Македонија
(Видеоинтервју) Нано Ружин: Спорот за името ќе биде решен, но голем проблем е промената на Уставот
Универзитетскиот професор и експерт по внатрешна и надворешна политика, Нано Ружин, во интервју за „А1он“ и „Макфакс“ вели дека доколку дојде до евентуален договор за името помеѓу Скопје и Атина, Русија нема да стави вето на него, односно нема да го попречи патот на Македонија кон ЕУ и НАТО.
„Русија не би се впуштила во таква игра бидејќи договорот е мошне важен за целиот Балкан и за двете држави и би било навистина голем скандал кога во рамките на Советот за безбедност би се случило такво нешто“ – вели Ружин.
Одлуката на Грција да не протера руски дипломат од својата држава Ружин ја толкува како обид на јужниот сосед да се наметне како независна сила и како држава што води сопствена политика. Но, според него, во одлучувањето големо влијание имале и традиционалните и економските односи што ги имаат двете земји. Но, и покрај добриот однос што го имаат Грција и Русија, Ружин смета дека Русија нема да се обиде преку нашиот сосед да ѝ го попречи патот на Македонија кон ЕУ и НАТО.
„Големите сили секогаш имаат одреден маневарски простор да влијаат врз помалите држави, особено ако се работи за држави што се стратешки многу важни, но Грција има друг проблем, а тоа е Турција. Она што најмногу ги плаши Грците е пријателството помеѓу Русија и Турција“ – вели Ружин.
Според универзитетскиот професор, протерувањето на рускиот дипломат од Македонија ќе има позитивно влијание кај Европската Унија и НАТО во спорот за името.
„Македонија ја проследи политиката што доаѓа од Брисел и Вашингтон и тоа е одлука што го подели јавното мислење во државата. Секако дека во тој контекст, во целата неповолна ситуација, има една поволна, а тоа е Македонија која не е осамена во тоа протерување. Сите држави протераа по еден или повеќе руски дипломати. Јас, искрено, сум против таа политика на протерување како принцип во меѓународните односи бидејќи веднаш асоцира на студената војна“ – рече Ружин.
Во поглед на протерувањето на рускиот дипломат од Македонија, Нано Ружин не очекува радикални санкции од страна на Русија и смета дека изјавата на рускиот амбасадор, Олег Шчербак, кој рече дека по оваа одлука, Македонија ќе биде цел на Русија, е претерана.
„Очекувам дека Русија нема да возврати со манифестирање сила против една мала држава како што е Македонија. Изјавата на рускиот амбасадор во која кажа дека Македонија ќе биде цел доколку дојде до конфликт помеѓу НАТО и Русија е малку претерана. Таков напад теориски не е можно да се случи бидејќи тоа би било крај на нашата планета. Доколку би се војувало и со класични оружја, Македонија е заштитена затоа што имаме партнерство со САД, а исто така и поради тоа што Македонија е значајна во целото тоа евро-атлантско партнерство – истакна Ружин по што додаде дека можно е да има некоја економска казна, но и во тоа се сомнева бидејќи увозот на Македонија од Русија е финансиски многу поголем отколку извозот на Македонија кон Русија.
Спорот за името се актуализира во последните неколку месеци по зачестените средби на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција. Ружин смета дека решение за спорот за името ќе се најде, но голем проблем прави грчкото барање за промена на Уставот на РМ.
„Денеска, првпат од историјата на појавата на овој проблем имаме двајца лидери кои имаат желба да го решат спорот, дури и по цена да загубат од својата политичка популарност меѓу гласачите. Грците при промена на името на Република Македонија инститираат на промена на Уставот. За тоа е потребно двотретинско мнозинство, што ВМРО-ДПМНЕ нема да го прифати. Ќе рече дека е од патриотски причини, но сепак се работи за интерес – вели Ружин.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

