Македонија
Андова Шопова: Комисијата не беше консултирана за изборот на песни
Авторката на предговорот на спорната збирка поезија од проектот „Млади поети“, поетесата Николина Андова Шопова реагира дека комисијата чиј член е и сaмата таа, не била консултирана за изборот на песни што ќе бидат отпечатени. На својот Фејсбук профил таа пишува дека комисијата не учествувалa ниту во уредувањето на збирката ниту во селекцијата на песни, туку единствена обврска како што наведува , било да додели три награди за најдобрите три песни.
„Текстот објавен како предговор на збирката го пренесува генералниот впечаток за сите пристигнати песни. Уште еднаш, нагласувам дека ние како жири комисија не бевме консултирани околу изборот на песните што ќе бидат отпечатени. Одлуката за неселективно објавување на содржини нема врска со жири комисијата, чиишто обврски беа ограничени на избор на три песни. Ги осудувам сите шовинистички и дискриминаторски ставови, и никогаш не би вклучила такви песни во кој било избор од ваков тип, “ наведува Андова Шопова.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, пак , посочи дека тричлената комисија била должна да изврши селекција и да достави извшетај до него ако има некакви забелешки. Тој додаде дека очекувал реакција од комисијата и најави дека случајот дополнително ќе се истражува како настанал пропустот. Целиот тираж на збирката ќе биде повлечен.
Јавноста реагираше за две песни од 44 објавени во стихозбирката. Едната е со наслов „Партиски вработена“ која изобилува со сексизам, вулгарности и навреди, додека другата песна во која граѓаните на социјалните мрежи препознаа албанофобија, е со наслов „Моите соседи“. Двете песни се од истиот автор Даниел Пиљаковски. Тој за дел од медиумите изјави дека некој го злоупотребил неговото име и дека случајот ќе го пријави во полиција.

Проектот „Млади поети“ се финансира од Агенцијата за млади и спорт четврта година по ред, а издвоени се околу 150 илјади денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски-Грлиќ Радман: изразена подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ја негуваат во сите сфери од заемен интерес во изминатите 34 години.
Во насока на понатамошно продлабочување на позитивниот тренд во односите, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредување на економската соработка, продлабочување на трговската размена, како и проширување на соработката во областа на енергетиката, здравството, културата и туризмот.
Министерот Муцунски ја реафирмираше благодарноста за континуираната хрватска поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и за ставот дека процесот на проширување на Европската Унија треба да продолжи со засилена динамика. Беше изразена и подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во Европската Унија.
Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.
Посетата на министерот Грлиќ Радман претставува значаен чекор кон понатамошно унапредување на билатералните односи и отвора нова фаза на соработка, која ќе биде заокружена со потпишување на меѓувладин Договор за стратешка соработка, заснован на европските вредности, заемната доверба и почитување.
Македонија
(Видео) Николова до Јаневска: Ја рушите уставната автономија на универзитетите
Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати две прашања до министерката за образование Весна Јаневска, а се однесуваа на ограничувањето на автономијата на универзитетите со предложениот закон за високо образование, односно на одредби со кои Владата дава мислење на статутот, предлага членови во Националниот совет, има влијание врз клучните академски стандарди, бројот на студенти и финансиското работење, со што се нарушува уставно загарантираната самостојност на високообразовните институции. Никлова праша и за примената на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science како критериуми за напредување, што може да доведе до дискриминација на одредени научни области и да создаде простор за институционализиран непотизам.
Почитувана јавност, денес ќе го искористам моето право да ѝ поставам две прашања на министерката за образование, коишто се однесуваат на предложениот закон за високо образование, кој пред неколку недели е прикачен на ЕНЕР.
„Ќе зборувам за две клучни работи за коишто ми се и прашањата.
Прво, за критериумот за напредување – Х-индексот, како и за опасноста од институционализиран непотизам, и второ, за системското разградување на автономијата коешто овој закон го спроведува тивко, но темелно.
