“ се гради со забрзано темпо, Ѓоргиевски порача: „Наскоро скопјани ќе возат по нов булевар“
Скопје наскоро ќе добие нов булевар, откако со забрзано темпо продолжува реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти – изградбата на клучката „Момин Поток“ и булеварот „Никола Карев“.
Како што информираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски, во моментов е во напредна фаза поставувањето на атмосферската канализација во средишниот дел на булеварот, на потегот од реката Серава до раскрсницата со булеварот „Словенија“.
Овој сегмент, како што истакнува Ѓоргиевски, е клучен за безбедна, современа и одржлива сообраќајна инфраструктура.
Паралелно се гради и левиот крак од мостот над реката Серава, преку кој ќе се поврзат булеварот „Словенија“ и клучката „Момин Поток“. Со тоа ќе се овозможи побрза и поефикасна врска меѓу неколку важни градски сообраќајници.
„Како што ветив, Скопје пишува нова страница во својата историја. Со дела, не со зборови. Скопјани заслужуваат“, порача градоначалникот Ѓоргиевски.

