Македонија
Чавков беше во истиот стан каде што претходно го апсеа, тврди неговото семејство
Откако ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, бил пуштен во куќен притвор, на 27 март, истата вечер полицајци од Полициската станица Центар направиле две контроли, во 18 часот и 20:30 минути, и не го нашле на адресата на која гласело решението за куќен притвор. „На полицајците никој не им отворил врата“ рече претседателот на кривичниот суд, Иван Џолев, на брифинг со новинарите. Џолев рече дека Чавков самоволно одлучил куќниот притвор да го издржува на друга адреса. Тоа го имале предвид судиите од кривичниот совет кога ја донеле одлуката домашен притвор да му биде заменет со притвор. Реагираше семејството на Чавков. Тврдат дека Митко Чавков бил уапсен на истата адреса на која што беше уапсен со специјалци и првиот пат. Tврдат дека станот што е наведен во личната карта е во сопственост на МВР и е извршено примопредавање веднаш откако бил напуштен.
„Митко Чавков пред три дена беше уапсен на истата локација, односно во истиот дом во кој што беше префрлен за да ја издржува мерката куќен притвор. Дали некој сака да креира дополнителни сценарија и зошто му се тие потребни е веќе друго прашање. Дали некој намерно испраќал полиција на други адреси само за да го покрие изживувањето е прашање кое натаму ќе се расчистува. Во личната карта на Митко чавков стои друга адреса заради тоа што 120 дена беше во притвор и не беше во можност да ја замени. Станот кој што е наведен во личната карта е во сопственост на МВР и извршено е примопредавање веднаш откако беше напуштен, со добивање на решението за исселување по завршениот ангажман во министерството. МВР и судот ова го знаат. Исселувањето беше објавено и во медиуми. Во полиција е пријавена и новата адреса и од страна на Митко Чавков и од страна на адвокатот. Кому му требаат ваквите политички циркузи, на штета на граѓаните кои покажуваат дека институциите се само слепи извршители на наредби?“, пишува во реакцијата на семејството Чавкови испратена до редакцијата на НетПрес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче за патарините да не глуми социјалдемократ од Тему
Филипче за патарините да не глуми социјалдемократ од Тему, за истите цени кога беа СДС на власт им викаа на граѓаните дека беа ниски, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Филипче од опозиција глуми социјалдемократ, а на власт се богати од тендери и не му текнува на народот. Замислете Филипче дури сега дознал дека во Македонија се плаќале патарини, ама не му текна дека се истите цени од времето кога тој беше на власт. Цените за кои Филипче вика дека ги нема никаде во Европа, се истите кога беше СДС на власт и за кои неговиот сопартиец Бочварски викаше дека се ниски. За потсетување, Бочварски крајно лицемерно и елитистички им викаше на граѓаните ако им се скапи патарините, нека возат по локални патишта. Социјалдемократот од Тему, Филипче имаше 7 години да побара намалување на цените на патарините или во најмала рака ако бил загрижен да му се спротивстави на неговиот сопартиец Бочварски, но не го стори тоа. Или можеби Филипче бегајќи панично кон Грција сега прв пат плати патарини во животот?“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека она што Филипче треба да го каже е каде одеа парите од патарини во нивно време и во чии џебови завршуваа народните пари.
Македонија
(Видео) Филипче: СДСМ ќе побара намалување на цените на патарините
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, најави дека СДСМ во наредниот период ќе предложи повеќе законски решенија за помош на граѓаните, меѓу кои ќе има и законско решение за намалување на цените на патарините, како дел од поширок пакет мерки за олеснување на трошоците на граѓаните.
„Во следните недели ќе излеземе со предлог на повеќе закони согласно нашите вредносни политики од повеќе области, со што во еден од законите ќе побараме и намалување на цените на патарините, како уште еден механизам да им се излезе во пресрет на граѓаните“, рече Филипче.
Филипче оцени дека цените на патарините во земјава се неразумно високи и не се споредливи со оние во регионот и Европа.
„Вакви цени на патарини во државава нема никаде, ниту во регионот, ниту во Европа. Во високо развиените европски земји годишно се плаќа цена на патарина, користење на патиштата ширум државата толку колку што кај нас чини едно движење од тука до некој од граничните премини, до Гевгелија на пример“, рече Филипче.
Македонија
Божиновска – Колумбија: Продлабочување на соработката за зелена транзиција и јакнење на жените и младите
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со Рита Колумбија, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија.
На средбата беше разговарано за унапредување на соработката во рамки на Рамката за соработка меѓу Северна Македонија и Обединетите нации за одржлив развој 2026–2030, со посебен фокус на приоритетите поврзани со енергетската транзиција, климатската акција, заштитата на животната средина и одржливото управување со природните ресурси.
Посебно внимание беше посветено на Стратешкиот приоритет „Отпорно и зелено општество и екосистеми“, кој предвидува јакнење на институционалните капацитети, унапредување на климатската отпорност, намалување на ризиците од катастрофи и промоција на чиста и одржлива енергија.
Министерката Божиновска истакна дека Министерството останува силно посветено на исполнување на националните и меѓународните обврски во рамкии на енергетската транзиција и праведниот развој, нагласувајќи ја важноста од партнерството со меѓународните организации како клучен поддржувач на реформските процеси.
Во рамки на средбата беше нагласена и досегашната активна соработка меѓу двете институции и заедничките активности на министерката Божиновска и постојаната координаторка на Обединетите нации, Колумбија, во насока на јакнење на улогата на жените и младите во креирањето политики и лидерството во енергетскиот сектор.
Двете соговорнички се согласија дека инспирирањето и охрабрувањето на младите и жените да бидат двигатели на промените претставува основа за одржлив развој.Дополнително, беше разговарано за можностите за реализација на нови заеднички проекти и иницијативи и во иднина.

