Европа
Полскиот парламент го критикува „непочитувањето на полскиот суверенитет“
Полскиот парламент во кој мнозинството го имаат конзервативците од партијата Право и справедливост (PiS), ја предупреди во петокот вечерта индиректно Европската комисија дека не го почитува полскиот суверенитет, додека се очекуваат критиките од Брисел поради наводно непочитување на владеењето на правото од страна на владата во Варшава.
Без да ја спомене директно Европската комисија, која ги истражува реформите на полскиот Уставен суд, парламентот усвои резолуција во којашто се осудуваат „неодамнешните непочитувања на суверенитетот“ на полската држава коишто ги „поткопуваат демократските начела, правниот поредок и социјалниот мир“. Ја повикува, исто така, полската влада „да се спротистави на сите активности насочени против државниот суверенитет“.
Резолуцијата е усвоена со 257 гласови, а само четири пратеници биле против. Пратениците од главните опозициски партии, Граѓанската платформа (PO, од центарот) и либералната Новочесне не гласале.
„Парламентот на Полската Републиката тврди дека граѓанските права и слободи во нашата држава не се загрозени“, се истакнува во резолуцијата.
Претходно во петокот, во текот на бурната расправа во парламентот, премиерката Беата Шидло порача дека нејзината влада „никогаш нема да попушти пред ултиматумите“, алудирајќи на Европската комисија која се закани дека во понеделник ќе го објави своето службено мислење за „непочитувањето на владеењето на правото во земјата“, доколку дотогаш „нема значителен напредок“ во решавањето на уставната криза.
Европската комисија на 13-ти јануари покрена дијалог со полските власти откако тамошната опозиција обвини дека новата конзервативна влада, меѓу другото, го изменила законот за Уставниот суд, што довело до негово парализирање.
Дијалогот е покренат во склоп на рамката за заштита на владеењето на правото кое може да доведе до активирање на членот 7 од договорот за ЕУ, кој предвидува суспендирање на правот на глас на држава членка која не го почитува основните начела и вредности на ЕУ, а што досега ниеднаш не е употребено. Тој механизам ЕК го усвои во март 2014 година, по критиките дека несоодветно реагирала на „заканите за демократските стандарди“ во Унгарија.
Ова е првпат овој механизам да биде покренат, а се состои од три чекора: процена на ЕК, потоа препорака на ЕК до земјата членка да го исправи она што не е во согласност со европското законодавство и одговорот на таа држава. Доколку се утврдат недостатоци и таа земја членка се согласи тоа да го исправи, постапката се прекинува, а во спротивно Комисијата може да предложи активирање на членот 7.
Варшава има време две седмици да одговори на мислењето на Комисијата, а потоа треба да работи со Брисел на решавање на проблемот на кои е предупредена. Доколку тоа не се случи во „разумен рок“, ЕК може да ѝ испрати препорака со формален рок до кој тоа би требало да го стори, доколку сака да го избегне покренување и постапка на активирање на членот 7./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.
Европа
Лавините на француските Алпи убија тројца скијачи
Тројца скијачи загинаа вчера во одделни лавини на француските Алпи, само еден ден откако три други лица загинаа во слични несреќи, објавија локалните медиуми.
Во Ла Плањ, британски државјанин, на возраст од околу 50 години, беше затрупан од снег, објави скијачкиот центар. Француските медиуми објавија дека 52 спасувачи, кучиња-трагачи и хеликоптер биле вклучени во потрагата и дека им биле потребни 50 минути за да пронајдат маж под 2,5 метри снег, но не можеле да го спасат.
Во блискиот Куршевел, лавина затрупала уште едно лице кое било пронајдено мртво во доцните утрински часови, според извештаите.
Регионалниот дневен весник „Le Dauphiné libéré“, исто така, објави за неколку повредени скијачи и сноубордери.
Според извештаите на медиумите кои се повикуваат на планинската полиција, 32-годишен маж загинал во лавина во Валорцин, во близина на швајцарската граница. Тој скијал надвор од стазата кога лавина го исфрлила во дрво, а подоцна им подлегнал на повредите.
Властите повикаа на претпазливост
Еден ден претходно, уште три лица загинаа во истиот регион.
Во неделата беа пријавени неколку лавини низ Савој, што ги натера локалните власти да ги повикаат жителите и туристите да бидат „екстремно внимателни“ и да не излегуваат надвор од назначените скијачки патеки.
Европа
Британски скијач загина во лавина на француските Алпи
Британски скијач загина вчера во лавина во Француските Алпи. Несреќата се случила додека мажот, за кој се верува дека е во педесеттите години, скијал надвор од пистата во популарното одморалиште Ла Плањ, објави Скај њуз.
Обемна операција за спасување
Спасувачките екипи беа повикани на лавината попладнето во 13:57 часот и веднаш се упатија кон местото на настанот во југоисточна Франција. Голем тим од 52 лица, вклучувајќи медицински персонал и инструктори за скијање, беше вклучен во потрагата, а со хеликоптер беше донесено и куче трагач.
И покрај брзата реакција, Англичанецот беше пронајден дури по 50 минути пребарување, закопан под 2,5 метри снег.
Скијал без потребната опрема
Според соопштението од одморалиштето, човекот што починал бил во друштво на група, но не бил опремен со примопредавател за лавина ниту бил придружуван од професионален инструктор. Скијачкиот центар Ла Плањ изрази сочувство до семејството на починатиот.

