Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Уставен пресече кога Тито Петковски го заобиколи Глигоров за знамињата

Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција изјави дека секој обид да се прескокне потписот на Претседателот на државата, Ѓорге Иванов во врска со законот за употребата на јазиците ќе биде нелегален.
„Нелегалната и антиделовничка одлука на Собранието која насила ја донесоа на 14 март не е закон се додека не се попише со Указ од страна на Претседателот на државата и се додека врз основа на тој указ не биде објавена во Службениот Весник. Секоја одлука спротивна на ова ќе биде континуитет на институционалното насилство на кое кумува СДСМ и силувањето на демократијата со цел да се одржи владината коалиција“, рече Костовски.
Тој истакна дека собранискиот спикер не може да го заменува шефот на државата во услови кога тој во целост ја извршува својата функција, а како доказ за тоа ја посочи одлуката на Уставниот суд од 1998 година, кога имало ваков обид од страна на Тито Петковски по повод законот за знамиња на националностите.
„Петковски тогаш се потпишал на указот на местото на претседателот Киро Глигоров кој бил на службено патување, а по ова Законот за знамиња бил објавен во службен весник со два потписа од тогашниот собраниски спикер. Година дена подоцна Уставниот суд одлучил дека законот е неуставен, а уште побитно како неуставна ја оценил и постапката на Петковски за потпишување на указот, бидејќи на претседателот на Републиката не му престанала функцијата, ниту бил спречен да ја врши. Во овој случај уставните судии се повикувале на Членот 92 од Уставот каде што е дефинирано кога собранискиот спикер ја врши функцијата на претседател на државата. Во овој член се утврдени три ситуации кога Претседателот на Собранието е овластен да го заменува. Тоа е во случај на смрт, оставка, трајна спреченост или престанок на мандатот на Претседателот по сила на Уставот до избор на нов шеф на државата, понатаму кога настапилe услови за престанок на функцијата претседател што го утврдува Уставниот суд по службена должност и во случај на спреченост на претседателот на Републиката да ја врши функцијата“, рече Костовски.
Додаде дека ниту еден од условите не е исполнет за да може Талат Џафери да си земе за право да потпишува Указ во име на Претседателот, па секој таков обид ќе биде еклататно кршење на Уставот и ќе биде дело кое ќе носи политички и кривични последици од сите кои свесно ќе учествуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Земјотресот на Света Гора почувствуван и во Македонија

Силниот земјотрес на Света Гора почувствуван и во југоисточниот дел на Македонија.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес 7 јуни 2025 година регистрираа серија на земјотреси чии епицентри потекнуваат од соседна Република Грција.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, почувствуван е земјотресот во 14 часот и 46 минути чиј епицентар се наоѓа 290 km југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда M L 5.2.
Земјотресот беше почувствуван во југоисточниот дел на Републиката со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, известија од Сеизмолошката опсерваторија.
Македонија
АХВ го одбележа 7 Јуни – Светски ден на безбедна храна

Aгенцијата за храна и ветеринарство и оваа година се приклучи и ја поддржува глобалната иницијатива и го одбележа 7 јуни, Светски ден на безбедна храна. Со едукативен и спортско рекреативен настан наменет за граѓаните и децата, денес, во паркот Авионче во скопската населба Ново Лисиче на присутните им беа поделени едукативни флаери за безбедноста на храната, а за најмалите се одржаа спортско-рекреативни игри преку кои се афирмираше безбедноста на храната и нејзиното значење.
На 10 јуни, во вторник, со поддршка и во соработка со Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе одржи настан за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната на која ќе учествуваат реномирани претстставници од EFSA, од научните и други институции поврзани со прашпања кои се однесуваат на производството на храна и нејзината безбедност.
Годинашното мото на Светскиот ден на безбедна храна – 7 јуни е „Науката во акција“ и тоа денес не потсетува на важноста на науката како основна алка од синџирот на безбедна храна. Едноставно, тоа е дел без кој не се може и кој ги создава основите за креирање на политиките за безбедност на храната од страна на институциите, како што е и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Преку едукативниот спортско рекреативен настан кој се одржа денес и настанот кој во соработка со EFSA ќе се одржи во вторник, АХВ и годинава активно работи на подигнување на свеста на граѓаните за важноста на безбедноста на храната и за превенирање и управување со ризиците со цел унапредување на нивното здравје.
Македонија
(Видео) Василевски: Нула нови градинки за 4 години во Аеродром, околу 700 деца чекаат за запишување секоја година

Изминаа речиси 4 години откако ВМРО-ДПМНЕ ја освои локалната власт. И По 4 години, ВМРО-ДПМНЕ во Општина Аеродром не изгради ниту една од ветените 4 нови градинки, рече денеска на прес-конференција Бојан Василевски, ОО СДСМ Аеродром.
„Овиe градинки беа првиот од 7-те топ приоритети на Муцунски и Митески во програмата со кои ја освоија довербата на нашите сограѓани од Аеродром. Митески и Муцунски ветија целосно нови градинки во Острово, Мичурин, Лисиче и Долно Лисиче, но еве, четири години подоцна, ниту една од овие ветени градинки до денес не е ни започната со градба“, вели Василевски.
Според него, околу 700 дечиња годишно се на листа за чекање за упис во градинка, заради недостатокот на места во градинките во Аеродром.
„ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром покажа целосна незаинтересираност за решавање на овој проблем. Единствениот објект на градинка кој се гради во моментов во Стар Аеродром е со 70.000.000 денари, средства обезбедени од Владата на СДСМ во 2024 година. Само за споредба, кога со Општина Аеродром управуваше СДСМ се изградија 2 нови градинки со вкупен капацитет од 400 деца. Целосно нов објект Црвенкапа во Стар Аеродром со капацитет од 200 деца и целосно нов објект Буба Мара во Ново Лисиче со капацитет од исто така 200 деца“, кажа Василевски.