Законот инсистира на Web of Science како практично единствено мерило на научната вредност, а Х-индексот го претвора во клучен услов за избор и реизбор во звање. На хартија реално изгледа модерно и објективно, но во пракса станува збор за сведување на науката на бројки, при што се дискриминираат цели научни области, особено општествените и хуманистичките науки, ги става младите истражувачи во невозможна, а со тоа и неправедна позиција и создава формална објективност која лесно се заобиколува со мрежата на моќ.
Дополнително, морам да укажам на уште еден логички и правен парадокс. Законот предвидува повисоки и построги критериуми за реизбор во звање редовен професор отколку за самиот избор во тоа звање. Ова е апсурдно. Не може за едно исто звање со ист правен статус да има едни услови за влез, а други повисоки за да се остане во тоа звање. Тоа ја руши правната сигурност, ја прави академската кариера несигурна“.
Како што рече, законот не нуди реални механизми за спречување на непотизмот.
„Законот не содржи ниту една реална, ефикасна забрана за вработување на деца на професори на истите факултети каде што работат нивните родители.
Напротив, во ваков систем тоа станува дури можност за непотизам на голема врата.
Извршната власт има влијание над основните акти на универзитетот, унапредувањето и вработувањето на кадрите, финансиите, уписот, па дури и опстанокот на институциите. Е, тоа е автономија колку што дозволува власта и министерот.
Затоа ви поставувам две прашања. Како ќе гарантирате дека со примена на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science нема да доведете до дискриминација на цели научни области и млади истражувачи? Уште поважно, како ќе спречите тие формално строги критериуми да не станат параван за непотизам, меѓусебно цитирање и затворени академски кругови?
И второто, како ја усогласувате уставно загарантираната автономија со членовите коишто ви ги посочив, а ги има уште многу, кога кумулативно овие одредби ѝ даваат на извршната власт контрола врз статутот, кадрите, финансиите и опстанокот на универзитетот“.
Македонија
Јаневска: Крајно време е универзитетите и општеството да склучат договор дека ќе работат во полза на младите луѓе кои ќе останат да ја развиваат оваа држава
Новиот Закон за високото образование не дискриминира. Тој бара меритократија, модуларност, повеќе практична настава, интернационализација и поголема соработка, поголема видливост на универзитетите и професорите, фокус на стручни студии и усовршување на вештини што досега ги немало во земјата, интензивирање на учеството на бизнис заедницата во дизајнот на студиските програми и нивна евалуација за адаптација на потребите на пазарот на труд. Законот се базира на политиките на оваа Влада за јавниот интерес на сите граѓани и на оваа држава. Крајно време и е универзитетите и општеството да склучат договор дека ќе работат во полза на младите луѓе кои ќе останат да ја развиваат оваа држава. Универзитетот нема задача само да направи добар стручњак, тој треба да направи одговорна морална личност. За да може тоа да го направи, квалитетот на високото образование треба да се зголеми. Имаме консензус во државата по ова прашање.
Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната собраниска седница, во одговор на пратеничко прашање, појаснувајќи дека условот за објавување на трудови во двете реномирани бази на научни списанија, Web of science и Scopus, бидејќи се однесува на сите универзитети, не дискриминира никого.
Јаневска рече дека в петок ќе се состане работната група за Законот за високото образование и ќе одлучи за дел од забелешките што беа дадени во текот на јавната расправа, а дел од предлозите се веќе имплементирани.
Во врска со укажувањата поврзани со автономијата на универзитетот, министерката одговори дека не се задира во неа, а дека проблем за дел од професорите е што со новиот закон ќе треба да профункционира Советот на универзитетите.
„Советот постоел и во претходниот закон, но не бил формиран, затоа што постоеле луѓе кои се плашеле да го формираат. Тоа е орган или тело, ќе се договориме како ќе се вика, чија главната улога е отчетност, да види што и како работат универзитетите. Не може универзитетите да се надвор од правниот систем. Советот бара отчетност како се трошат јавните парите, како функционира универзитетот, дали го исполнил својот план што тие сами ќе го предложат“, рече Јаневска.
За правото на министерот да запре одлука на Сенатот ако утврди дека некој акт на универзитетот е противзаконски, рече дека е со точно пропишани услови, но дека дополнително побарала од правниците, професори по право да го дефинираат овој член и предлогот да го достават до МОН.

