Македонија
Претседателот на Врховниот суд ќе го изгуби правото на глас во Судскиот совет
Со новиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет, кој е на прво читање во собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, се предлага претседателот на Врховниот суд, кој е член на Советот, да го изгуби правото на глас со што се отстранува можноста од негово влијание врз начинот на одлучувањето во Советот. Оваа измена е во согласност со Националната стратегија за реформа на правосудниот сектор. Со измените се предлага скратување на мандатот на претседателот на Советот од три на две години без право на повторен избор бидејќи тој е прв меѓу еднаквите и сите членови со право на глас уживаат еднакви права, обврски и одговорности како членови.
Се предвидува судијата како кандидат за член на Советот наместо како досега да ги доставува оцените за резултатите од своето работење за последните три години, да доставува оцени за последните две последователни оценувања, што всушност значи оценка добиена во работата за четири години работа како судија. Во законките измени се ограничува можноста за член на Советот што го избира Собранието да биде предложен судија или јавен обвинител кој во моментот на огласот вршат судиска или јавнообвинителска функција. Ова се предлага за да не се наруши балансот на еквивалентна застапеност на судии и истакнати правници во Советот.
Членовите на Судскиот совет ќе може да бидат времено оддалечени од вршење на функцијата член на Совет во случај кога за член на Совет е одобрен обвинителен акт за кривично дело „злоупотреба на службената должност“ и овластување во вршењето на функцијата член на Советот или друго кривично дело за кое е предвидена безусловна казна затвор од шест месеци. Се предлага одлуката да ја донесува Советот со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број членови со право на глас со тоа што од седницата и од гласањето се иззема членот на Советот против кого е поведена постапката.
Со членот 11 се воведува нов член со кој се ограничува можноста член на Совет за време на траењето на неговиот мандат да биде избран за судија, избран за судија во повисок суд или за претседател на суд. Со предложеното дополнување се отстранува можноста за секој член на Советот за време на неговиот мандат како член на Совет да влијае на работата на Советот, а заради свое лично унапредување. Се создаваат можности иницијатива за поведување постапка за утврдување на одговорност на судија да биде поднесена од секој подносител кој има интерес за тоа. Досегашното решение беше ограничувачко и како подносители на барање за поведување постапка за утврдување одговорност на судија беа предвидени: член на Советот, претседател на суд или повисок суд или општа седница на Врховен суд. Новото решени што се предлага ќе овозможи секој кој има оправдан интерес да се јави како подносител на иницијатива за утврдување одговорност на судија.
Предлог-законот го уредува соодност на квалитативните во однос на квантитативните критериуми при формирањето на конечната оцена на судот на начин што се предлага истите да бидат во сооднос 60% квалитативна оценка наспроти наспроти 40% квантитативна оценка. Со членот 49 се предлага декласификација на содржината на решението за оценување на работата на судијата и претседателот на судот од причина што тие вршат јавна функција. Се предвидува подзаконските акти предвидени со законот Советот да ги донесе во рок од три месеци од денот на влегување во сила на овој закон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Досега подигнати се над 45 илјади ваучери за електронски уреди за студенти
Премиерот Христијан Мицкоски денеска исткна дека се подигнати над 45 илјади ваучери од 15.300 денари за студентите на додипломски студии за набавка на електронски уред – лаптоп, таблет или персонален компјутер. Посочи дека искористеноста е околу 99 проценти.
За ваучер од 250 евра од ноември до декември можеа да аплицираат студенти до 29 години, кои имаат запишано семестар во учебната 2025/2026 на додипломски студии на државните или приватните факултети.
– Отприлика 45.000 – 45.600 ваучери се подигнати, а околу 99 проценти и повеќе се искористени. Околу 44.5 илјади се искористени. Како Влада изминативе 20-ина месеци сме ги регулирале сите односи со сите структури од општеството на кои Владата треба да им излезе во пресрет – на студентите им се покачени стипендиите, се реновираат студентските домови и ученичките домови, се обезбедуваат 15.300 денари за електронски уреди. Дали тоа е доволно? Не. Можеби треба повеќе, но толку можеме во моментов. Порано ни тоа не било. За сите, без да ограничиме дали се студенти на државни или на приватни универзитети. Пораснаа пензиите линеарно, сега во април 7 илјади денари, нешто што досега не било овозможено, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Тетово.
Премиерот нагласи дека комуникацијата на Владата со сите целни групи е на високо ниво и досега, рече, немало толку голема испорака од ниту една Влада,
-Буквално со сите целни групи со кои Владата комуницира и со кои држи релација, навистина имаме односи кои никогаш порано не биле на толку високо ниво и немало толку голема испорака со ниту една Влада. Оваа Влада тоа го направи за само 20 месеци. Дали е доволно? Не. Треба повеќе? Треба. Се сложувам, секогаш треба повеќе. Но, дали е подобро од порано? Можам да кажам дека неколку пати е подобро, рече Мицкоски.
Македонија
Во текот на ноќта и утре повремени врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Како што соопшти УХМР, пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата – над 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места.
Во Скопје во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. На околните планини врнежите ќе бидат од дожд и снег.
Македонија
По 8.000 денари за секое бебе во општина Аеродром
Секое семејство со живеалиште во Општина Аеродром кое во текот на 2026 година добило новороденче или посвоило дете до една година, ќе добие еднократна парична помош во износ од 8.000 денари.
-Оваа мерка е наменета како практична поддршка за семејствата, особено во првите месеци од грижата за детето. Општина Аеродром останува посветена на семејствата и на децата, со љубов и внимание кон најмалите, создавајќи средина каде што тие можат да растат среќни, сигурни и поддржани, соопшти Општина Аеродром.

