Македонија
(Видео) „Титаник“ одложен – адвокатите побараа време за увид во доказите
Адвокатите на обвинетите во случајот „Титаник“ побараа да биде одложено денешното судење, како и рочиштата за цел април. Причината, како што наведуваат, е за да направат увид во списите на предметот. Според нив, станува збор за огромен доказен материјал.
Некои од адвокатите поднесоа и приговори за отфрлање на бомбите како доказ во судењето. Адвокатката на ексзаменичката на министерот за правда, Билјана Бришкоска-Бошковски, Татјана Поповски, рече дека нејзината клиентка не добила ниеден доказ.
Адвокатот Донче Наков рече дека потрошол 1 ден за да ги нумерира кутиите со доказите. Тој рече дека користел и паузи од други судења за да направи увид.
Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, рече дека изјавите на адвокатите не се точни бидејќи уште во периодот на истрагата прибирала докази и фаза по фаза им доставувала цедеа и списи. Таа рече дека некои од адвокатите што тогаш им биле застапници на обвинетите имале можност да направат увид.
Во СЈО доаѓале стручни соработници што вршеле увид по 2-3 часа иако можеле тоа да го прават 8 часа дневно. Доказите им беа предадени навреме.
„Јас отидов и чекор понатаму и без законска обврска, повторно ги нумерирав и им ги пратив доказите. Обвинетата Билјана Бришкоска-Бошковски го врати писмото што ѝ го пратив со рачна назнака дека прима докази само преку судот“, рече обвинителката. Дополнителено, рече Стефанова, Апелациониот суд по жалба на СЈО веќе одлучи бомбите да бидат доказ во постапката при оценката на обвинителниот акт.
Судот им го прифати барањето на адвокатите до 12 април да може да прават увид во списите на предметот. Закажани се нови 5 рочишта во мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Четириесет дена откако почина Панчо од „ДНК“, колегите од македонската сцена со трогателни пораки
Четириесет дена по смртта на Владимир Блажев, познат на јавноста како Панчо од хип-хоп дуото „ДНК“, социјалните мрежи повторно се исполнети со неговото име. Колегите, пријателите и неговите најблиски денеска споделија спомени, фотографии и емотивни пораки, покажувајќи колку силна празнина остави неговото заминување.
Една од најемотивните објави дојде од пејачката Ана Костадиновска, која долги години беше дел од придружните вокали на ДНК. Таа на Инстаграм сподели неколку заеднички моменти со Панчо, придружени со кратка, но искрена порака што допре многумина: „40 дена. Недостасуваш… Многу!“.
Фотoгрaфиите покажуваат сцени од настапи, патувања и задкулисни моменти – сведоштво за една силна професионална и пријателска врска.
Своја приказна сподели и Елена Ристеска. Таа објави стара фотографија од нивната прва успешна соработка, кога во 2016 година заедно освоија три награди на Македонскиот радиски фестивал – МАРС.
Пејачката Теа Трајковска, која исто така имала свои проекти со ДНК, сподели фотографија со Панчо, со кратка порака дека спомените вечно ќе останат живи.
Панчо, кој трагично ги загуби битките со тешките повреди по пожарот во дискотеката „Пулс“, останува силно присутен меѓу неговите колеги. Тој почина по тешка борба во болница со повредите кои ги доби во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Македонија
700 наместо 200 луѓе на концертот на Аца Лукас , СДСМ бара истрага и одговорност
СДСМ реагира поради приведувањето на српскиот пејач Аца Лукас, потенцирајќи дека на концертот имало преку 700 посетители во локал кој по закон не смее да прими ниту 200 лица. Според партијата, ова покажува дека и полицијата на Тошковски и општината на Митко Јанчев биле запознати со настанот, знаеле дека нема безбедносни услови за негово одржување, но не презеле ништо, дозволувајќи концертот да се случи, кој бил прекинат дури во текот на настанот.
Од СДСМ поставуваат повеќе прашања до надлежните: зошто настанот воопшто бил дозволен и биле пуштени 700 луѓе во ризик, зошто организаторите и сопственикот на локалот не се повикани на одговорност, дали дискотеката ги запазила сите прописи, и дали МВР не повторува ризични практики како во Кочани.
Според информации, полицијата го прекинала настанот дури после полноќ, во 00:10 часот, откако локалот со часови бил преполн.
СДСМ бара итна истрага и санкционирање на сите кои дозволиле да се одржи настанот, од МВР до организацијата, со повик до министерот Тошковски да излезе со одговорност.
Македонија
Владата ги отфрла тврдењата на опозицијата за наводна нетранспарентност околу ИПАРД
Владата категорично ги отфрла тврдењата на опозицијата за наводна нетранспарентност околу скандалот со ИПАРД програмата.
-Апсолутно го отфрлам ова тврдење дека се крие нешто во однос на таа постапка. Знаете дека сме максимално транспарентни, изјави на денешната прес-конференција портпаролката Марија Митева, одговарајќи на новинарски прашања.
Таа дополни дека очекува Министерството за земјоделство и сите надлежни институции, вклучително и судските органи кои постапуваат надвор од извршната власт, да ги дадат своите информации за состојбите.
Портпартолката на СДСМ Богданка Кузеска денеска на прес-конференција обвини дека „две недели по скандалот за ИПАРД, наместо да даде одговор на клучните прашања, министерот Цветан Трипуновски бега од одговорност, од вистината за суспензијата на парите а бега и од одговори“.
Средствата од ИПАРД 3 програмата (2021–2027) во Македонија се привремено суспендирани поради проблеми и сомнежи околу работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, што предизвика прекин на исплатите како превентивна мерка за заштита на европските фондови.

