Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Пациентите со месеци чекаат за обично снимање
Опозицијата денеска на прес-конференција упати критики за министерот за здравство, Венко Филипче, кој, како што велат, не успеал да реализира ниту еден проект со бенефит за пациентите, а неговите настапи се сведуваат на идни ветувања со неодреден рок.
„СДСМ и Филипче најавуваат спречување на кризите со недостиг на лекови, а граѓаните секојдневно се сведоци на недостиг на лекови на рецепт по 10 во месецот. Во аптеките често недостига инсулин, недостигаат лековите за хронична терапија, а редовно има и недостиг на лекови за ретки болести од кои на оваа група пациенти со ретки болести им зависи животот“, рече Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека министерот најавил заменување и надградување на системот „Мој термин“, но, наместо тоа, го уназадува.
„Драстично е зголемено времето на чекање за неопходни здравствени услуги и снимања, како што се мамографија, компјутеризирана томографија, магнетна резонанција. Според податоците на јавната страница на системот „Мој термин“, за компјутеризирана томографија во државата се чека и до 80 дена, односно околу 3 месеци, за магнетна резонанција и мамографија по 2 месеца, а за електромиографија една од клучните дијагностички методи во неврологијата, едноставно нема ниту еден слободен термин каде било во државата во следните месеци. Пациент од кој било град од државата треба да чека со месеци за обично снимање на компјутер или магнет, испитувања од кои можеби им зависи животот“, рече Николов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.